Авантурите на Пинокио
Автор | Карло Колоди |
---|---|
Земја | Италија |
Јазик | италијански |
Издадена | 1883 |
„Авантурите на Пинокио“ (италијански: Le aventure di Pinocchio) — книга на италијанскиот писател Карло Колоди.
Историјат на книгата
[уреди | уреди извор]За првпат, книгата „Авантурите на Пинокио“ се појавила во 1881 година, кога во „Детско списание“ била објавена првата епизода, со наслов „Приказна за една кукла“, по што следувале и други епизоди од книгата. До смртта на авторот, книгата доживела пет изданија, а потоа, со текот на времето, таа станала класика на детската литература. Француското издание на книгата се појавило во 1902 година, а во периодот помеѓу 1911 година и Втората светска војна, таа била преведена на сите европски и голем број други јазици. Денес, се смета дека „Пинокио“ е книга со најголем тираж во светот, по Библијата и Коранот.[1]
Содржина на Пинокио
[уреди | уреди извор]Мајсторот Џузепе пронашол парче дрво што плаче и се смее како бебе. Тој му го подарил дрвото на мајсторот Ѓепето, кој сакал од дрвото да направи кукла, која ја нарекол Пинокио. Веднаш по изработката, Пинокио оживеал и започнал да прави палавштини. И во следните денови, Пинокио е немирен, правејќи разни проблеми и покрај советите кои му ги дава Штурчо - проповедникот. Така, еден ден, тој заспал со нозете на печката и си ги изгорел стапалата. Ѓепето го гледа Пинокио како свое дете и си го продава палтото за да му купи буквар, но Пинокио го продава букварот за да гледа претстава со марионетки. Дрвените кукли од претставата го препознаваат својот брат Пинокио, но тогаш се појавува кукларот Голтнипламен. Пинокио го спасува својот другар Арлекин. Голтнипламен му дава на Пинокио пет златници за да му ги даде на Ѓепето, но Пинокио ги среќава Лицесот и Мачорот, кои успеваат да го измамат и да му ги земат парите. Во една шума, тие го напаѓаат Пинокио и го обесуваат на еден даб, но го спасува самовилата. Тогаш, Пинокио кажува лага и започнува да му расте носот. Потоа, Лисецот и Мачорот успеваат да го измамат Пинокио, убедувајќи го да ги посее златниците во Полето на чудата и така го ограбуваат, а Пинокио заработува казна затвор во траење од четири месеци.
Ослободен од самовилата, Пинокио се враќа дома, но патем среќава страшна змија, а потоа паѓа во стапица за животни. Него го фаќа еден селанец и го принудува да служи како чувар на кокошарникот. Но, Пинокио ги фаќа крадците на кокошки и селанецот го ослободува. Тој сретнува камен на којшто пишува дека умрела самовилата, зашто тој ја изневерил. Пинокио е очаен и потоа среќава гулаб, кој ќе го однесе до морето. Пинокио се фрла во водата за да го спаси својот татко Ѓепето. Пинокио стигнува на Островот на вредните пчели и таму ја наоѓа самовилата. Тој ветува дека ќе биде добар и дека ќе учи, со цел да се претвори во вистинско момче. Но, повторно тој прави неволји: по една тепачка со училишните другари, Пинокио е уапсен од полицијата. Пинокио им бега на полицајците, кои му пуштаат овчарско куче за да го фати. Бегајќи од кучето, Пинокио паѓа во мрежата на еден рибар, кој му се заканува дека ќе го испржи во тавата, но тој успева да избега во куќата на самовилата, каде повторно ветува дека ќе биде добар. Сепак, тој со другарот Фитил заминува во Селото на безделниците. Таму, по пет месеци, поминати во игри и безделничење, на Пинокио му растат уши и опаш, т.е. тој се претвора во магаре. Него го продаваат на пазар и најпрвин го купува директорот на некој циркус, со намера да го научи да игра и да скока низ обрачи. Пинокио ја повредува ногата и тогаш го купува некој кожар со намера да го убие и да му ја одере кожата. Кожарот го фрла Пинокио во морето, а таму го проголтува една огромна ајкула. Во нејзината утроба, Пинокио го пронаоѓа Ѓепето, но двајцата успеваат да се спасат. Потоа, Пинокио станува добар и за награда се претвора во вистинско момче.[2]
Изданија на македонски јазик
[уреди | уреди извор]Книгата „Пинокио“ е издадена на македонски јазик во повеќе наврати, како задолжителна лектира за учениците во основните училишта.
