Прејди на содржината

Историја на хебрејскиот јазик

Од Википедија — слободната енциклопедија

Историјата на хебрејскиот јазик е една од најдокументираните меѓу јазиците во светот.

Според класификацијата, хебрејскиот е дел од кананските јазици, кои пак се дел од северозападните семитски јазици од големото семејство на семитски јазици.[1]

Според Аврахам Бен Јосеф, хебрејскиот јазик се воздигнал како секојдневен јазик на широките маси во Израелското Кралство и во Јудејското Кралство во периодот од 1200 до 586 година п.н.е.[2] Помеѓу научниците се развила дебата за тоа до кој степен хебрејскиот бил секојдневен јазик на општење во древните времиња по Вавилонскиот егзил, кога во тој период доминантен меѓународен јазик бил староарамејскиот.

Во доцниот Древен период хебрејскиот исчезнал како секојдневен јазик на општење, но продолжил да биде употребуван како книжевен јазик на Јудаизмот. Во тој период се развиле различни писмени форми на јазикот, па така овој период започнува со средновековниот хебрејски па сè до неговото повторно оживувањето како секојдневен јазик на општење во доцниот 19 век.[3][4]

Најрани хебрејски записи

[уреди | уреди извор]
Шебновиот натпис, од гробот кој бил пронајден во Силоам. Натписот датира од 7 век п.н.е.

Во јули 2008 година израелскиот археолог Јосеф Гарфинкел открил керамички остатоци во Кирбет Кејафа, за кои тврдел дека се најстарите записи на хебрејскиот, кои пак ги датира на старост од 3000 години.[5] Археологот Амихај Мазар од Хебрејскито Универзитет изјавил дека записите се „праканански“, но предупредил дека „разликите помеѓу писмото, и помеѓу самите јазици во тој период остануваат нејасни“ и додал дека да се именува тој натпис како „хебрејски“ е преголем залак.[6]

Гезерскиот календар исто така датира од 10 век п.н.е., од почетокот на „монархискиот период“, традиционално име на периодот од владеењето на кралевите Давид и Соломон. Натписот на календарот се класифицирал како архаичен библиски хебрејски јазик и тој всушност претставува список на сезонски и поврзани земјоделски активности. Календарот, кој е именуван според градот каде е пронајден, е испишан на старосемитско писмо, слично на феникиското и истиот нема употреба на самогласки.

Бројни постари табли се пронајдени во регионот соо слични писма напишани на други семитски јазици. Се верува дека оригиналниот извор на ова писмо е египетското хиероглифско писмо. Фонетските вредности се зададени според акрофонските принципи. Заедничкиот предок на хебрејскиот и феникискиот се нарекува канански и тој бил првиот кој користел семитско писмо различно од египетскиот. Еден древен документ за хеберскиот е Моапскиот камен, како и Силоамскиот натпис, кој е пронајден во близина на Ерусалим. Понатака, значаен за развојот на хебрејскиот и историјата на раниот развикот на јазикот се и остраконите кои се пронајдени во близина на Лахиш кои пак даваат објаснување за настаните поврзани со последното заземање на Ерусалим од страна на Вавилон во 586 п.н.е.

Библиски хебрејски

[уреди | уреди извор]
Силоамскиот натпис денес се чува во Археолошкиот музеј во Истанбул.

Класичниот хебрејски јазик, или попознат како библиски хебрејски јазик, во поширока смисла на зборот бил во својот подем од 10 век п.н.е. до 4 век.[7] Самиот поим „библиски хебрејски“ опфаќа неколку значајни и меѓусебно совпаѓачки дијалекти. Така, етапниот развој на јазикот, односно неговите фази се именувани според одредени значајни книжевни дела:

