Прејди на содржината

Банка на Англија

Од Википедија — слободната енциклопедија

Банката на Англија (англиски: Bank of England) е централна банка на Обединетото Кралство.

Зградата на Банката на Англија

Улогите и функциите на Банката на Англија, еволуирале и се менувале низ нејзината три вековна историја. Од нејзиното основање, таа била Банкар на Владата, а од доцниот XVIII век е позната како Банка на банките. Освен обезбедувањето банкарски услуги на нејзините клиенти, таа раководи со стабилноста на валутата и златните резерви на Велика Британија Наоѓајќи се во центарот на финансискиот систем на Обединетото Кралство, Банката на Англија има две битни цели: монетарна и финансиска стабилност. Банката има монопол врз печатењето банкноти во Англија и Велс, од раниот XX век, но дури од 1997 година има законска одговорност за одредување на официјалните каматни стапки во Велика Британија. Одлуките за каматните стапки го донесува Комитетот за монетарна политика, а овие одлуки таа ги имплементира преку операциите на финансискиот пазар.[1]. Банката на Англија е посветена на подигање на свеста на јавноста за разбирање на нејзините активности и одговорности. Таа издава голем број публикации за нејзините клучни работи, нудејќи многу образовни материјали. Исто така, таа им дава техничка помош и совети на другите централни банки, преку нејзиниот Центар за банкарски науки. Банката на Англија има и свој сопствен музеј на улицата Threadneedle, кој е отворен за јавноста со бесплатен влез.[[2].

Историја

[уреди | уреди извор]
Банка на Англија во 1797 година

Од основањето до 19 век

[уреди | уреди извор]

Банката на Англија е основана во 1694 година, со закон, како банка на владата и раководител со нејзините долгови.[3] Со револуцијата од 1688 година, католичкиот крал Џејмс II бил заменет со протестантскиот крал Вилијам од Оринџ, поради што Франција ѝ објавила војна на Англија. Тогаш, англиската влада имала итна потреба од пари за обновување на морнарицата.[4] Биле предложени многу решенија, а најуспешното од нив било она на Вилијам Питерсон, кое предвидувало владата да земе заем од населението во износ од 1 200 000 фунти со каматна стапка од 8%, со тоа што потписниците на емисијата добиле право да бидат акционери во новата банка.[5] Притоа, банката имала право да прима депозити, да издава банкноти, да дава кредити и да тргува со меници. Иако со тоа, новата банка го ризикувала својот целосен капитал позајмуваќи ѝ го на владата, емисијата станала мошне популарна и парите биле соберени за само 12 дена.[6] Успешноста на оваа идеја била причина да се склучи Кралската повелба, запечатена на 27 јули 1694 година со кој Банката на Англија почнала да ја врши својата улога како банка на владата на Велика Британија.[7] Притоа, банката била основана како приватна компанија, т.е. како акционерско друштво и била раководена од одбор на директори (Court), а еден од нив бил избран за гувернер со мандат од две години. Иако била приватна фирма, во повелбата стоело дека банката „треба да ги унапредува јавното добро и ползата на нашиот народ“.[6] Банката на Англија почнала со работа неколку дена подоцна, со привремено седиште во местото Чипсајд (Cheapside). Нејзиниот персонал се состоел од 17 службеници и 2 портири.[8] Во 1734 година, нејзината локација се преместила на улицата Треднидл (Threadneedle),[9] каде што се наоѓа и ден-денес.

Банката раководела со сметките на владата и давала заеми, со цел да ги финансира расходите за време на војна и мир. Нејзиниот прв гувернер бил Сер Џон Хоублон. Во своите рани години, Банката на Англија била под доминација на владата и нејзините притосоци и барања за финансирање и ковање нови пари. Како дел од конвенционалното банкарство, таа примала депозити од населението во злато, со тоа што издавала потврди (notes) врз основа на тие депозити. Почетоците на книжните пари ги наоѓаме токму во овие признаници. Карактеристично за банкнотите е тоа што тие биле издавани и над износот на депонираното злато, со што се зголемувал паричниот опток, а тоа имало влијание врз поттикнувањето на побарувачката, производството итн. Бидејќи неконтролираното издавање на банкноти можело да има многу тешки последици за стопанството, емисијата ѝ била доверена на Банката на Англија.

