Послание на апостол Јаков
„Соборно послание на светиот апостол Јаков“ — книга од Новиот завет. Посланието на Јаков, како и сите општи посланија, освен Посланието до Евреите, е именувано по неговиот автор (Јак. 1:1).[1]
Автор и дата на пишување
[уреди | уреди извор]Книги од Новиот завет |
---|
Евангелија |
Матеј · Марко · Лука · Јован |
Дела |
Дела на светите апостоли |
Посланија |
Јаков 1 Петар · 2 Петар 1 Јован · 2 Јован · 3 Јован Јуда Римјани 1 Коринтјаните · 2 Коринтјаните Галатјаните · Ефесјаните Филипјаните · Колосјаните 1 Солуњаните · 2 Солуњаните 1 Тимотеј · 2 Тимотеј Тит · Филимон Евреите |
Апокалипса |
Откровение |
Од четирите мажи, во Новиот завет, што го носат името „Јаков“, само двајца можат да бидат автори на ова послание. Никој сериозно не ги земал предвид Јаков помладиот, синот на Алфеј (Мат. 10:3; Дела 1:13) или Јаков, таткото на Јуда (Лк. 6:16; Дела 1:13). Некои го имаат предложено Јаков, синот на Заведеј и брат на Јован (Мат. 4:21), но тој прерано бил маченички убиен за да го напише (Дела 12:2). Така што, останува само Јаков, најстариот полубрат на Исус (Мк. 6:3) и брат на Јуда (Мат. 13:55), кој исто така го напишал посланието што го носи неговото име (Јуда 1). Најпрво Јаков Го имал отфрлено Исус како Месија (Јвн. 7:5), но подоцна поверувал (1 Кор. 15:7). Тој станал клучниот водач во Ерусалимската црква (сп. Дела 12:17; 15:13; 21:18; Гал. 2:12) и бил наречен како еден од „столбовите“ на таа црква, заедно со Петар и Јован (Гал 2:9). Тој, исто така, бил познат и како Јаков Праведниот поради неговата посветеност кон праведноста. Според еврејскиот историчар од првиот век, Јосиф Флавиј, Јаков бил маченички убиен околу 62 год. н.е. Јаков, исто така, имал напишано и писмо, кое е запишано во Дела 15. Споредбата на вокабуларот од тоа писмо, со ова послание, дополнително го потврдува Јаков како автор на посланието.
Посланието
на Јаков |
Искористен збор | Писмото на Јаков
во Дела 15 |
---|---|---|
1:1 | „χαίρω - хаиро“
поздрав / поздравуваат |
15:23 |
1:16,19; 2:5 | „ἀγαπητός - агапетос“
возљубени / омилени |
15:25 |
1:21; 5:20 | „ψυχή - псухе“
вашите души, една душа / душите ваши, душите свои |
15:24,26 |
1:27 | „ἐπισκέπτομαι - епискептомаи“
грижиш / посети |
15:14 |
2:10 | „τηρέω - терео“
пази / пазите |
15:24 |
5:19,20 | „ἐπιστρέφω - епистрефо“
поврати, обрати / обраќаат |
15:19 |
Јаков пишувал со авторитет, бидејќи тој лично Го видел воскреснатиот Христос (1 Кор. 15:7). Тој бил препознаен како соработник на апостолите (Гал 1:19) и бил водач на црквата во Ерусалим. Тој најверојатно го напишал ова послание до оние верници кои биле распрснати (с. 1). Причината за тоа распрснување биле немирите што се случиле околу 44 год. н.е. Тие настани се запишани во Дела 12. Исто така, Ерусалимскиот собор (околу 49 год. н.е.), опишан во Дела 15, не е споменат. Доколку тој собор веќе се одржал, би се очекувало да биде спомнат. Со оглед на овие работи, посланието на Јаков, може со точност да се датира околу 44–49 год. н.е. Оваа е најрано напишаната книга од Новозаветниот канон.[2]
Заднина и околности
[уреди | уреди извор]Верниците, кои ја примиле оваа книга, биле евреи (Јак. 1:1). Тие веројатно биле распрснати поради маченичкото убиство на Стефан (Дела 7, околу 31–34 год. н.е.), но уште поверојатно поради прогонството од страна на Ирод Агрипа I (Дела 12, околу 44 год. н.е.). Авторот, петнаесет пати, им се обраќа на своите читатели со „браќа“ (Јак. 1:2, 16, 19; 2:1, 5, 14; 3:1, 10, 12; 4:11; 5:7, 9, 10, 12, 19). Тој израз бил вообичаен епитет меѓу Евреите од првиот век. Во светло на овие нешта, не е изненадувачки тоа што посланието на Јаков е еврејско по својата содржина. На пример, старогрчкиот збор што е преведен како „собрание“ (Јак. 2:2) е збор што се користи за „синагога“. Исто така, посланието на Јаков содржи повеќе од четириесет алузии за Стариот завет (и повеќе од 20 за Проповедта на гората, Мат. 5–7).[3]
Историски и теолошки теми
[уреди | уреди извор]Во посланието на Јаков се гледа посветеност кон директни и остри изјави за тоа како мудро да се живее, и поради тоа потсетува на книгата Изреки. Нагласена е практичната примена, па затоа е потенцирано побожното однесување, наместо теоретското знаење. Јаков пишувал со страст. Тој сакал неговите читатели да бидат бескомпромисно послушни на Божјиот збор. Исто така, тој најмалку триесет пати алудира кон природата (на пр., „морски бран“ [Јак. 1:6]; „лазачи“ [Јак. 3:7]; и „небото даде дожд“ [Јак. 5:18]), како што и му доликува на некој кој поминал многу време на отворено. Јаков го надополнува Павле во нагласувањето на оправданието по вера. Тој тоа го прави со тоа што ја нагласува духовната плодност, која покажува дека верата е вистинска.[4]