  • архаичен библиски хебрејски јазик - развојниот период на хебрејскиот од 10 до 6 век п.н.е., кој патем се совпаѓа со т.н. „монархиски период“ (Јудејското Царство и Израелското Царство) па сè до Вавилонското ропство. Овој период се создале одредени дела од Еврејската Библија, Танах, особено Мејсеевата песна и Деборината песна. Овој период исто така се именува и како старохебрејски или палеохебрејски и се запишувал на палеохебреско писмо. Од ова писмо произлегло самаритското писмо, кое и денес се користи.
  • библиски хебрејски јазик - развојниот период на јазикот од 8 до 6 век п.н.е., кој пак се совпаѓа со доцниот монархиски период. За време на овој перид бил напишан поголем дел од содржината на Еврејската Библија. Формата на јазикот е зачувана и денес во светите дела на Јудаизмот. Оваа фаза на јазикот е позната и како ран библиски хебрејски, класичен библиски хебрејски или само класичен хебрејски.
  • доцен библиски хебрејски јазик - развојниот период на јазикот од 5 до 3 век п.н.е. Овој период се совпаѓа со персискиот период и е претставен со помал број дела од Еврејската Библија, како што се книгите според Езра и Нехемија. Воглавно овој период е скоро ист со библискиот период, само што на пример во овој период се забележуваат странски зборови од законодваната сфера (поради влијанието на помоќните држави). Покрај тоа, во овој период се користо претставката „ше-“ наместо „ашер“ (кој, кое). Во овој период се прифатило арамејското писмо како осново писмо за пишување на јазикот, што како директна последица го имаме денешното современо хебрејско писмо.
  • израелски библиски јазик - предложен дијалект на библискиот хебрејски јазик.

По т.н. библиски период на хебрејскиот јазик, јазичарите опишуваат уште два „пост-библиски“ периоди:

Монети издадени од времето кога се дигнало востанието. Се забележува палехебрејски текст.
  • хебрејскиот јазик од Свитоците од Мртвото Море - според јазичните описи овој период е од 3 век п.н.е. па до 1 век. Овој период се совпаѓа со хеленскиот и римскиот период, пред разрушувањето на Храмот во Ерусалим. Кумрановите свитоци се претставници на овој период, кои пак се составен дел од Свитоците од Мртвото Море. Поради тоа, понекогаш овој период се именува и како „кумранов хебрејски период“. Империското арамејско писмо од 3 век п.н.е. се развило во современото хебрејско квадратно писмо.
  • мишнајски хебрејски јазик - историски период на хебрејскиот јазик од 3 или 4 век. Овој период се совпаѓа со римскиот период и падот на Храмот во Ерусалим. Периодот е претставен од делата Мишна и Тосефта од Талмудот, како и од Свитоците од Мртвото Море. Периодот исто така е познат како „танајски период“ или „ранорабински хебрејски“.

Понекогаш, горе напоменатите развојни фази на јазикот се сместуваат во „библискиот хебрејски“, вклучително и дијалектите од 10 век п.н.е. па до 2 век, како и мишнајскиот хебрејски, вклучувајќи ги дијалектите од 3 век п.н.е. па до 3 век.[8] Како и да е, денес, повеќето хебрејски јазичари ги класифицираат дијалектите од Свитоците од Мртвото Море како дијалектна група која се развила од доцниот библиски хебрејски јазик во мичнајскиот хебрејски, па така вклучувале елементи и од двете фази но сепак ја задржале својата посебност и одделност.[9] Со почетокот на византискиот период во 4 век, класичниот хебрејски престанал да се употребува како секојдневен јазик за општење, односно грубо кажано еден век по објавувањето на Мишна. Ова е делумно како директна последица на Востанието на Бар Кохба во 135 година и катастрофалниот прогон о терор врз еврејското население од страна на Римското Царство.

Падот на хебрејскиот

[уреди | уреди извор]
Псалмите од Свитоците од Мртвото Море. Овие се значајни дела за изучување на историјата на Јудаизмот и хебрејскиот јазик воопшто.
Карта на територијалната експанзија на Нововавилонското царство. Јудеја е дел од Вавилонското царство и арамејскиот автоматски станал административен јазик.