Националниот долг пораснал рапидно за време на XVIII век од 12 милиони фунти во 1700 на 850 милиони до крајот на Наполеоновите војни. Тие војни фрлиле тежок товар врз финансиите на земјата и во 1797 година Банката на Англаија престанала да го исплаќа злато врз основа на издадените потврди. Овој период на суспензија на конвертибилноста на банкнотите во злато траел од 1797 до 1821 година.[10] Со цел да компензира за недостатокот на метални пари, Банката за првпат издала банкноти со мали деноминации од 1 и 2 фунти. По оваа епизода, Банката на Анлгија го добила прекарот „Старицата од Треднидл стрит“, кој настанал по објавувањето на карикатурата на која бил прикажан премиерот Вилијам Пит како седи на ковчег полн со злато, а Банката на Англија како старица облечена во фустан од банкноти. Истовремено, во тој период дошло до голем пораст на фалсификувањето на банкнотите.[11] Ова придонело за општ пораст на цените, којшто бил пропратен со остар пад по војните, кога повторно била вратена финансиската дисциплина. Сепак, дури и по воспоставувањето на златниот стандард, Банката на Англија се придржувала кон него само приближно. Под влијание на Хорсли Палмер, кој бил гувернер во периодот 1830-1834), банката ја одредувала својата каматна стапка на нивото кое го обезбедувало односот од 3:1 меѓу издадените пари и златното покритие.[12]

Банката на Англија во 19 век

[уреди | уреди извор]
Банка на Англија

Со законот од 1844 година (The Bank Charter Act), банката добила монопол во печатењето банкноти, но со одредбата дека износот на издадените банкноти треба да биде ограничен на вредноста на златните резерви плус фидуцијарна емисија од 14 милиони фунти.[6] Бидејќи периодот на рестрицијата бил свеж во сеќавањата на граѓаните, на Банката на Англија ѝ било забрането да издава нови потврди кои не биле пропратени со ново зголемување на златните резерви. Со цел да го направи статусот на валутата појасен, ѝ било на наложено да изработи посебен биланс на состојба за активностите поврзани си издавањето потврди. Притоа биле формирани две одделенија: одделение за издавање пари (issue department) и банкарско одделение (banking department). Првото одделение служло за издавање банкноти покриени со злато, додека второто служело з аизвршување на вообичаените банкарски активности.[13] Оваа поделба меѓу емисијата банкноти и банкарските операции во сметките на банките продолжува да се користи до денес. Приходите од емисијата на банкнотите се префрлаат во Министерството за Финансиии.

Меѓутоа, ограничувањето на износот на издадените пари набргу се покажало како премногу рестриктивно: банкарската криза од 1847 предизвикала голема побарувачка за банкноти и за злато, па Банката на Англија била принудена привремено да го суспендира важењето на законот од 1844 година. Подоцна, законското ограничување на издавањето пари било суспендирано и за време на кризите од 1857 и 1866 година.[12]

За време на XIX век дошло до формирање на големи акционерски депозитни банки, со што се појавиле серии на здружувања и спојувања. Банката на Англија одлучила да не се натпреварува директно со овие акционерски друштва, туку да ја развие својата улога како централна банка и чувар на златните резерви и обезбедувач на ликвидност. Таа го утврдила својот концепт како краен позајмувач – крајна резерва на банкарскиот систем. Кога финансиска криза во една банка се заканува дека ќе се прошири низ целиот банкарски систем, таа ќе мобилизира сопствени ресурси со цел да им позајми на банките кога никој друг не може. Исто така таа била одговорна да ги постави каматните стапки на ниво, кое било проценото дека е праведното.