Толкувачки предизвици
[уреди | уреди извор]Најмалку два значајни текста од ова послание, претставуваат предизвик за толкувачот: 1) Каква е врската помеѓу верата и делата во Јак. 2:14–26? Дали тоа што Јаков ги нагласува делата, е во спротивност со Павле кој е сконцентриран на верата? 2) Дали ветувањата за исцелување, дадени во Јак. 5:13–18, се однесуваат на духовната или физичката сфера?[5]
Структура
[уреди | уреди извор]Во основа, Посланието може да се подели во следниве делови:
- Вовед (1:1)
- Тестот на истрајноста при страдање (1: 2–12)
- Тестот за тоа кого го обвинуваш кога си искушуван (1:13-18)
- Тестот на извршувањето на Божјото слово (1:19–27)
- Тестот на непристрасното љубење (2:1–13)
- Тестот на праведните дела (2:14–26)
- Тестот на јазикот (3:1–12)
- Тестот на скромната мудрост (3:13–18)
- Тестот на световното уживање (4:1–12)
- Тестот на зависноста од Бога (4:13–17)
- Тестот на трпеливото издржување (5:1–11)
- Тестот на вистинитоста (5:12)
- Тестот на молитвата (5:13–18)
- Тестот на вистинската вера (5:19,20)[6]
Содржина
[уреди | уреди извор]Апостолот Јаков ги поздравува дванаесетте Израилеви колена, повикувајќи на трпение и поднесување на искушенијата, зашто похотата ги раѓа гревовите. Во продолжение, тој ги повикува сонародниците да го примат и да го извршуваат божјото слово, целосно да ги почитуваат божјиет заповеди и да живеат во согласност со нив, нагласувајќи дека верата се потврдува со добрите дела. Затоа, тој советува да се помагаат сираците, вдовиците и сиромашните, а луѓето да се воздржуваат од лоши зборови. Најпосле, тој повикува на покорност пред Бога, на отфрлање на желбите, на подготовка за доаѓањето на Бога, на молитва и на исповедање на гревовите.[7]
Цитат од Посланието на апостол Јаков
[уреди | уреди извор]Блажен е човекот, кој поднесува искушение, зашто кога ќе биде испитан, ќе прими венец на живот, што Бог им го ветил на оние, кои Го љубат.
Ниеден, кој е искушуван, да не рече: „Бог ме искушува.” Зашто, Бог не се искушува од злото, и Самиот никого не искушува.
Туку, секого го искушува неговата сопствена похот, која го влече и го мами.
Потоа похотта зачнува и раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт.
Не заблудувајте се, возљубени браќа мои.
Секој добар дар и секој совршен подарок доаѓа одозгора, од Таткото на светлината, во Кого нема измени, ниту сенка од промена.
Тој нè роди според Својата волја преку Словото на вистината, за да бидеме првина на Неговите созданија.
Знајте го ова, возљубени браќа мои: секој човек да биде брз во слушањето, а бавен во зборувањето, бавен на гнев,
зашто човечкиот гнев не создава правда пред Бога.
Затоа отфрлете од себе: секаква нечистота, и последниот остаток на злобата, и примете го со кротост во вас насаденото Слово, кое може да ги спаси вашите души.
Но бидете извршители на Словото, а не само слушатели, кои се измамуваат себеси.
Зашто, кој го слуша Словото, а не го извршува, сличен е на човек, кој го набљудува своето природно лице во огледало;
ќе се погледне и ќе замине, и веднаш заборава каков бил.
А кој ќе се загледа во совршениот закон на слободата и остане во него, не како заборавлив слушател, туку како вистински извршител, тој ќе биде блажен во својата дејност.
Ако некој мисли дека е побожен, а не го зауздува својот јазик, туку го мами своето срце, неговата побожност е суетна.
Ова е чиста и неизвалкана побожност пред Бога и Таткото: да бидат посетувани сираците и вдовиците во нивните неволји, и самиот да се пази себеси непорочен од светот.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Title
- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Author and Date
- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Background and Setting
- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Historical and Theological Themes
- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Interpretive Challenges
- ↑ MacArthur, John Fullerton Jr. NASB, MacArthur Study Bible, 2nd Edition. Thomas Nelson, Inc.
The Epistle of James: Outline
- ↑ „Новиот завет на нашиот Господ Исус Христос“, во: Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 173-176.
|
|