Во околу 6 век п.н.е. Нововавилонското царство го освоило древното Јудејско Кралство. При тоа освојување голем дел од Ерусалим бил уништен и како последица на тоа населението пребегнало источно од Вавилон. За време на Вавилонското ропство, голем дел од Изаелитите го изучиле арамејскиот јазик, кој пак бил нивен сроден јазик. Така, еден значаен период еврејската елита потпаднала под големо влијание на арамејскиот.[10]

Откако Кир Велики го освоил Вавилон, тој им дозволил на Евреите да излезат од ропството. Како последица на тоа, во Израелската земја покрај хебрејскиот била донесена и нова верзија (дијалект) на арамејскиот. До почетокот на новата ера, арамејскиот се воспоставил како првенствен секојдневен јазик на Самарија, Вавилон и Галилеја. Во Галилеја се зборувала рабинската форма на хебрејскиот донекаде 3 век од нашата ера. Луѓето, Евреите, се идентификувале со хебрејскиот преку негување на разни песни, поговорки и цитати од хебрејски текстови, а Рабините и свештенството го користеле како свет јазик на Јудаизмот.[11][11][12][13]

Иако не постојат двоумици за тоа дека во одреден период од историјата хебрејскиот престанал да се користи како секојдневен јазик и негов наследник како општ јазик на Блискиот Исток се јавил арамејскиот,[12] научните мислења за точниот датум сè уште не се поместени.[14] Во првата половина на 20 век, повеќето научници ги следеле Гајгер и Далман и нивното тврдење дека арамејскиот јазик станал секојдневен јазик во Израелската земја уште во почетокот на израелскиот хеленистички период во 4 век п.н.е. Со тоа, хебрејскиот ја изгубил функцијата на секојдневен јазик во тој временски период.

Сегал, Клауснер и Бен Јехуда не се согласуваат со ова општо мислење за изумирање на хебрејскиот . За време на втората половина на 20 век, насобраните археолошки докази и особено јазичните анализи на Свитоците од Мртвото Море го оспориле ова тврдење. Свитоците всушност откриле древен еврејски текст, кој во најголем дел бил на хебрејски, а не на арамејски. Свитоците потврдиле дека јазикот или хебрејскиот кој бил употребуван за свитоците бил разбирлив и читлив за еден просечен Израелит и пишаниот јазик еволуирал од библиското време како што еволуирал говорниот јазик.[белешка 1] Скорешните истражувања од ова поле исто така потврдуваат дека Евреите зборувале и арамејски, што пак индицира постоење на повеќејазично општество, што значи дека немало ексклузивитет на еден јазик. Така се верува дека хебрејскиот постоел и се користел паралелно со арамејскиот.[16] Повеќето научници го датираат изумирањето на хебрејскиот јазик со крајот на римската покраина Јудеја, односно 200 година.[17] Сепак тоа изумирање важело за говорниот јазик. Пишаниот хебрејски продолжил и понатака да биде литургиски и свет јазик за Јудаизмот.

Точните меѓусебни врски на доминантните јазици во регионот се сè уште жешка тема на дебата. Во овој римски период и периодот пред и после него се предлага сценарио со три јазика за Галилеја. Хебрејскиот јазик бил мајчин јазик на Евреите и силна врска со историјата, потеклото и златното доба на Израел. Арамејскиот имал функција на административен и меѓународен јазик или „лингва франка“ за Блискиот Исток. Во меѓувреме навлегле и други јазици, помали, но и европски како што е старогрчкиот. Така, полека и старогрчкиот, заедно со латинскиот, станал јазик за меѓународна комуникација, но не со толкав подем како арамејскиот во своето златно доба.

Според одреден број јазичари, меѓу кои и Сполски, можеби постоело и географско распоредување на јазиците на почетокот на нашата ера. Така, според оваа теорија, јудео-арамејскиот воглавно се користел во северниот дел од Галилеја, старогрчкиот се користел во териториите кои биле поранешни нивни колонии, а хебрејскиот се користел воглавно во јужните села на Јудеја.[12] Со други зборови, тогашната територија на Палестина можела да се подели на арамејско-говорна Самарија и Галилеја и мали делови на Јудеја каде се зборувал мишнајскиот хебрејски.[11][13] По задушувањето на Востанието на Бар Коха во 2 век, Јудејците биле прогонети. Голем дел се преселиле во Галилеја па така се верува дека последните говорници на хебрејски би можеле да се најдат на север во Израелската Земја.[18]

Мишнајски период

[уреди | уреди извор]
Дел од Мишнах.