Банката на Англија во 20 век

[уреди | уреди извор]

Периодот по Првата светска војна бил исполнет со големи нарушувања во меѓународниот финансиски систем, со што Банката на Англија била изложена на големи предизвици. Овој период бил обележан со обидот да се задржи златниот стандард според паритетот од пред Првата светска војна. Тоа било направено во 1925 година, но по цена на големо негативно влијание врз британската економија, така што златниот стандард бил целосно напуштен во 1931 година.[14] Тогаш, златните резерви и девизи биле трансферирани во Министерството за Финансии (иако сè уште биле раководени од Банката на Англија). Во овој период, Банката на Англија постојано била во судир со министерството за финансии и со неговите советници (меѓу кои и Џон Мајнард Кејнз) кој го опишал гувернерот Монтегју Норман со зборовите: „секогаш апсолутно шармантен, секогаш апсолутно погрешен“.[15] Оттгаш, единственото ограничување во издавањето книжни пари било да се добие решение од Парламентот, со кое се одобрува зголемување на фидуцијарната основа.

Во периодот меѓу двете светски војни со банката раководел Монтегју Норман, гувернер со најдолг мандат во историјата на Банката на Англија (од 1920 до 1944).[6] Исто така, значаен настан во историјата на Банката на Англија е уривањето на нејзината зграда (проектирана од Џон Соунс) во 1920-тите години кое Николаус Певснер го нарекол „најголемото архитектонско злосторство во Лондон во 20 век“.[16]

Низ нејзината историја, Банката на Англија била позната како јавна институција, која работи за националните интереси. Иако поголемиот дел од нејзиниот животен век била раководена во приватна сопственост, нејзините активности биле детерминирани од владината легислатива и односите со неа. Со национализацијата во 1946 година, Банката на Англија станала сопственост на Владата, а не на приватните акционери.[17] На тој начин, клучните одлуки за водењето на монетарната политика биле во рацете на министерството за финансии, а Банката на Англија претежно се грижела за состојбата во билансот на плаќањата и за обемот на кредитите, применувајќи мерки за контрола на порастот на кредитите и морално убедување.[18]

Периодот по Втората светска војна бил обележен со постојано напредок во разбирањето на вистинската улога на монетарната политика во економијата. Така, во 1959 година бил објавен познатиот „Радклифов извештај“ (Radcliffe Report) кој ја негирал пресудната улога на контролата на парите, а во 1980-тите монетарната политика станала главен инструмент во управувањето со агрегатната побарувачка. Притоа, во текот на 1970-тите и 1980-тите, Банката на Англија била во потрага по делотворно номинално сидро при шро најпрвин таа улога ја играле монетарните агрегати, потоа фиксниот девизен курс, а во 1992 година таа преминала кон таргетирање на инфлацијата.[19]

Во 1997 година, владата на Обединетото Кралство ја обелоденила нејзината намера за префрлање на целосна одговорност на Банката на Англија во водењето на монетарната политика.[20] На овој начин, Банката на Англија се приклучила кон независните централни банки низ целиот свет, а раководењето со јавниот долг било пренесено врз Министерството за Финансии. Формалната оперативна независност на Банката на Англија била потврдена во Законот за Банката на Англија (The Bank of England Act) од 1998 година.[21]

Финансиската криза од 2007-2008 година укажала на потребата за нов пристап кон финансиската регулација и затоа во април 2013 година Банката на Англија направила големи реформи. Со Договорот за финансиски услуги од 2012 година бил создаден независен Комитет за финансиска политика, нов дискретен регулатор како филијала на Банката на Англија, и со тоа се создале нови одговорности во супервизијата на финансискиот пазар. Комитетот за финансиска политика е задолжен за преземање акција за намалување и отстранување на системскиот ризик, со цел да се заштити и подобри еластичноста на финансискиот систем на Велика Британија.[22] Комитетот има и втора цел - да ја поддржи економската политика на владата.

