Прејди на содржината

Оскар Ромеро

Од Википедија — слободната енциклопедија
Надбискупот Оскар Ромеро

Оскар Арнулфо Ромеро и Гонсалес (15 август 191724 март 1980) е католички свештеник од Ел Салвадор, надбискуп на Сан Салвадор. Како надбискуп, Ромеро е сведок на постојани кршења на човековите права од страна на салвадорските сили за безбедност и одредите на смртта во текот на граѓанската војна во земјата. Го прифаќа ненасилниот облик на теологијата на ослободувањето и застанува на страната на сиромашните. Поради тоа, во 1980 година е убиен по завршувањето на мисата.

Во 1997 година е започната постапката за беатификација и канонизација во светец на Ромеро, а папата Јован Павле II му ја додели титулата божји слуга.

Во 1937 година Ромеро се запишува на Националната богословија во Сан Салвадор. Таму тој студира теологија, но само по еден семестар ги продолжува своите студии во Рим на Грегоријанскиот универзитет. Кога започна Втората светска војна, многу од странските студенти ја напуштаат Италија, но Ромеро останува во земјата и во 1941 година ги завршува студиите со одличен успех.

Црковна кариера

[уреди | уреди извор]

На 4 април 1942 година Ромеро е ракоположен за католички свештеник во Рим. Останува во Рим на докторски студии, но во 1943 година е повикан назад во Ел Салвадор. На патот кон дома, задржан е во Куба, бидејќи доаѓа од фашистичка Италија. По неколку месеци поминати во затвор, Ромеро се враќа во Ел Салвадор.

Следните години работи како парохиски свештеник. Станува директор на црковниот весник „Ориентасион“, кој под негово уредништво станува доста конзервативен, бранејќи ги традиционалните погледи на Католичката црква.

Во 1970 Ромеро е назначен за помошник бискуп на Сан Салвадор, потег кој не наиде на одобрување кај прогресивните црковни кругови. Пет години подоцна, во декември 1975 година тој е назначен за бискуп на дијацезата Сантјаго де Марија.

Óscar Romero ( pastel )

Надбискуп

[уреди | уреди извор]

Кариерата на Ромеро брзо тече со нагорна линија и на 23 февруари 1977 година тој е назначен за надбискуп на Ел Салвадор. Неговото назначување е поздравено во владините кругови, но предизвикува разочарување кај радикалните свештеници (особено кај оние што отворено се приклонуваа кон марксизмот), кои се плашат дека тој, поради неговиот конзервативизам, ќе ја попречува теологијата на ослободувањето и помагањето на сиромашните.

Но, пресвртот кај Ромеро се случува многу брзо. На 12 март прогресивниот језуитски свештеник и личен пријател на Ромеро Рутилио Гранде, кој работеше на создавање групи за самопомош помеѓу сиромашните селани. Неговата смрт длабоко го погодува Ромеро, кој подоцна изјавува: „Кога го погледнав Рутилио како лежи мртов, помислив: ‘Ако го убија поради она што го правеше, тогаш и јас морам да одам по тој пат.’“ Тој бара од владата на Артуро Армандо Молина да го истражи злосторството, но владата ги игнорира неговите апели. Печатот, под владина цензура, исто така молчи.

Ромеро почнува да зборува против сиромаштијата, социјалната неправда, убиствата и мачењата во земјата. Истовремено, расте неговиот углед и надвор од земјата. Во 1979 година е и номиниран за Нобеловата награда за мир.

Во февруари 1980 година Ромеро му пишува писмо на американскиот претседател Џими Картер, предупредувајќи го дека растечката американска воена помош за Ел Салвадор „несомнено ќе ја заостри неправдата и репресијата што му се нанесува на организираниот народ, чија борба често била за нивните најосновни човекови права.“ Картер, плашејќи се Ел Салвадор да не стане „втора Никарагва“, ги игнорира апелите на Ромеро.

Поради неговата сè поголема одбрана на правата на сиромашните, Ромеро станува трн во окото на салвадорската олигархија. Еден ден по неговата проповед во која ги повика салвадорските војници, како христијани, да се покорат на повисоките божји наредби и да престанат да ја спроведуваат владината репресија и кршењето на човековите права, на 24 март, само неколку моменти по завршувањето на мисата, Оскар Ромеро е застрелан. Во моментот на убиството надбискупот Ромеро сè уште се наоѓал во олтарот.

Како извршители на атентатот се посочуваат членови на салвадорските одреди на смртта, при што двајца од нив ја посетувале американската воена Школа на Америките, злогласна во Латинска Америка. Ова гледиште е поткрепено од еден извештај на Обединетите Нации од 1993 година, кој го идентификува човекот што го нареди атентатот како мајорот Роберто Д’Аубисион, водач на десничарската политичка партија Националистичка републиканска алијанса.

На погребот на надбискупот Ромеро присуствуваат повеќе од 250,000 лица, од Ел Салвадор, но и од други земји.

Во чест на Ромеро

[уреди | уреди извор]

Поради неговата висока моралност и храброст, Ромеро ужива голем углед кај приврзаниците на човековите права и слободата.

Додека мејнстим медиумите, пред сè во САД, не му посветија голем публицитет на атентатот врз салвадорскиот надбискуп, за популаризацијата на неговото дело голем придонес даваат двата филма кои ги екранизираат неговото застапување на сиромашните од Ел Салвадор: филмот од 1986, Салвадор, на Оливер Стоун и филмот на Џон Дјуган, „Ромеро“ од 1989 година.