Прејди на содржината

Отон I (Грција)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Отон I
Крал на Грција
На престол6 февруари 1833 – 23 октомври 1862
НаследникГеорги I
Почивалиште
СопружникАмалија Олденгург
ДинастијаВителсбаховци
ТаткоЛудвиг I
МајкаТереза Сакс-Хилдбургхаузен

Отон I (грчки: Όθων, Βασιλεύς της Ελλάδος, германски: Otto Friedrich Ludwig von Bayern; 1 јуни 1815 во Салцбург - 26 јули 1867 во Бамберг) бил првиот крал на Грција, кој таа таа позиција дошол по потпишувањето на Лондонскиот договор од 7 мај 1832 година, според кој Грција била објавена за независно кралство.

Отон е роден како Отон Фридрих Лудвиг, принц на Баварија[1]. Тој бил син на баварскиот крал Лудвиг I и принцезата Тереза Сакс-Хилдбургхаузен.

Крал на Грција

[уреди | уреди извор]

Кога бил избран за крал на Грција, Отон бил на 17 години, поради што според Лондонскиот договор, со земјата требало да управува регентство, назначено од неговиот татко. Како еден од основните услови за избирањето на Отон за крал на Грција пред баварскиот крал било престанување на воените дејствија врз Отоманското Царство. Тоа означувало дека Отон би ја имал титулата Крал на Грција, наместо Крал на Грците.

Влегувањето на кралот Отон во Атина од Петар фон Хес, 1839

Отон I пристигнал во Грција во почетокот на февруари 1833 година заедно со назначено од неговиот татко регентство и со армија од 3.500 баварски војници и офицери, кои според протоколот на силите Грција требала да ги прифати на свој товар. На чело на регентскиот совет на малолетниот Отон застанал грофот Јозеф Лудвиг фон Армансберг. Регентството го вовел германскиот јазик како службен јазик на администрацијата и скоро сите административни и државни служби ги пополнило со Баварци. Ова управување во историјата на Грција е познато како "ксенократија" (управување на странците) или уште попрецизно - "баварократија" (Βαυαροκρατία, баварско управување).

Во почетната фаза од управувањето си Отон I и неговото регентство требало да се справат со големата криза која владеела во земјата. На прво место била ситуацијата со илјадниците бегалци од Турција, кои немале сопствена земја и немале со што да се прехрануваат. Грција била задолжена со исплата на огромен заем од 60 милиони франци кој и бил даден од страна на големите сили. Затоа регентството вовело бројни даноци. Грците многу бргу се нашле во ситуација полоша и од онаа кога биле под власта на Отоманите. Истовремено, Грција била зафатена и од внатрешни конфликти. Покрај тоа, Ото, католик по раѓање, одбивал да го прифати православието, што го направило еретик во очите на неговите поданици. Незадоволството од Баварократијата довело до обид за државен удар на чело со Колокотронис, кој бил уапсен и осуден на смрт, но подоцна пресудата му била заменета со 20-годишен затвор. На Пелопонез избувнало востание, кое било задушено од страна на властите.

Значителни успеси новата власт постигнала во областа на законодатеството, администрацијата и судството. Така биле донесени закони, врз основа на римското право, а освен тоа биле основани и повеќе судови. Во тоа време биле отворени голем број на училишта и болници. Грчката црква се одделила од Цариградската патријаршија и бил формиран петчлен синод, кој управувал со истата.

Самостојно управување

[уреди | уреди извор]
Влегувањето на Отон во престолнината Нафплио.

Во 1835 година Отон I станал полнолетен и ја презел власта од регентите, создавајќи апсолутна кралска власт. Гроф Армансберг бил назначен за претседател на Министерскиот совет со чин Канцелар. Бил создаден и Државен совет, составен како од Баварци, така и од луѓе на опозицијата, а Колокотронис бил амнестиран. Кралот го преселил главниот град на земјата во Атина. Во 1837 година Армансберг бил отстранет од власта, а кралот започнал да управува со кабинети, во кои влегувале и Грци. Власта започнала да се фокусира на луѓе кои немале големо влијание во земјата, додека водачите на различните партии биле испраќани на дипломатски мисии во странство.