Цели на Банката на Англија

[уреди | уреди извор]

Најважните цели на Банката на Англија се одредени од Одборот на директори, кој има значајна улога во поставувањето на нејзината стратегија. Банката на Англија постои за да обезбеди монетарна стабилност и да придонесе за финансиската стабилност.[23] Основни цели на Банката на Англија се:

  • Монетарната стабилност значи стабилни цени и доверба во валутата. Цените се одредени со таргетирањето на инфлацијата од страна на Владата. Банката се обидува да ги постигне тие цени преку одлуките кои ги делегира на Комитетот за Монетарна политика, објаснувајќи ги транспарентно и имплементирајќи ги делотворно на пазарот на пари.
  • Финансиската стабилност е поврзана со откривање и намалување на ризиците, кои му се закануваат на финансискиот систем во целина. Ова се остварува преку финансиските и други операции на Банката како позајмувач во крајна инстанца, преку супервизија на клучните инфраструктури на пазарот и со надгледување и со принципи делегирани на Комитетот за Финансиска политика.[23].

Управниот орган за регулација (PRA) е задолжен за супервизија на банките и на кредитните унии, осигурителните друштва и големите инвестициони фирми. Во целина, PRA регулира околу 1 700 финансиски фирми. Неговата главна цел е да се залага за сигурност и здравост на овие фирми - особено за осигурителните компании, обезбедувајќи соодветен степен на заштита за сопствениците на полисите.

За oстварување на овие цели Банката на Англија е отворена за соработка и споделување на нејзината работа со други, вклучувајќи други Централни банки и интернационални организации за да се подобри меѓународниот и монетарен систем. Банката ја игра својата улога во промоција на отворен и конкурентен финансиски центар во Обединетото Кралство. Ја користи својата експертиза за да помогне во поефикасен финансиски систем, каде што таквите напори се во јавен интерес и не се во конфликт со нејзините примарни одговорности или со оние на други агенции.

Стратегиски цели

[уреди | уреди извор]

Стратегиските цели, одобрени од Одборот на директори, за 2012/13 година се:

  • Главна цел 1 - Монетарна стабилност
Стратешки приоритет 1 - Да се одржи инфлацијата на ниво со таргетот поставен од Владата на 2%
Да се одговори делотворно и одлучно на настанатите ризици предизвикани од Европската криза со јавниот долг, со цел инфлацијата да остане на таргетираното ниво од 2%
Да се унапреди разбирањето на Банката за новонастанатата маркроекономска средина и влијанието на неконвенционалните монетарни инструменти
Да се разбере и поврзе врската меѓу монетарната и дискретната макроекономска политика
Да се искористат новите видови предвидувања и анализи
Стратешки приоритет 2 - Да се осигура дека Банката ги има инструментите потребни за да се имплементира монетарната политика и издавањето банкноти:
Да се имплементира понатамошна набавка на капитал
Да се биде подготвен за повторно воведување резерви во системот ако е потребно
Да се задоволи побарувачката за потребното количество и вредност на банкноти ефикасно и делотворно, вклучувајќи и подготовки за Олимписките игри во Лондон 2012 година
  • Главна цел 2 – Финансиска стабилност
Стратешки приоритет 3 - Да се одржи стабилност и да се подобри елaстичноста на финансискиот систем
Да се влијае на домашните и интернационални реформи
Да се продолжи со развивање на Европските и Британските административни системи
Да се развие истражувањето на пазарот и дискусиите за неговиот придонес во политиката
Да се испита придонесот на Банката кон финансискиот систем
Стратешки приоритет 4 - Да се оствари дискретна макроекономска политика, преку Комитетот за Финансиска Политика
Да се влијае на меѓународниот систем на макроекономска регулација, преку Европскиот Одбор за Системски ризик
Да се развие делотворна врска меѓу макро и мирко регулацијата
Да се направат анализи за функционирањето и регулацијата на небанкарскиот финансиски сектор, вклучувајќи ги осигурителните и даночните регулативи
Стратешки приоритет 5: Да се заврши транзицијата на дискретната микро супервизија и надзор
Да се биде подготвен за имплементирање на новиот систем на супервизија и оперативнот PRA модел
Да се развие оперативен систем за надзор во Банката во централните делови
Да се воспостави оперативна соработка со Финансиското раководство
Стратешки приоритет 6 : Да се изгради и задржи јавна поддршка за работењето на раководството и неговата монетарна политика
Да се поддржат соодветните надлежни механизми во Банката, вклучувајќи критичко испитување на улогата на Одборот на директори Комитети и неговите одбори за земена
Да се објаснат активностите на Раководството на Банката
Да се продолжи со таргетирање на инфлацијата и со системот на монетарна политика , преку вклучување нови медиуми
Да се влијае на меѓународната дебата за монетарна политика и меѓународниот монетарен систем
Да се промовира јавно разбирање за улогата и работата на PRA (Дискретниот Управен Одбор за регулација)
Стратешки приоритет 7 - Да се осигура дека Банката ги има вистинските луѓе и процеси да ги оствари нејзините главни цели, особено за време на овој период на транзиција
Да се завршат практични подготовки за интеграција на PRA во Банката
Да се подготват подобрени централни услуги да се обезбеди поддршка низ Банката
Да се имплементираат наоди од испитувањата на ефикасноста на банкарските услуги и да се осигура понатамошна буџетска дисциплина и стабилна вредност на парите
Да се обезбедат награди за различни фази од кариерата на вработените
Да се осигура дека Банката се фокусира на битните цели и ризици со охрабрување на креативност, предизвик и време за долгорочни истражувања
Да се заврши петгодишниот извештај за финансиската поддршка на Банката
Да се подобри отпорноста на безбедноста на информацискиот систем
Да се идентификуваат сферите каде што главите на оддленијата и постарите вработени може да преземат повеќе одговорност и да делегираат авторитет од Гувернерот и менаџерите на Централната Банка
Да се задржи највисокото ниво на менаџмент ризик низ банкарските активности
Да се практикува финансиска контрола за да се одржат трошоците во согласност со буџетот и да се задржи вредноста на парите

