Прејди на содржината

Александар Суворов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Александар Суворов

Александар Василевич Суворов (руски: Александр Васильевич Суворов; 24 ноември 172918 мај 1800) — четвртиот и последен руски генералисимус (без Сталин). Еден од малкуте големи војсководци во историјата кои никогаш не изгубиле битка, прочуен по својот прирачник „Наука за победувањето“ (Наука Побеждать) и познат по своите мисли „Тешко во обуката, лесно в бој“ („Тяжело в учении, легко в бою“), „Куршумот е глупак, а бајонетот — јунак“ (Пуля дура, штык молодец), „Загини самиот, но спаси го другарот!“ (Сам погибай, а товарища выручай!).

Младост и кариера

[уреди | уреди извор]

Суворов е роден во благородничко семејство во новгородско потекло во московскиот дворец на дедо си Федосеј Мануков (земјопоседник од Орловската губернија и висок службеник на царот Петар Велики). Бидејќи Манук е популарно ерменско име (со значење „млад“), па така се претпоставува дека Манукови биле со ерменско потекло.

Како момче влегол во редовите на војската, па служел против Швеѓаните во војната во Финска и против Прусите за време на Седумгодишната војна (1756 - 1763). Во 1761 станал масон во ложата во Санкт Петербург. По повеќекратно истакнување во битки, во 1762 станал полковник.

Споменик на Суворов како млад Марс, римскиот бог на војната, од Михаил Козловски (1801).

Потоа служел во Полска за време на Барската конфедерација, ги разбил полските сили под водство на Пуласки, го зазел Краков (1768), трасирајќи го патот кон првата поделба на Полска[1] и го добил чинот генералмајор. Во Руско-турската војна 1768–1774 водел походи против Турците (1773–1774), а се здобил со своето реноме по постигнувањата во Битката кај Козлуѓи.

Во 1775 Суворов бил испратен да го задуши бунтот на Пугачов, но пристигнал на време само за да го спроведе првото испрашување на востаничкиот водач, кого го предале неговите Козаци, па бил обезглавен во Москва.

Против Полјаците и Турците

[уреди | уреди извор]

Од 1777 до 1783 година Суворов служел на Крим и Кавказ, каде во 1780 станал генералполковник, и во 1783, генерал на пешадија по завршувањето на должноста таму. Од 1787 до 1791 година повторно се борел против Турците во Руско-турската војна 1787–1792 и извојувал многу победи; кај кај Кинбурн бил ранет двапати (1787), учествувал во опсадата на Очаков, и во 1788 извојувал две големи победи кај кај Фокшани и крај реката Римник.

Во обете битки учествувале австриски единици под водство на принц Фридрих Јосија, но кај Римник Суворов командувал со сите сојузнички сили. Во заслуга за втората победа, царицата Катерина Велика го прогласила за гроф со звање „Римнички“ покрај неговото име, додека царот Јозеф II го прогласил за гроф на Светото Римско Царство. На 22 декември 1790 година Суворов успешно ја пробил „непробојната“ тврдина Измаил во Бесарабија. На турските единици внатре им било наредено да седат во место и горделиво го одбиле рускиот ултиматум. Нивниот пораз се сметал за огромна катастрофа за Отоманското Царство, додека во Русија оваа победа била величана во првата државна химна, „Грому на победата, раздавај се!“.

Потоа војската на Суворов продолжила со масакр на 26,000 турски војници и цивили на Измаил во устието на Дунав. Руската војска претрпела загуби од речиси 33 %, па затоа преживеаните се осветиле свирепо. [11] Архивирано на 4 мај 2007 г.

Според друг извор, губитоците биле уште поголеми: Во 1791 Суворов ги здружил копнената артилерија и воената морнарица за да предизвика огнена бура. Кога русите влегле во градот, извршиле масакр врз практично сето население (40, 000) од куќа во куќа. Суворов и се пофалил на царицата со воспевнички стихови, но потоа признал дека плачел.[12]

Статуа на Суворов во Тираспол, главниот град на Приднестовие.

Суворов го основал Тираспол, денешниот главен град на Приднестровие, во 1792. На главниот плоштад стои негова коњичка статуа, а неговиот лик стои на приднестровската рубља.