Во 1837 година кралот се оженил со Амалија Олденбургска. Во 1838 година Баварскиот воен контигент ја напуштил земјата. Но, апсолутното владеење на кралот не ги решило проблемите на земјата, која ја чувствувала големата финансиска криза. Ветените реформи не не биле прифатени, а дел од нив биле ставени во мирување. Опозицијата барала сили и започнала да привлекува голем дел од војската на своја страна. Прозападните партии се ориентирале кон уставна монархија и зачувување на династијата, а русофилската партија се ориентирала кон замена на Отон со православен крал. Режимот на Отон постепено ја загубил и меѓународната поддршка во лицето на големите сили.

Во надворешната политика Отон бил следбеник на грчката Голема Идеја. Ова се противело на интересите на англиската политика, која стоела зад Отоманското Царство. Така во 40-те години на векот односите меѓу Грција и Англија се влошиле, но од друга страна пак се засилило француското и руското вляиние во земјата. Односите меѓу Атина и Лондон се влошиле главно поради врската со Јонски Острови|Јонските Острови, кои биле во сопственост на Англија. Јонските немири од 1848-1849 и серијата од инциденти над англиски граѓани и англиски трговски бродови во грчките води дополнително ја заострила ситуацијата и во 1850 година Англија направила морска блокада над Грција. Тврдото однесување на Грција пред англиските сили сепак му овозможило на Отон да му биде зголемен угледот пред народот.

Во 1853 година започнала Кримската војна, а кралот на Грција застанал на страната на Русија, чија надворешнополитичка линија за уништување на Отоманското Царство се совпаѓала со амбициите на Грција за доминација на Балканот за сметка на Турција. Владата на Отон наредила преместување на грчките чети во Тесалија и Епир и Македонија, области над кои грчката влада имала претензии. Во реонот на Арта избувнало и востание. По отворениот ултиматум од страна на Цариград, Виена, Париз и Лондон, заедно со воведување на втора блокада на атинското пристаниште, Отон се откажал од понатамошна интервенција.

По завршувањето на Кримската војна, авторитетот на Отон I започнал прогресивно да се намалува. Многу политичари го обвиниле во неактивност за време на војната, што ја лишило Грција од евентуални бенефиции на сметка на Турција. Во 1861 година еден млад студент се обидел да изврши атентат над кралицата. Во февруари 1862 година избувнало востание во Навплион, а во октомври истата година и во Артскиот Залив, Патрас и Месолонгион на кое се приклучиле граѓаните на Атина, вклучувајќи ја и атинската војска. Движењето завршило со победа, кралот и кралицата биле принудени да ја напуштат земјата и да се упатат кон Баварија, а во Грција се формирало регентство и нова влада.

Прогонство и смртта на Ото

[уреди | уреди извор]
Отон во прогонство во Баварија, 1865

По прогонувањето на Ото, во земјата биле одржувани избори. Во март 1864 година бил донесен нов устав, изработен по модел на белгискиот устав. Според него, народот имал висок суверенитет, законодавната власт се состоела од Национално собрание, право на глас имале мажите кои наполниле 21-годишна возраст и имале имот. Извршната власт му припаѓала на кралот, но кралските наредби станувале валидни само по одобрувањето им од ресорниот министер.

Во меѓувреме биле водени преговори за избор на нов крал. Круната била нудена на неколку кнезови, но како услов се барало пристап до Јонските острови на Грција. Така, на грчкиот престол застанал данскиот принц Георг, кој во октомври 1863 година пристигнал во Атина и бил крунисан под името Георги I.

Отон I починал во прогонство во Баварија во 1867 година во палатата на поранешната епископија на Бамберг, Германија, и погребан во Минхенската црква. Во текот на бунтот во Крит против Отоманското Царство во 1866 година, Отон донирал голем дел од своето богатство за купување на оружје. Сепак, тој не сакал тоа да излезе на виделина до неговата смрт.

Општо е прифатено од страна на историчарите дека, иако Отон не успеал, тој сепак е длабоко почитуван во Грција. Неговиот неуспех главно бил резултат на континуираните интриги и конкуренција меѓу трите најголеми европски сили. Пред неговата смрт, Отон побарал да биде облечен во грчка традиционална униформа.

  1. „Salzburger Schlosskonzerte website“. Salzburger-schlosskonzerte.at. Архивирано од изворникот на 2011-07-06. Посетено на 2010-07-11.