Поимот „мишнајски хебрејски јазик“ или „мишнајски период“ често се употребува за хебрејските дијалекти кои се користат во Талмуд, освен за директните цитати од Еврејската Библија. Овие дијалекти се делат на две групи, односно: мишнајски хебрејски (ранотрабински хебрејски или танаимски) кој е говорниот јазик и амораимски хебрејски (доцнорабински хебрејски) кој е всушност пишаниот јазик. Најраните делови на Талмудот се мишнајски и биле напишани во 200 година, иако голем дел од самите приказни се одвиваат многу порано. Овој дијалект или форма на хебрејски се наоѓа и во свитоците од Мртвото Море. Денес понекогаш се смета дека мишнајскиот е еден од дијалектите на класичниот хебрејски кој функционирал како жив јазик во Израелската Земја. Транзициона форма на јазикот настанала во другите дена на танаимската книжевност, кои датираат еден век пред Мишнах. Овие дела се Мидраш халаха, Мидраш (Сифра, Мехилта на Рабин Ишмаел, итн) и проширената колекција на материјали поврзани со Мишнах познати како Тосефта. Талмудот содржи исечоци од овие дела.

Еден век откако се објавила Мишна, мишнајскиот хебрејски престанал да се користи како говорен јазик. Така, подоцнежмната секција на Талмудот позната како Гемара дава општи коментари за Мишнах и Бараитот на арамејски. Како и да е, хебрејскиот, иако не се користел за секојдневна комуникација, преживеал како литургиски и книжевен јазик во форма на амроаимски хебрејски. Бидејќи уште времето кога се препишувала Тората, јазикот имал висока функција и се сметал за јазик на израелската вера, историја и национална гордост. Дури и кога престанал да се користи како секојдневен јазик, сепак јазикот се користел како „лингва франка“ меѓу еврејските трговци од различни земи.[19]

Средновековен период

[уреди | уреди извор]
Страница од Кодексот од Алеп.

По Талмудот, различни регионални книжевни варијанти се појавиле на средновековниот хебрејски. Најважен од нив е тиберискиот хебрејски јазик, или нарекуван и како масоретски хебрејски, книжевна форма која се развила на локалниот тибериски дијалект. Овој дијалект станал стандард за вокализирање на Еврејската Библија и така сè уште влијае врз другите регионални дијалекти на хебрејскиот. Овој тибериски дијалект од 7 до 10 век е понекогаш нарекуван „библиски хебрејски“, но сепак не е исто и треба да се разликува од историскиот древен јазик од 6 в.п.н.е. Тиберискиот хебрејски го вклучува и изучувањето на Масоретите, вклучително и нивните надредни знаци (никуд) и кантилацијата (граматички точки) на хебрејските букви за да се зачува многу порани одлики на хебрејскиот во однос на пеењето на Библијата. Масоретите сметале дека буквите од хебрејската азбука се многу свети и дека нивна модификација не е можна, па поради тоа тие создале систем на точки кои се користеле за означување на самогласките во дадените зборови. Паралелно во тоа време и сириското писмо развило систем на точки за означување на самогласките. Кодексот од Алеп е напишан на овој нов принцип и датира од 10 век. Тој е еден од најважните хебрејски ракописи денес.

За време на златното доба на еврејската култура во Шпанија, значајни дела биле напишани од граматичари кои ја објасниле граматиката, но и зборовите, на библискито хебрејски. Значајни хебрејски граматичари биле Џуда бен Давид Хајуи, Џуда ибн Џанах, Абрахам ибн Езра[20] и Давид Кимхи. Покрај нив, се појавиле и значајни поети како што се на пример Дунаш бен Лабрат, Соломон ибн Габирол, Џуда хе-Леви, Мосес ибн Езра и Абрахам ибн Езра.

Хебрејскиот бил зачуван низ вековите како пишан јазик за пишана комуникација на еврејската заедница во светот. Оваа пишана комуникација не се однесува само на литургијата, туку и за поезија, проза, трговија, секодневен контакт и договори. Така, Еверите од целиот свет и од различни земји имале заеднички јазик за комуникација и општење. Ова било слично со Христијаните од тој период, односно заеднички јазик на образованите Христијани и свештеници бил латинскиот.

Оживување

[уреди | уреди извор]
Елиезер Бен Јехуда на неговата работна маса во Ерусалим.

