Олевени
Олевени | |
Воздушен поглед на селото Олевени | |
Координати 40°58′0″N 21°22′0″E / 40.96667° СГШ; 21.36667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Битола |
Област | Пелагонија |
Население | 146 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7221 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02087 |
Надм. вис. | 650 м |
Слава | Атанасовден |
Олевени на општинската карта Атарот на Олевени во рамките на општината | |
Олевени на Ризницата |
Олевени — село во областа Пелагонија, во Општина Битола, во околината на градот Битола.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Околината на селото била богата со многу оревови стебла, па затоа мештаните на околните села, олевенци прво ги викале оревци, а подоцна овој збор се трансформирал во олевци и на крај во олевенци, со што и селото го добило името Олевени.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Пелагонија, во југозападниот дел на Битолското Поле и на територијата на Општина Битола, под источната страна на планината Баба. Селото исто така се наоѓа недалеку од потпланинскиот локален пат Битола-Бистрица-гранична линија со Грција.[3] Селото е рамнинско, сместено на надморска височина од 650 метри. Од градот Битола, селото е оддалечено 11 километри во јужна насока.[3]
До селото води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 2333.
Олевено е мало потпланинско село, сместено помеѓу Барешани на југ и Бистрица на север. Мештаните се снабдувале со вода за пиење од една чешма изградена во 1929 година, чија вода доаѓа од изворот Селиште. Претходно користеле бунарска вода.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Кула, Терзиов Врв, Св. Илија или Брце, Бабина Нива, Бела Вода, Тумба, Слогои, Љуљојца, Бел Камен, Чаир, Жабенска Река, Татарица, Кладенче, Големи Ниви, Горица, Коловози, Мазникоица, Калеинца, Топила, Беделица и Огради.[4]
Селото има збиен тип, а поединечни групи на куќи се наречени по родовите.[4]
Историја
[уреди | уреди извор]Во антиката, патот Вија Егнација поминувал преку денешното село Олевени.[5]
Во отоманските документи, селото се споменува како Халевени во 1636 година (помеѓу 23 август и 1 септември) во еден договор за заем склучен помеѓу вакафот на Ибрахим Челеби и населението од селото. Заемот изнесува 4.000, а лихвата 600 акчиња.[6]
Остатоци од старини се наоѓаат на повисок терен западно од денешното село. Според преданието, таму најпрвин се наоѓало старото село Олевени. Подоцна било преместено на денешната пониска местоположба. Околу споменатото селиште постоеле четири црквишта: Св. Петка, Св. Илија, Св. Атанас и Св. Ана. Во 1936 година таму биле подигнати нови цркви, а околу нив биле пронајдени стари гробови.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото не е голем и зафаќа простор од 4,7 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 301 хектар, а на пасиштата отпаѓаат 148 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото работат услужни објекти.[3]
За време на турското ропство земјата од ова село припаѓала на Сали-ефенди од Битола. Потоа ја наследиле неговите синови и ќерки, па така во 1912 година тука се затекнати 6-7 чифлици чии сопственици биле: Сулеман, Афус (од селото Злокуќани) и други. Тие имале и свои беговски кули. Малку своја земја имале само пет семејства: Бошковци, Размови, Ѓорговци, Котевци и Атанасковци. Жителите ја откупиле земјата од 1912 до 1936 година.[4]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Олевени живееле 230 жители, сите Македонци.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Олевени се води како чисто македонско село во Битолската Каза на Битолскиот Санџак со 24 куќи.[8]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Олевени имало 176 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 200 Македонци.[10]
Олевени е мало село, коешто во 1961 година имало 283 жители, од кои 279 биле Македонци, а тројца жители Албанци. Во 1994 година бројот се намалил на 154 жители, сите македонско население.[3]
Според пописот од 2002 селото брои 157 жители, од кои 156 Македонци и 1 Србин.[11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 146 жители, од кои 133 Македонци, 3 Албанци, 1 Србин, 4 останати и 5 лица без податоци.[12]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 230 | 176 | 279 | 302 | 283 | 295 | 267 | 234 | 154 | 157 | 146 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]
Родови
[уреди | уреди извор]Олевени е македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.[4]
Според истражувањата од 1951 година, родови во селото:
- Македонски родови:
- Староседелски родови: Ѓорговци (9 к.), Бошковци (9 к.), Котевци (1 к.), Атанасковци (2 к.) и Размовци (1 к.).