Раководство

[уреди | уреди извор]

Системот за управување и одговорност на Банката на Англија, е воведен со закон во 1998 година. Некои негови аспекти подоцна биле изменети со Банкарскиот договор од 2009 година[24].

Одбор на директори

[уреди | уреди извор]

Одборот на директори е повеќе одговорен за управување со работењето на Банката, отколку за формулирањето на монетарната политика. Неговите одговорности се одредени со законот од 1998 и вклучуваат определување на целите и стратегијата на Банката, осигурувајќи делотворно остварување на нејзините функции и најефикасно искористување на ресурсите. Од потпишувањето на Банкарскиот договор од 2009 година, таа има законски обврзана цел да ја заштитува и зголемува стабилноста на финансискиот систем на Обединетото Кралство. Членовите на одборот ги назначува Кралската круна, а сите девет директори се неизвршни. Гувернерот исто така е назначен од Кралската Круна. Неговиот мандат трае осум години, на заменик гувернерот пет години, а на директорите во одборот три години. Одборот ги делегира секојдневните активности на Банката кон Гувернерот и преку него до другите извршни членови.

Притоа одборот има свое право на глас за согласност во врска со:

  • Целите и стратегиите на Банката на Англија
  • Трошковниот буџет
  • Големи капитални проекти
  • Финансискиот систем на Банката
  • Политиката на Банката за управување со ризик
  • Отпишување на долг од нејзиниот биланс на состојба
  • Одобрување на назначените ревизори
  • Промена во пензиските планови и начините на плаќање
  • Воспоставување заменици во Одборот и услови за нивно членство и
  • Одобрување на планот за наследување функции

Одборот своите активности ги држи под надзор и секоја година се изработува Годишен Извештај за делотворноста. Членовите на Одборот и гарантираат на Банката дека нема да изнесуваат информации за нејзиното работење надвор од нивните функции и работни места, со цел да се осигура непристрасно и чесно извршување на задачите. Овие одлуки за потпишување гаранција се донесени во 2000 година и се одобрени од Министерството за Финансии во согласност со Владата.