Веднаш по потпишувањето на мирот со Турција, Суворов повторно добил прекоманда во Полска, каде бил главен командант и зел учество во Битката кај Мацејовице, каде го фатил полскиот врховен командант Тадеуш Кошќушко. На 4 ноември 1794, Суворов јурнал на Варшава и ја зазел Прага, варшавска околија. Масакрот на околу 20,000 цивили во Прага[2] ги деморализирал бранителите и набргу му ставил крај на Кошќушковото востание. Според некои извори [3] масакрот бил дело на Козаците кои биле полунезависни и не биле под директна команда на Суворов. Една претпоставка е дека Суворов се обидувал да го спречи масакрот, па дури и наредил да се урне мостот кон Варшава преку реката Висла[4] за да го спречи ширењето на насилство во Варшава. Други историчари го оспоруваат ова[5], но повеќето извори не споменуваат ниту намерно засилување, ниту спречување на масакрот.[6]. Сепак Суворов им дозволил на војниците да го ограбуваат градот многу подолго отколку што било профатливо, што можеби било сфатено од некои, особено од нескротиливите Козаци, како зелено светло да прават што сакаат.[7]

Се смета дека Суворов ѝ испратил извештај на царицата со само три збора: „Ура од Варшава, Суворов.“ Царицата одговорила подеднакво кратко: „Честитки, Фелдмаршале. Катерина.“ Новоназначениот фелдмаршал останал во Полска до 1795, кога се вратил во Санкт Петербург. Но неговата царица и пријателка Катерина Велика умрела во 1796, и нејзиниот наследник Павел I срамно го отфрлил.

Италијански поход

[уреди | уреди извор]
„Суворов во прогонство ја прима царската наредба да ја води руската армија против Наполеон

Суворов ги провел следните неколку години како пензионер на неговиот имот Кончанское близу Боровичи. Ги критикувал новите воени тактики и облека воведени од царот, и некои од овие остри критики дошле до царевите уши. Така неговото поведение било под надзор, а неговата кореспонденција со жена му, која останала во Москва заради нивниот несреќен брак, била отворана и проверувана. Во неделите ја ѕвонел црковната камбанарија и пеел духовни песни заедно со селаните. Во делниците работел заедно со нив во селска облека. Меѓутоа во февруари 1799 царот Павел I повторно го повикал на бој, овој пат против Француските револуционерни војски во Италија.

Походот започнал со низа победи на Суворов (Касано, Требија, Нови). Ова ја ставило француската влада во очај и ја истерало сета француска војска од Италија, освен малкумина под водство на Моро, кои останале стационирани на Приморските Алпи и околу Џенова. Самиот Суворов ја добил титулата „Савојски принц“ од кралот на Сардинија.

„Руската војска под водство на генералисимус Суворов ги преминува Алпите во 1799

Но подоцна во годината, настаните се покажале неповолни за русите. Војската на генерал Корсаков била поразена од Масена кај Цирих. Предаден од Австриците, стариот фелдмаршал, барајќи пат низ швајцарските премини кон Горна Рајна, морал да се повлече во Предарлска, каде војската, прилично скршена и очајна за коњи и артилерија, останала да презими. Кога Суворов војувал пат низ снежните Алпи, неговата војска била притегната, но никогаш поразена. За ова чудо од стратешко повлекување, нечуено уште од времето на Ханибал, Суворов станал четвртиот генералисимус на Русија. Му било официјално ветено дека ќе му биде приреден воен триумф во Русија, но дворските интриги го навеле царот да ја откаже церемонијата.

Рано во 1800 Суворов се вратил во Санкт Петербург. Павел одбил да го прими, и, истрошен и болен, стариот ветеран починал пет дена потоа, на 18 мај 1800. Лордот Витворт, англискиот амбасадор, и поетот Державин биле единствените истакнати лица кои присуствувале на погребот.

Суворов е погребан во Благовештенската црква во Александро-Невскиот манастир, каде едноставниот надгробен натпис, според сопствена желба, вели: „Тука лежи Суворов“. Но една година по неговата смрт, царот Александар I подигнал статуа во негова чест на Марсовото поле.