- Доселенички родови: Тасевци (2 к.), местото на потекло не го знаат; Ласковци (3 к.), доселени се од селото Новаци, имаат роднини во Путурус, а тоа се Џековци, подалечно потекло од Леринско; Марковци (3 к.), доселени се од Габалавци; Пујовци (3 к.), доселени се од Барешани, а таму се доселени од селото Клештино, Леринско; Николовци (2 к.), од Бистрица иселени се во Клабучишта, па од таму во Негочани во Леринско, и на крај во денешното село; Трпковци (4 к.) и Тодоровци (3 к.), доселени се од Барешани; Калимановци (2 к.), доселени се од Бистрица, подалечно потекло од Мариово; Трајковци (1 к.), од Мариовско се иселиле во Крстоар, а од Крстоар во денешното село; Димовци (2 к.) и Шамеловци (1 к.), доселени се од Барешани, првите таму се викале Дујовци, а вторите Анаќијовци.
- Ромски родови: Рамадан (1 к.) и Мазлам (1 к.), доселени се 1950 година од Ресен и работеле како селски говедари.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Се знае за следниве иселени родови: Олевци (2 к.), живеат во Граешница, Христовски (1 к.), живеат во Породин и Каракачеви (1 к.), живеат во Канино.[4]
Од селото се имаат иселено над 200 лица.[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Подрачното основно училиште „Крсте Петков Мисирков“, петгодишно основно училиште во состав на ОУ „Крсте Петков Мисирков“ - Бистрица
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]На крајот од XIX век, Олевени било чисто македонско село во Битолската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Битола, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Бистрица.
Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Битола. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Велушина, во која покрај селото Олевени се наоѓале селата Барешани, Велушина, Граешница, Драгош, Жабени, Канино, Кишава, Лажец, Острец и Породин. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Бистрица, во која влегувале селата Бистрица, Злокуќани, Кравари, Крстоар и Олевени.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0151 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[17]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 114 гласачи.[18] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 123 гласачи.[19]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[20]
- Св. Ана — осамен наод од хеленистичко време.
- Цркви[21]
- Црква „Св. Ѓорѓи“ — главната селска црква;
- Црква „Св. Илија“ - се наоѓа западно од селото на место каде некогаш се наоѓало старото село. Изградена е во 1936 година;
- Црква „Св. Атанас“ - се наоѓа западно од селото на место каде некогаш се наоѓало старото село. Изградена е во 1936 година;
- Црква „Св. Петка“ - се наоѓа западно од селото на место каде некогаш се наоѓало старото село. Изградена е во 1936 година; и
- Црква „Св. Ана“ - се наоѓа западно од селото на место каде некогаш се наоѓало старото село. Изградена е во 1936 година.
- Параклиси
- Параклис „Св. Антониј“ - мал параклис на местото каде некогаш се наоѓало старото село.
- Манастири
- Олевенски манастир - комплекс на местото на старото село, околу кое има три изградени цркви и еден параклис
- Споменици
- Спомен-плоча од НОБ за борецот Иван Неделковски
-
Спомен-плочата од НОБ
-
Црквата „Св. Ана“
-
Црквата „Св. Ѓорѓи“
-
Црквата „Св. Илија“
-
Црквата „Св. Петка
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави[4]
- Атанасовден (15 мај) — селска слава
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Поглед на селото
-
Селската чешма
-
Стара куќа во селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Архивирано од изворникот на 2023-02-04. Посетено на 2024-27-09. Проверете ги датумските вредности во:
|accessdate=
(help) - ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 219. Посетено на 27 септември 2024.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 4,5 4,6 4,7 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 210-211. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ Вија Егнација - Олевени, Посетено на 2021-08-06
- ↑ Турски документи за историјата на македонскиот народ, серија прва (1980). Скопје: Архив на Македонија. Стр.29
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 236.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 12.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 168-169.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 септември 2024.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 28 септември 2024.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 38. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.