Хебрејскиот бил оживеан како книжевен јазик неколкупати во својата историја, а најзначајно е оживувањето како книжевен јазик за време на преродбата позната како хаскалах во средината на 19 век во Германија. Кон крајот на векот еврејскиот активист Елиезер Бен Јехуда, предводен од идеологијата на национална преродба (שיבת ציון, шиват цијон), денес позната како ционизам, започнал со оживување на хебрејскиот како современ говорен јазик. Како резултат на локалното движење кое тој го создал, но повеќе како последица на новите групи имигранти познати под името „Втор Алијах“, хебрејскиот ги заменил јазиците кои претходно ги зборувале тие луѓе. Тие јазици биле всушност еврејски дијалекти на јазиците на државата каде живееле, од кои денес познати се ладино, јидиш, јудео-арапски и бухориски.

Главниот резултат на книжевната работа на хебрејските интелектуалци во 19 век била лексичката модернизација на хебрејскиот. Нови зборови и изрази биле присвоени како неологизми од различниот корпус на хебрејски писанија, или преку позајмување од арапскиот (воглавно од страна на Елиезер Бен Јехуда), како и постари арамејски и латински зборови. Забележливо е и влијанието на европските јазици, особено од англискиот, рускиот, германскиот и францускиот. Современиот хебрејски станал службен јазик на британскиот мандат Палестина во 1921 година, покрај арапскиот и англискиот. По прогласувањето на независноста на Израел, новокодифицираниот хебрејски бил прогласен за службен јазик на државата. Денес, хебрејскиот го зборуваат 10 милиони луѓе и е главно средство за комуникација во државата.

Хебрејската книжевна форма во 19 век оживеала и станала говорна форма на јазикот и денес се нарекува со повеќе имиња, покрај основиот 'хебрејски јазик': современ израелски хебрејски, израелски хебрејски, новохебрејски, стандарден хебрејски или стандарден израелски хебрејски. Оваа стандардна форма изразува одлики на сефардскиот хебрејски од локалните ерусалимски традиции, но со присвојување на голем број неологизми.

Првото училиште за хебрејски јазик во Ришон Лецион, Израел.

Книжевната и расказната употреба на хебрејскиот била оживеана на почетокот на движењето хаскалах. Првиот секуларен месечник на хебрејски, „Меасефим“ ('Собирач'), бил објавен во Калининград во 1783.[21] Во средината на 19 век се зголемил бројот на списанија објавени на хебрејски јазик низ Европа. Исто така се зголемил и бројот на автори на хебрејски јазик, како што се на пример познатите Хајим Нахман Биалик и Шаул Черниховски.

Додека постоел пишаниот книжевен јазик, говорниот активен секојдневен хебрејски не постоел. Оживувањето на хебрејскиот како прв, мајчин, јазик на Евреите започнало во 19 век со подвизите на Елиезер Бен Јехуда. Тој се приклучил кон Ционизмот и во 1881 година се преселил во тогашната покраина Палестина, дел од Отоманското Царство. Мотивиран од идеите за обнова и отфрлување на животниот стил на дијаспората, Јехуда решил да постави алатки сè со цел книжевниот и свет јазик да го претвори во секојдневен јазик за комуникација. Сепак, неговиот стил следел норми кои биле заменети во Источна Европа со други граматички стилови. Неговите обиди да воспостави училишта и учебници полека земале замав и прифаќање од еврејската заедница. Како и да е, дури во периодот од 1904 до 1914 година, период познат како Втор Алијах, хебрејскиот го зазел вистинскиот моментум кога се појавиле поорганизирани организации на имигранти и ја разработувале идејата. Кога британскиот мандат Палестина го прифатила новиот основан хебрејски како службен јазик во регионот, тоа значително помогнало во етаблирањето на јазикот меѓу населението.

Голем број на Евреи на почетокот го сметале ова оживување како „грев“[22] сметајќи дека јаизкот на Тората не смее да се користи за секојдневни цели. Сепак, луѓето набрзо сфатиле дека Евреите во Израел имаат потреба од еден заеднички јазик, бидејќи Евреите доаѓале од различни земји од светот и зборувале на јазиците на државите од каде доаѓале. Набрзо бил основан Комитет за хебрејски јазик, кој по озновањето на Израел се преименувал во Академија на хебрејскиот јазик. Работата на Бен Јехуди била објавена во речник насловен како „Целосен речник на стар и современ хебрејски“. Така, од мртов јазик со ниту еден активен говорник, хебрејскиот станал мајчин јазик на околу 10 милиони Евреи во светот. Ова е единствен успешен и добро познат пример на јазично оживување во светот.