- Издание од 1997 година : Книгата „Пинокио“ била објавена во 1997 година од страна на Книгоиздателството „Детска радост“ во превод на Здравко Ќорвезироски. Книгата има 187 страници и меѓународна ознака ISBN 9989-30-255-3.[3] Следната година била објавена во превод на истиот автор со илустрации на Димче Исаиловски[4]
- Издание од 2001 година : Во 2001, книгата била објавена од Книгоиздателството „Три“ - Скопје, како дел од збирката Библиотека - Сонце, во превод на Здравко Ќорвезировски. Книгата била објавена на 189 страни, со цртежи од Горан Даутовски и со белешка за авторот.[5]
- Издание од 2003 година : Книгата била објавена во 2003 од страна на Силсонс (Скопје : Графостил), на 167 страни, во превод на Елена Николовска и со цртежи на Зоран Димитриоски.[6]
- Издание од 2005 година : Книгата „Пинокио“ е објавена во 2005 година од страна на Просветно дело АД Скопје, Редакција „Детска радост“, во состав на библиотеката „Лектирни изданија“. Книгата има 248 страници, а покрај главниот текст, таа содржи и осврт на делото и биографија на авторот. Книгата е со димензии од 20 сантиметри, каталогизирана е во Народна и универзитетска библиотека Св. „Климент Охридски“ - Скопје и носи меѓународна ознака ISBN 9989-30-691-5. Преводот на македонски јазик го направила Наташа Сарџовска, дизајнот и графичкото обликување се дело на Жарко Туниќ, а илустрациите во книгата ги направил Душан Дракалски. Катерина Ноневска извршила лектура и коректура на текстот. Книгата е испечатена во печатницата „Коста Абраш“ од Охрид.[2]
- Издание од 2010 година : Издавачката куќа “Ѓурѓа“ го објавила делото во 2010 година на 102 страни во превод на Ѓурѓица Костеска-Андонова и како дел од збирката : Библиотека - Ризница[7] а потоа и во 2011 во преработено издание ISBN 978-608-201-175-2.
- Издание од 2012 година : Издавачката куќа Феникс од Скопје во 2012 година го објавила делото со 131 страна и во превод од српски јазик на Павлина Тасева како дел од збирката Библиотека - Врвови, со ISBN 978-9989-33-610-2. Во 2015 година, делото повторно било објавено од истиот издавач - ISBN 978-9989-33-610-2.
