Ако сте под стрес подолг временски период, тоа може да ви го смени
апетитот,и да го зголеми ризикот да се здебелите. Треба да научиме
како да се справуваме со стресот, и тоа е една од стратегиите која
може да ни помогне како полесно да се справиме со дебелината.
Нормално е да имаме стресови, како одговор на сите предизвици во
животот, и многу често ни се случуваат. 35 проценти од луѓето во 142
држави, кои одговориле на глобалната анкета Gallup во 2018 година,
рекле дека се под стрес поголем дел од денот. Ваквиот стрес најчесто е
краткотраен, како на пример кога нè загрижува ситуација дали ќе
стасаме некој краен рок, и тоа може да нè поттикне
да преземеме акција.
Но ако сме под стрес подолг временски период, може да ни страда здравјето.
Тогаш не спиеме
добро и не се движиме многу. Ни се менува и времето на јадење па
посегнуваме по повеќе нездрава
храна. Сите овие реакции како одговор на стресот, имаат улога во
зголемувањето на ризикот да се здебелиме.
Стресот е дел од одговорот на нашето тело којшто нè поттикнува на
„борба или бегство“, а притоа веќе илјадници години ни помага да
преживееме во опасни ситуации. И тоа вообичаено го искусуваме краток
временски период. Но имајќи предвид дека луѓето денес се под стрес
поголем дел од денот, одговорот на стрес е постојано активиран.
Кога се случува ова, нивото на кортизол, кој е еден од главните
хормони вклучени во одговорот на стрес, се зголемува. Еден од ефектите
на зголеменото ниво на кортизол е зголемувањето на апетитот.
Па така, ако сме постојано под стрес, поверојатно е дека ќе јадеме повеќе.
И тоа не која било храна. Испитувањата покажале дека кога сме под
стрес нè привлекува високоенергетска храна. Тоа можеби се должи на
фактот дека овој тип храна може да ни помогне во ослободувањето од
стресот. Поради тоа се нарекува „храна
за утеха“.
Според тоа, стресот не нè наведува само да јадеме повеќе, туку и да
го смениме типот
на храната што сакаме да ја јадеме. Тоа објаснува зошто луѓето
што живеат со дебелина имаат склоност кон повисоко ниво на кортизол во
однос на луѓето со нормална телесна тежина. Исто така, поради стресот
сме изложени на ризик полошо да спиеме,
да пиеме повеќе алкохол и помалку да се движиме, а сето тоа го
зголемува и ризикот да се здебелиме.
Што може да преземеме? Постојат голем број различни пристапи што може
да ви помогнат да се справите со стресни ситуации или кога сте под
стрес. Како водич за справување со стресот и јадењето под стрес,
прочитајте го текстот Грижете
се за себе: 8 начини за справување со стресот и телесната тежина.