Титули и семејство

[уреди | уреди извор]
Поштенска марка од СССР посветена на Суворов, 1980

Суворовото полно име, титули, чинови и одликувања се: Александар Василевич Суворов, Италијански кнез, Римнички гроф, Гроф на Светото Римско Царство, Сардински кнез, Генералисимус на руските копнени и поморски сили, Фелдмаршал на австриската и сардинската армија; тешко ранет шест пати, добитник е на Орден на Светиот апостол Андреј Првоповикан, Орден на Свети Ѓорѓи Триумфална прва класа, Орден на Свети Владимир Прва класа, Орден на Свети Александар Невски, Орден на Света Ана Прва Класа, Голем крст на Орденот на Св. Јован Ерусалимски, (Австрија) Орден на Марија Тереза Прва класа, (Прусија) Орден на Црниот орел, Орден на Црвениот орел, За заслуги, (Сардинија) Ордер на Препоч. Светци Маврициј и Лазар, (Баварија) Орден на Св. Губерт, Златна лавица, (Франција) на Обединетите редови на Кармелитската Дева Марија и Св. Лазар, (Полска) Орден на Белиот орел, Орден на Св. Станислав.

Син му Аркадиј (1783 - 1811) служел како генерал за време на Наполеоновите и Турски војни во раниот XIX век, и се удавил во истата река Римник која му донела слава на татко му. Неговиот внук Александар Аркадиевич (1804 - 1882) исто така станал генерал.

Непосредното семејство на Суворов сѐ уште постои, и во него спаѓа грофот Јохан фон Зубов, грофицата Татјана Зубов-Рајнеј, грофицата Ирина Мендес де Леон, Анатол Рајнеј, Александар Рајнеј, Ксенија Рајнеј, Феодора Мендес де Леон, Кира Мендес де Леон, Кармен Мендес де Леон.

Оставнина

[уреди | уреди извор]
Гробот на Суворов

Русите веќе долго време го негуваат сеќавањето за Суворов. Како голем капетан, гледано од било кое време во воената историја, тој особено служи како голем капетан на руската нација, за карактерот на неговото водење кој треба да се рефлектира во карактерот на рускиот војник. Во време кога војната станала дипломатски чин, тој ѝ го повратил нејзиното вистинско значење како чин на наметнување на сила. Се одликувал со мошне едноставно однесување, и додека бил во поход, живеел како обичен војник, спиејќи на слама и јадејќи наједноставни оброци. Но сепак, тој прошол низ сите степени на воената служба.

По повод стогодишнината од смртта на Суворов, во 1900, во Санкт Петербург бил отворен величествениот Музеј на Суворов. Освен таму, други негови споменици стојат во Очаков (1907), Севастопол, Измаил, Тулчин, Кобрин, Новаја Лагода, Херсон, Тимановка, Симферопол, Калининград, Кончанское, Римник и на Швајцарските Алпи. На 29 јули 1942 Президиум на Врховниот Совет ја создал наградата „Орден на Суворов“. Се доделувал за успешни офанзивни акции против надмоќен противник.

Суворов како мотив ов уметноста

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Cowley, Robert; Parker, Geoffrey, уред. (10 јули 2001). The Reader's Companion to Military History. Houghton Mifflin Books. стр. 457. ISBN 0-618-12742-9. Посетено на 10 септември 2006.CS1-одржување: повеќе имиња: список на уредници (link)
  2. : Ledonne, 2003, p.144 Google Print and Alexander, 1989, p.317 Google Print[мртва врска]
  3. (руски) Александар Бушков Russia that never existed, ги цитира мемоарите на Адам Јержи Чарториски дека Суворов се обидувал да го спречи масакрот
  4. (руски)A. F. Petrushevsky. "Generalissimo Prince Suvorov" Архивирано на 29 октомври 2013 г., глава "Polish war: Praga, 1794 Архивирано на 29 октомври 2013 г.", прво издание 1884, препечатено 2005, ISBN 5-98447-010-1
  5. (полски) Јануш Тазбир, Polacy na Kremlu i inne historyje, Iskry, 2005, ISBN 83-207-1795-7, fragment online
  6. [1][мртва врска] [2][мртва врска] [3] [4] [5] [6] [7][мртва врска] [8] [9] [10][мртва врска]
  7. Џон Лезли Хавард, Soldiers of the Tsar: Army and Society in Russia, 1462-1874, Keep, Oxford University Press, 1995, ISBN 0-19-822575-X, Google Print, стр.216
  8. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 168.
  • Public Domain Оваа статија вклучува текст од објавено дело кое сега е јавна сопственостChisholm, Hugh, уред. (1911). Encyclopædia Britannica (11. изд.). Cambridge University Press. Отсутно или празно |title= (help)
  • Ledonne, John P. (2003). The Grand Strategy of the Russian Empire. Oxford University Press US. ISBN 0-19-516100-9.
  • Alexander, John T. (1999). Catherine the Great: Life and Legend. Oxford University Press US. ISBN 0-19-506162-4.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]