Прејди на содржината

Летно сметање на времето

Од Википедија — слободната енциклопедија
Пролет (+1)
Есен (-1)
Часовниците одат еден час напред на пролет (како на сликата), а се враќаат еден час назад на есен, обично помеѓу 2 и 3 часот по полноќ.
  Земји кои користат ЛЧВ
  Земји, користеле ЛЧВ во минатото
  Земји, никогаш не користеле ЛЧВ

Летно сметање на времето или летно време — договорено правило за пометување на часовниците така што попладнето да има повеќе дневна светлина, а за сметка на тоа утрата да бидат пократки. Вообичаено е часовниците да се поместуваат еден час нанапред на пролет, а да се враќаат еден час наназад на есен. Овој систем е предложен во 1905 г. од Вилијам Вилет, а првпат бил широко применет во 1916 г. како военовременска мерка насочена кон заштеда на јаглен. И покрај несогласувањата, многу земји го користат овој систем. Денес во Европа е прифатена конвенцијата летното сметање на времето да започнува во последната недела од март, а да завршува во последната недела на октомври. Во САД летното сметање започнува во втората недела на март, а завршува во првата недела на ноември. На јужната полутопка почетокот на летното време е обратен од северната.

Предности и недостатоци

[уреди | уреди извор]

Додавањето на еден час дневна светлина попладне генерално им оди во прилог на продавниците, спортските активности, земјоделството и други дејности кои се поврзани со дневна светлина. Покрај тоа, продолжувањето на попладневната дневна светлина изгледа го намалува бројот на жртви од сообраќајни незгоди. Исто така, изгледа дека се заштедува електрична енергија со намалувањето на периодот на вештачко вечерно осветлување. Во САД пресметале дека летното сметање на времето заштедува 1% од потрошувачката на нафта.

Од друга страна, поместувањето на часовниците го комплицира одржувањето на сатницата, и може да ги поремети состаноците, возните редови, медицинските уреди, наплатата за разни услуги, итн. Особен хаос се создавал во минатото поради неконзистентности помеѓу државите во сметањето на времето.

Историја

[уреди | уреди извор]
Загуба на светлината на денот: Памфлетот на Вилијам Вилет во кој го промовирал летното сметање на времето.

Уште од античко време луѓето користеле дневни распореди соодветни на годишните времиња. На пример, кај Римјаните должината на часот варирала: еден час траел 44 минути на денот на зимската краткодневица, а 75 минути на летната долгодневица. Нееднакво траењет на часот во лето и зима сѐ уште се употебува на некои традиционални места во светот, на пример во некои од манастирите на Света Гора.

Во едно анонимно писмо, објавено во 1784 г., Бенџамин Франклин забележал дека парижаните штедат на свеќи така што стануваат порано во лето за да го искористат денот.

Во 1905 г. англичанецот Вилијам Вилет го „измислил“ летното сметање на времето додека јавал на коњ едно прекрасно летно утро пред доручекот. Тој бил воодушевен од убавината на утрото и помислил дека е штета што поголемиот дел од лондончаните спијат во најубавото време од денот. Две години подоцна тој го објавил својот предлог, но идејата била прифатена за првпат во Британија дури на 30 април 1916 г. Во САД летното сметање на времето започнало од 31 март 1918 г.

Во Македонија

[уреди | уреди извор]

Во Македонија, како дел од СФРЈ, летното сметање на времето се користи од 1983 г., а од 1996 г. е регулирано со Законот за сметање на времето.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]

Летно сметање на времетоАстрономски клуб Куманово (македонски)