  1. Fernández & Elwolde: "It is generally believed that the Dead Sea Scrolls, specifically the Copper Scroll and also the Bar Kokhba letters, have furnished clear evidence of the popular character of MH [Mishnaic Hebrew]."[15]
  1. Ross, Allen P. Introducing Biblical Hebrew, Baker Academic, 2001.
  2. אברהם בן יוסף ,מבוא לתולדות הלשון העברית (Avraham ben-Yosef, Introduction to the History of the Hebrew Language), page 38, אור-עם, Tel-Aviv, 1981.
  3. Share, David L. (2017). „Learning to Read Hebrew“. Во Verhoeven, Ludo; Perfetti, Charles (уред.). Learning to Read Across Languages and Writing Systems. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 156. ISBN 9781107095885. Посетено на 1 November 2017.
  4. Fellman, Jack (1973). The Revival of a Classical Tongue: Eliezer Ben Yehuda and the Modern Hebrew Language. The Hague: Mouton. стр. 12. ISBN 9789027924957. Посетено на 1 November 2017.
  5. 'Oldest Hebrew script' is found“. BBC News. 30 October 2008. Посетено на 3 March 2010.
  6. „Have Israeli Archaeologists Found World's Oldest Hebrew Inscription?“. Haaretz. AP. 30 October 2008. Архивирано од изворникот на 6 August 2011. Посетено на 8 November 2010.
  7. William M. Schniedewind, "Prolegomena for the Sociolinguistics of Classical Hebrew", The Journal of Hebrew Scriptures vol. 5 article 6 Архивирано на 4 февруари 2012 г.
  8. M. Segal, A Grammar of Mishnaic Hebrew (Oxford: Clarendon Press, 1927).
  9. Elisha Qimron, The Hebrew of the Dead Sea Scrolls, Harvard Semitic Studies 29 (Atlanta: Scholars Press 1986).
  10. Nicholas Ostler, Empires of the Word: A Language History of the World, Harper Perennial, London, New York, Toronto, Sydney 2006 p80
  11. 11,0 11,1 11,2 Sáenz-Badillos, Ángel and John Elwolde. 1996. A history of the Hebrew language. P.170-171
  12. 12,0 12,1 12,2 Spolsky, Bernard and Elana Goldberg Shohamy. The languages of Israel: policy, ideology and practice. P.9
  13. 13,0 13,1 Miguel Perez Fernandez, An Introductory Grammar of Rabbinic Hebrew (Leiden, Netherlands: Koninklijke Brill 1997).
  14. "Hebrew" in The Oxford Dictionary of the Christian Church, edit. F.L. Cross, first edition (Oxford, 1958), 3rd edition (Oxford 1997). The Oxford Dictionary of the Christian Church which once said, in 1958 in its first edition, that Hebrew "ceased to be a spoken language around the fourth century BCE", now says, in its 1997 (third) edition, that Hebrew "continued to be used as a spoken and written language in the New Testament period".
  15. An Introductory Grammar of Rabbinic Hebrew (Fernández & Elwolde 1999, p.2)
  16. The Cambridge History of Judaism: The late Roman-Rabbinic period. 2006. P.460
  17. Borrás, Judit Targarona and Ángel Sáenz-Badillos. 1999. Jewish Studies at the Turn of the Twentieth Century. P.3
  18. Spolsky, B., "Jewish Multilingualism in the First century: An Essay in Historical Sociolinguistics", Joshua A. Fishman (ed.), Readings in The Sociology of Jewish Languages, Leiden: E. J. Brill, 1985, p. 40. and passim
  19. Languages of the World (Hebrew) Архивирано на 17 јануари 2009 г.
  20. Abraham ibn Ezra, Hebrew Grammar, Venice 1546 (Hebrew)
  21. Shalom Spiegel,Hebrew Reborn,(1930) Meridian Books reprint 1962, New York p.56
  22. Eliezer Ben Yehuda and the Resurgence of the Hebrew Language by Libby Kantorwitz

Поврзано

[уреди | уреди извор]