Надзорен Комитет

[уреди | уреди извор]

Надзорниот Комитет е заменик на Одборот на Директори. Неговите главни функции се однесуваат во набљудување на активностите на Банката кон остварување на нејзините цели и стратегија. Овие цели се однесуваат на монетарната политика, финансиската стабилност и било кои други цели одредени од Одборот. Комитетот има слични функции со Дискретниот Управен Одбор за регулација (PRA) кои му се делегирани од Одборот. Тој врши мониторинг за тоа до кој степен се остварени овие цели, врши внатрешна финансиска контрола за да осигура соодветно извршување на нејзините финансиски активности. Тој исто така може да назначи и своја личност за мерење на перформансите на вработените. Со законот од 1998 година, дадени му се и одредени права во донесувањето одлуки.

Комитет за финансиска политика

[уреди | уреди извор]

Овој комитет, исто така, е заменик на Одборот на Директори. Во него членуваат: Гувернерот, трита заменик Гувернери, извршниот директор на финансиското раководство, извршниот директор одговорен за финансиска стабилност и надворешни членови назначени од Канцеларот. Комитетот за финансиска политика придонесува во остварувањето на целта на Банката за финансиска стабилност преку идентификување и преземање акција за да се намалат ризиците во финансискиот систем. Во однос на ова, потребно е да се поддржат економската политика на владата, вклучувајќи ги нејзините цели за раст и намалување на невработеноста. Главен член на овој одбор е Гувернерот.

Советодавен Комитет за Финансискиот систем

[уреди | уреди извор]

Советодавниот Комитет ги набљудува и советува за извршување на функциите кои се однесуваат за финансиска стабилност а кои не се во надлежност на Комитетот за Финансиска политика. Во нив спаѓаат Системот за плаќање, Системот за спогодби и улогата на Банката во начинот на управување.

Комитет за хонорари и плаќање

[уреди | уреди извор]

Овој Комитет го советува Одборот на директори за исплаќање на најстарите извршни директори во Банката; Гувернери,членови на извршниот тим, советници на гувернерот и надворешни членови на Комитетот за финансиска политика. Исто така се однесува и на сите точки поврзани со плаќањето на неизвршните директори на Дискретниот одбор за регулација (PRA).

Комитет за ревизија и ризици

[уреди | уреди извор]

Функциите на Комитетот за ревизија и ризици сè со цел да му асистираат на одборот при исполнувањето на неговите одговорности за обезбедување делотворен систем на финансиска контрола, внатрешна контрола и управување со ризик. Тој е одговорен за давање независна сигурност и проценка на Одборот, дека контролните процедури се соодветни. Неговите членови се состануваат редовно, имаат детални услови во однос на примањето извештаи од внатрешните и надворешните ревизори и нивно разгледување, преглед на годишните финансиски извештаи, сметководствената политика и користените процедури, како и разгледување на матрицата на ризика на Бнаката и специфичните бизнис контроли.

Комитет за назначување и номинација

[уреди | уреди извор]

Овој комитет е формиран во 2010 година, меѓу другото за да дава препораки на Одборот на Директори при назначувањето извршни директори, секретар, внатрешен ревизор на Банката и заменик комитети со цел да се осигура непристарасно назначување на овие членови.

Банката на Англија денес

[уреди | уреди извор]
Музејот на Банката на Англија

Покрај своите активности поврзани со централното банкарство, Банката на Англија, исто така, нуди голем број услуги на јавноста, со цел да изгради свест и разбирање за нејзината улога. На јавноста ѝ се достапни голем број материјали и презентации за сите возрасти, за младите луѓе таа обезбедува многу образовни содржини за парите, цените и економијата, вклучувајќи и годишен натпревар за ученици од средните училишта. За другите централни банки, Банката на Англија одржува семинари и нуди експертиза и совети.[25].

Банката има околу 200 економисти чиишто истражувања се објавени во интернационални списанија и се презентирани на академски конференции. Таа е редовен домаќин на многу работилници и семинари со други централни банки. Нејзиното влијае во светски рамки врз финансиските системи и институции е големо. Таа има големо национално значење во градењето здрав и стабилен глобален монетарен систем[26].

