Грижете се за себе: Осум начини за справување со стресот и телесната тежина
Кога чувствуваме дека сме изгубиле контрола врз работите, природно е
да сме под стрес. Во продолжение се наведени некои здрави начини за
справување со стресот што може да ви помогнат при смирувањето и одново
да си воспоставите контрола.
Стресот им помагал на луѓето да преживеат илјадници години. Но
современиот начин на живот може да ни го одржи нивото
на стрес на високо ниво толку долго време поради што почнува да
ни страда здравјето. За некои луѓе, јадењето вкусна и високоенергетска
храна претставува начин за справување
со стресот. Тоа може да доведе до зголемување нa телесната
тежина и ризикот од дебелеење.
Ова не е невообичаено. Според извештајот „Stress in America“
(„Стресот во Америка“) од 2017 година, 43 проценти од
Американците се прејадуваат кога се под стрес.
Проблемот е што стресот често го предизвикуваат работи што сè уште не
се случиле. Се грижиме за состаноци, промена на работното место или
можеби за иднината на нашата врска. Тешко е да се контролира она што
ќе се случи во иднина. Но може да го контролирате начинот на којшто одговарате
на чувствата кога сте под стрес.
Некои симптоми на благ стрес вклучуваат проблеми со спиењето, немир
или „пеперутки“ во стомакот. Ако ова ви звучи познато, во продолжение
се наведени осум начини што може да ви помогнат да си воспоставите
контрола и да останете смирени.
1. Препознајте го изворот на стресот
Обидете се да ги препознаете дразбите. Дали постојат одредени
ситуации или проблеми што може да ви предизвикаат стрес? Размислете
дали можете да преземете нешто во врска со тоа. Ако можете, направете
план и запишете го. На пример, ако сте под стрес затоа што имате многу
работа, може да закажете состанок со вашиот претпоставен и да
разговарате за обемот на работата.
2. Како реагирате на стресот?
Добрата вест е дека можеме да научиме нови начини на кои можеме да
одговориме на стресот. Идејата е да утврдиме како реагираме и да
научиме нов, поздрав начин на справување со стресот.
3. Надминете го стресот со зголемена физичка активност
Вежбањето може да ни помогне да се чувствуваме добро и да ни го
подобри расположението. Пробајте активности во кои ќе уживате и ги
сметате за корисни.
4. Медитирајте
Медитацијата ни помага да се сосредоточиме на сегашноста наместо да
се грижиме што може да се случи во иднина. Може да почнете со вежби за
дишење за да се смирите или да слушате релаксирачка музика. Постојат
голем број апликации за концентрација и медитација, како што е
Headspace, коишто се направени специјално за оваа намена.
5. Спијте подобро во текот на ноќта
Нормално е да не спиете добро кога сте под стрес. Но за здравјето на
возрасните луѓе важно е да спијат меѓу седум и девет часа секоја ноќ.
Размислете дали постои начин да ги подобрите навиките за спиење. Ако
ви треба помош, прочитајте
ги нашите препораки за добар сон во текот на ноќта.
6. Променете ја навиката за јадење како решение кога сте под
стрес
Се чини дека јадењето станува механизам за справување со стресот,
иако сакаме да останеме здрави и да јадеме умерено. На крајот на
краиштата, знаеме дека вкусната храна сите нè расположува. Но за некои
луѓе тоа може да стане маѓепсан круг на зависност од кој нема излез.
Обидете се да забележите кога ви се јавува стресот и притоа како
реагирате во стресни ситуации. Потоа потрудете се да пронајдете здрав
одговор така што ќе правите нешто во што навистина уживате.
7. Побарајте помош и помогнете им на оние кои имаат потреба
Разговор со пријател или близината на членови од семејството што ве
поддржуваат може да помогне да се намали стресот. Но истражувањата
покажале дека давањето социјална поддршка на други луѓе, исто така,
може да ве ослободи од стресот.
8. Кога ви е потребна стручна помош во справувањето со стресот
Понекогаш справувањето со стресот не е едноставно. Погоре
предложените стратегии може да влијаат само на благите симптоми на
стрес. Ако се симптомите посериозни, вклучувајќи агресивност,
заборавеност или необјаснива болка, проблеми со спиењето и помала
желба за дружење, важно е да побарате стручна помош. Во ваков случај
здравствен
работник може да ви помогне да пронајдете здрави механизми за
справување со стресот.
Референци
Chao A, Grilo CM, White MA & Sinha R. Food cravings mediate
the relationship between chronic stress and body mass index.
Journal of Health Psychology 2015; 20(6):721-729.
Guyenet S. The hungry brain. Outsmarting the instincts that
make us overeat. New York: Flatiron 2017.
Forman E
& Butryn M. Effective Weight Loss: An Acceptance-Based
Behavioral Approach - Treatments That Work (Workbook Ed.). New
York: Oxford University Press 2016.
Fox KR. The influence
of physical activity on mental well-being. Public health
nutrition 1999; 2(3a):411-418.
The Harvard Gazette.
Health & Medicine: With mindfulness, life’s in the
moment:
https://news.harvard.edu/gazette/story/2018/04/less-stress-clearer-thoughts-with-mindfulness-meditation/
[Accessed July 2019].
Spaeth AM & Dinges DF. Sleep and
obesity. In: Thomas A Wadden & George A Bray (eds.). Handbook
of Obesity Treatment. New York: Guilford Press 2018.
Sapolsky RM. Why zebras don’t get ulcers. The acclaimed guide
to stress-related disease, and coping (3rd ed.) St.
Martin’s Griffin 2004.
Стресот и дебелината: Зошто посегнуваме по вкусна храна
Ако сте под стрес подолг временски период, тоа може да ви го смени
апетитот,и да го зголеми ризикот да се здебелите. Треба да научиме како
да се справуваме со стресот, и тоа е една од стратегиите која може да ни
помогне како полесно да се справиме со дебелината.
Моето искуство со дебелината: Од некој кој јадел за утеха до модел со
плус килограми
„Имав 28 години и 180 килограми. Бев мажена и мајка на две прекрасни
момчиња. Можев да бидам среќна за многу работи во животот, но бев многу
депресивна. Не сакав да зборувам за тоа. Не сакав да признаам дека имам
проблем со тежината. Луѓето ме прашуваа: „Како стигна до оваа тежина?
Како стигна до 180 килограми?“
Величината на вашите фармерки? Таа се крие во вашите гени
Исто како што се раѓаме со одредена боја на очите, може да се родиме со
склоност кон дебелеење. И исто како што никого не го обвинуваме поради
бојата на очите, не треба да ги обвинуваме и луѓето кои имаат генетска
предиспозиција да се здебелат.