Острец
Острец | |
Воздушен поглед на селото Острец | |
Координати 40°55′59″N 21°18′0″E / 40.93306° СГШ; 21.30000° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 161 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7223 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02090 |
Надм. вис. | 920 м |
Слава | Бајрам |
Острец на општинската карта Атарот на Острец во рамките на општината | |
Острец на Ризницата |
Острец — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Според една легенда, на место наводно дрварите од околните села ги остреле секирите, па затоа најпрвин месноста, а потоа и селото кое се создало на ова место го добило тоа име. Според друга верзија, името доаѓа од местоположбата на селото, односно така веќе се именувал некој врв или рид во неговата околина.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во југозападниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, чиј атар се издига до сртот на планината Баба, со што може да се смета како потпелистерско село. Воедно, атарот на селото се допира со подрачјето на Општина Ресен.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 960 метри.[2] Од градот Битола, селото е оддалечено 18 километри во јужна насока.[3]
До селото води локален асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333 и минува низ соседното село Велушина.
Селото е планинско, сместено во долината на Остречка Река. Соседни села се Злокуќани, Кишава и Велушина. Острец изобилува со изворска вода за пиење. Поглавни извори се Крој Фтовт, Крој Чокут и други.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кодра-Шутаре, Ливаде-Мад (Голема Ливада), Ѓол, Ара-Шаќирит (Шаќирова Нива), Мулојна (Воденица), Маја-Рудинес, Пљака-Кече, Ѓури-Бард (Бел Камен), Вори-Џипит, Каља, Умишта, Мушка-Каурит, Шкала-Кече, Борја, Муризи, Гропа и Тумба-Беликут.[4]
Селото има збиен тип, издолжено во насока исток-запад. Се состои од онолку маала, колку што има родови во селото, а тие се именувани по нив.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Каља е возвишение јужно од селото (на карти е обележано како Голем Камен, 1.323 м.). Според народното предание, таму некогаш постоела римска утврдена населба. На врвот на возвишението се забележуваат дупки и слаби остатоци од ѕидови. Денес, таму има шума.[4]
Во еден пишан документ, селото се споменува помеѓу 1650 и 1750 година.[4]
Острец е сега албанско село. Народното кажување наведува дека Албанците во селото дошле кон крајот на XVIII или на почетокот на XIX век. Не се знае дали кога дошле во селото затекнале старо словенско население. Арбанасите што дошле во селото имаат потекло од областа Мат во Северна Албанија. Тие говорат слично како Албанците од соседното Злокуќани, додека се разликуваат од Албанците од соседната Кишава и другите битолски албански села. Од Албанија се иселиле поради појава на колера.[4]
До Првата светска војна, бројот на Албанците во Острец се зголемил на околу 140 домаќинства. Во време на војната и одма после нејзе (1920), многу мештани се иселиле, најмногу во Турција и во Албанија. Во текот на првото доселување дошле седум домаќинства од кои настанале сите селски родови. Во почетокот, селото имало разбиен тип поделено на Долен, Среден и Горен Острец, а подоцна сите куќи се групирани.[4]
Според едно кажување, една јака зима поради глад и голем студ, сите мештани на селото заминале во околината на Воден каде останале до почетокот на летото, па се вратиле во своето планинско село.[4]
Вкупно 9 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е релативно голем и зафаќа простор од 17,7 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 848 хектари, на пасиштата отпаѓаат 471 хектар, а на обработливото земјиште 364 хектари.[3]
Селото, во основа, има мешовита земјоделска функција. Во него работат неколку услужни објекти.[3]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Острец живееле 550 жители, сите Албанци муслимани.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Острец се води како чисто албанско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 108 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 500 Албанци.[8]
Острец е село населено исклучително со албанско население и преминало од средно во мало село по големина. Така, селото во 1961 година броело 526, а во 1994 година 260 жители.[3]
Според пописот од 2002 селото броело 229 жители, од кои 228 Албанци и 1 останат.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 161 жител, од кои 154 Албанци и 7 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 550 | 760 | 408 | 488 | 526 | 441 | 633 | 321 | 260 | 229 | 161 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]
Родови
[уреди | уреди извор]Острец е албанско муслиманско село.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото: Суљај (6 к.), доселени се од областа Мат во северна Албанија, го знаат следното родословие: Бесим (жив на 30 г. во 1950-тите) Мурат-Шемшедин-Сали-Зеќир-Суљо, основачот на родот кој се доселил; Балај (10 к.), Матај (5 к.), Чилафај (5 к.), Ликај (5 к.), Љоцај (5 к.), Таилар (5 к.), Етемај (5 к.), Оџалар (3 к.), Маљолар (3 к.), Меметолар (3 к.) и Асанај (4 к.), доселени се исто така од областа Матија, во родот Балај се знае следното родословие: Ајдар (жив на 31 г. во 1950-тите) Зеќир-Авмет-Раман-Бала, се доселил таткото на Бала; Дардаси (8 к.) доселени се од селото Дарда во Љура, го знаат следното родословие: Адем (жив на 74 г. во 1950-тите) Реџеп-Адем-Ибраим, кој се доселил.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Населението мигрира во Битола, Турција, околните села, Австралија, САД, Канада, Германија и други земји во светот.[4]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Острец било чисто албанско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Острец се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Олевени и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Велушина, во која влегувале селата Велушина и Острец.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0156 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 210 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 212 гласачи.[17]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Џамии[18]
- Џамија — главна селска џамија
- Споменици
- Спомен-плоча на НОБ, поставена на основното училиште
- Реки[19]
- Остречка Река — река низ селото
-
Водопад на Остречка Река
-
Селската џамија
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[2]
- Бајрам — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Починати во Острец
- Минела Бабуковски — партизан
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Острец“. Мој Роден Крај. Архивирано од изворникот на 2024-10-03. Посетено на 3 октомври 2024.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 225. Посетено на 3 октомври 2024.
- ↑ 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 211-213. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 18.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 октомври 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 5 октомври 2024.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 53. ISBN 978-9989-2117-6-8.