Монетарна политика

[уреди | уреди извор]

Главниот инструмент со која Банката на Англија ја обезбедува ликвидноста на банките се репо-договорите, како и купувањето „прифатливи“ хартии од вредност (најчесто, државни записи). Притоа, каматната стапка на репо-договорите ја одредува Комитетот за монетарната политика (Monetary Policy Committee)[27]

  1. Официјално мрежно место на Банката на Англија
  2. http://www.bankofengland.co.uk/about/Pages/default.aspx Архивирано на 4 ноември 2014 г. Официјално мрежно место на Банката на Англија]
  3. H. Roseveare (1991).
  4. Nichols, Glenn O. (1971). „English Government Borrowing, 1660–1688“. Journal of British Studies. 10 (2): 83–104. doi:10.1086/385611. ISSN 0021-9371. JSTOR 175350.
  5. British Parliamentary Reports on International Finance: The Cunliffe Committee and the Macmillan Committee Reports. Arno Press. 1 January 1979. ISBN 9780405112126. Архивирано од изворникот на 26 April 2021. Посетено на 10 May 2010. Its foundation in 1694 arose out the difficulties of the Government of the day in securing subscriptions to State loans. Its primary purpose was to raise and lend money to the State and in consideration of this service it received under its Charter and various Act of Parliament, certain privileges of issuing bank notes. The corporation commenced, with an assured life of twelve years after which the Government had the right to annul its Charter on giving one year's notice. Subsequent extensions of this period coincided generally with the grant of additional loans to the State.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 975.
  7. The Bank of England: History and Functions (PDF). London: Bank of England. 1970.
  8. The Bank of England: History and Functions (PDF). London: Bank of England. 1970.
  9. „Bank of England: Buildings and Architects“. The Bank of England. Архивирано од изворникот на 10 September 2015. Посетено на 31 July 2015.
  10. „War Finance in England; The Bank Restriction Act of 1797—Suspension of Specie Payments for Twenty-four Years—How to Prevent Depreciation of the Currency“. The New York Times (англиски). 1862-01-27. ISSN 0362-4331. Архивирано од изворникот на 17 February 2022. Посетено на 2022-02-17.
  11. Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973.
  12. 12,0 12,1 Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 979.
  13. Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 206.
  14. Morrison, James Ashley (2016). „Shocking Intellectual Austerity: The Role of Ideas in the Demise of the Gold Standard in Britain“ (PDF). International Organization (англиски). 70 (1): 175–207. doi:10.1017/S0020818315000314. ISSN 0020-8183. Архивирано од изворникот (PDF) на 4 November 2020. Посетено на 8 September 2020.
  15. Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973 и 975.
  16. Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 973.
  17. Hennessy, Elizabeth (1992). A Domestic History of the Bank of England. Cambridge: Cambridge University Press. стр. 43–45.
  18. Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bank of England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 979-980.
  19. Charles R. Bean (2019), “A Review Essay: David Kynaston’s Till Time’s Last Sand: A History of the Bankof England, 1694–2013”, Journal of Economic Literature, 57(4), стр. 974.
  20. Sattler, Thomas; Brandt, Patrick T.; Freeman, John R. (April 2010). „Democratic accountability in open economies“. Quarterly Journal of Political Science. 5 (1): 71–97. CiteSeerX 10.1.1.503.6174. doi:10.1561/100.00009031.
  21. Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 207.
  22. „History“. www.bankofengland.co.uk (англиски). Посетено на 2022-11-04.
  23. 23,0 23,1 „www.bankofengland.co.uk“. Архивирано од изворникот на 2013-05-03. Посетено на 2013-04-27.
  24. „http://www.bankofengland.co.uk“. Архивирано од изворникот на 2013-05-03. Посетено на 2013-04-27. Надворешна врска во |title= (help)
  25. Љубе Трпески, Монетарна економија, Скопје, 2010.
  26. „www.bankofengland.co.uk“. Архивирано од изворникот на 2013-04-25. Посетено на 2013-04-27.
  27. Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 207-209.