Прејди на содржината

Романска православна црква

Од Википедија — слободната енциклопедија
Романска православна црква
Biserica Ortodoxă Română

Грб на Романската Православна црква
Основач (како митрополија на Влашка)
Николај Александар I

(како митрополија на Романија)
Карол I
(како патријаршија на Романија)
Фердинанд I

Независност 1872
Признавање 25 април 1885
Поглавар Даниел, Патријарх на цела Романија
Седиште Букурешт
Територија  Романија
 Молдавија
Власт  Србија
 Унгарија
Западна Европа;
Германија и Северна Европа;
Америка;
Австралија и Нов Зеланд
Јазик романски
Верници 18,806,428 во Романија;[1] 720,000 во Молдавија.[2]
Портал http://www.patriarhia.ro/

Романската православна црква (романски: Biserica Ortodoxă Română) е автокефална црква, со ранг на патријаршија. Таа е втора по големина православна црква, веднаш по Руската православна црква. Се наоѓа на седмото место од сите православни цркви.

Историја

[уреди | уреди извор]

Црковната организација на територијата на Романија започнала уште од 4 век. Во тоа време постоела римската провинција Дакија, која влегувала во составот на Илирик, поради кое дакијските епископи биле под јурисдикција на сирмиумските, односно римските епископи. По падот на Сирмиум под власта на Хуните во 5 век, областа Дакија станала под јурисдикција на Солун, чија епископија некогаш се потчинувала на Цариград, а понкогаш и на Рим.

Влашката митрополија влегувала во составот, најпрвин на Охридската архиеписопија, а подоцна и на Трновската патријаршија. Во текот на овој период црквата го примила словенското писмо и црковнословенскиот јазик. Во 1324 година, Влашка станала независна држава, а во 1359 година влашкиот војвода Николај Александар I од страна на цариградскиот патријарх добил дозвола да црковната организација во земјата ја подигне на ниво на митрополија. Под контрола на Цариград, митрополијата се наоѓала сè до XVIII век.

За разлика од останатите земји под отоманска власт, во Влашка и Молдавија биле сочувани слободите на богослужбите, градењето на нови храмови продолжило. Молдавија во 1711, а Влашка во 1716 година, започнале да бидат управувани од страна на грчки фанариоти. Црковниот живот бил подложен на хеленизација, црковнословенскиот јазик бил заменет со грчкиот, а во селата бил наметнет романскиот јазик.

Според резултатите од Руско-турските војни кон втората половина од XVIII век, Руската Империја добила право над христијаните во Романија. Во текот на Руско-турската војна од 1787-1792 година, од страна на рускиот Свет синод била создадена Молдавско-влашка егзархија. Еден од најпознатите митрополити бил Винијамин, кој застанал против власта на фанариотите и ја поздравил руската окупација на Молдавија. По овој период, Молдавија и Влашка стапиле под контрола на руската црква. Во 1808 година било одлучено да украинскиот митрополит Гаврил биде избран за егзарх на Молдавија, Влашка и Бесарабија. По потпишувањето на Букурешкиот мир, Бесарабија била припоена кон Русија, каде во 1813 година била основана Кишињевската епархија, на чие чело останал Гаврил.

По Грчката војна за независност, султанот во 1822 година ја усвоил молбата да Влашка и Молдавија самостојно го бираат својот владетел. Така политичката зависност на Романија од Отоманското Царство започнала да опаѓа, а Франција и Австрија сè повеќе станувале силни околу. Во 1859 година дошло до обединување на Молдавија и Влашка во Романија. За кнез бил избран фанариот Александар Куз, кој бил под француски притисок, и извршил големи реформи против Православната црква.

Во 1865 година, црквата прогласила автокефалност, но Цариградската патријаршија ја признала дури во 1885 година. Во 1918 година, Романија ја анексирала Бесарабија. Во 1919 година, бил одржан собор на кој учествувале претставници од Романија, Трансилванија и Буковина. Истата година бил усвоен и грегоријанскиот календар.

Во 1923 година, според новиот устав на земјата, Романската православна црква била прогласена како национална црква. Со одлуката на Светиот синод од 1925 година, црквата била поставена на ранг патријаршија. Во 1940 година, Бесарабија била анексирана од СССР, а црковните структури паднале под управата на Московската патријаршија. Во 1941 година, Кралство Романија, заедно со Нацистичка Германија, започнале војна против СССР. По крајот на војната, Романската црква била проширена кон Трансилванија. Во 1948 година, во земјата бил воспоставен комунистички режим. За разлика од многу комунистички земји, во Романија немало поголеми прогонувања на христијаните. Од 1948 до 1977 на чело на црквата бил патријарх Јустинијан.

Денеска, Романската православна црква е единствената која во литургиите го користи романскиот јазик. Таа е разделена на шест митрополии и 10 архиепископии. Денеска во земјата има повеќе од 400 православни манастири и околу 14.500 цркви. Источното православие е најголемата религиозна организација во Романија. Вкупниот број на верници е околуѕ 19.000.000 според пописот од 2002 година или 86,7% од населението. Според анкетата која била спроведена во 2007 година, 38% од верниците одат во црква неколкупати неделно или повеќепати во еден месец, 20% одат на црква на месечно барем еднаш, 33% одат само еден или двапати годишно, а 7% не посетуваат црквата[3].

  1. 2002 Romanian census.
  2. (романски) "Biserica Ortodoxă Română, atacată de bisericile 'surori'" ("The Romanian Orthodox Church, Attacked by Its 'Sister' Churches", Ziua, 31 January 2008
  3. Center for Urban and Regional Sociology (CURS), Influenţa media asupra comportamentului electoral[мртва врска] (Mass-media influence on the electoral behavior), September-October 2007 poll; beneficiary: National Audio-Visual Council; sample: 2000 subjects aged 18 (age of majority) or over from homes with TV sets; margin of error: ±2.2%. (романски)