- Издание од 2019 година : Издавачката куќа „Тримакс“ - Скопје го објавила делото во превод од англиски јазик на Благица Ангеловска, на 188 страни со илустрации на Тамара Јанковска. Автор на раткиот осврт на делото "Пинокио" од Карло Колоди е Јадранка Клисарова.[8]
Екранизација на книгата
[уреди | уреди извор]Книгата „Пинокио“ доживела толку голема популарност, што според неа биле снимени поголем број филмови. Така, ликот на Пинокио за првпат бил екранизиран во 1911 година, како нем филм кој траел помалку до 30 минути, дело на грофот Џулио Чезаре Антаморо. Во овој филм глумел во тоа време многу популарниот забавувач Полидор. Во 1932 година бил снимен филм за Пинокио во Јапонија, во режија на Нофуро Офуџи при што била применета експериментална техника на анимација на кукли. Исто така, во 1930-тите, во Италија биле снимени бројни долгометражни анимирани филмови, делумно во боја, посветени на куклата Пинокио. Пресврт во екранизацијата на Пинокио извршил филмот на Волт Дизни од 1940 година, а во истиот период, во СССР биле снимени повеќе верзии на цртани и куклени филмови, засновани врз преработката на „Пинокио“ од страна на Алексеј Толстој, под наслов „Малиот златен клуч“. Британската верзија на ова дело била снимена во 1996 година, во режија на Стив Барон.[9] Во поново време, позната е екранизацијата на Роберто Бенињи, кој истовремено ја игра и улогата на Пинокио. Во 2022, режисерот Гилермо дел Торо направи нова мрачна, извртена адаптација на познатиот роман „Авантурите на Пинокио“ од Карло Колоди во кој играат познати глумци како Кејт Бланчет, Еван Мекгрегор, Тилда Свинтон, Рон Перлман, Кристоф Валц, Фин Вулфхард, Берн Горман, Џон Тортуро, Дејвид Бредли, Тим Блејк Нелсон.[10]
Филмски адаптации
[уреди | уреди извор]Филм | Година | Режисер |
---|---|---|
Золотой ключик | 1939 | Александар Птушко |
Пинокио | 1940 | Ben Sharpsteen, Hamilton Luske |
Авантурите на Буратино ((англиски) The Adventures of Buratino) | 1959 | Димитри Бабиченко, Иван Иванов - Вано |
Пинокио во вселената | 1965 | Ray Goossens |
Пинокио : Серии | 1972 | |
Un burattino di nome Pinocchio | 1972 | Giuliano Cenci |
Авантурите на Пинокио ((италијански) Le avventure di Pinocchio ) | 1972 | Лујџи Коменчини |
The Adventures of Buratino | 1976 | Леон Нечаев |
Pikorîo no bôken | 1976-77 | |
Божиќот на Пинокио ((англиски) Pinocchio's Christmas) | 1980 | Jules Bass ,Arthur Rankin Jr. |
Пинокио | 1984 | Питер Медак |
Пинокио и Царот на ноќта ((англиски) Pinocchio and the Emperor of the Night) | 1987 | Хал Сатерленд |
Пинокио | 1992 | Дајан Ескенази |
Одмаздата на Пинокио ((англиски)Pinocchio's Revenge) | 1996 | Kevin S. Tenney |
Авантурите на Пинокио ((англиски)The Adventures of Pinocchio) | 1996 | Стив Барон |
Новите авантури на Пинокио ((англиски)The New Adventures of Pinocchio) | 1999 | Мајкл Андерсон |
Pinocchio - Die Märchen der Brüder Grimm | 1999 | |
Ѓепето ((англиски) Geppetto) | 2000 | Том Мур |
Пинокио | 2002 | Роберто Бенињи |
Пинокио 3000 | 2004 | Daniel Robichaud |
Добредојде Пинокио (Bentornato Pinocchio) | 2006 | Орландо Коради |
Пинокио | 2008 | Алберто Сирони |
Пинокио | 2012 | Enzo D'Alò |
Пинокио | 2015 | Stepán Gajdos |
Пинокио | 2019 | Матео Гароне |
Пинокио : Вистинска приказна (Pinocchio: A True Story) | 2022 | Василиј Ровенскиј |
Пинокио | 2022 | Гилермо Дел Торо |
Пинокио | 2022 | Роберт Земекис |
Пинокио и пријателите (Pinocchio and friends) | 2022 | |
Пинокио | 2022 | Виктор Лакисов |
Il villaggio incantato di Pinocchio | 2022 | Barrett Leddy |
Pinocchio Unstrung | 2025 | Rhys Frake-Waterfield, Scott Chambers |
Pinocchio: Carved from Darkness | 2025 |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Карло Колоди - Легенда што трае“, во: Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005, стр. 242-245.
- ↑ 2,0 2,1 Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005.
- ↑ Колоди, Карло (1997). Пинокио. Преведено од Ќорвезироски, Здравко. Скопје: Детска радост. ISBN 9989-30-255-3.
- ↑ Колоди, Карло (1998). Пинокио. Преведено од Ќорвезироски, Здравко. Скопје: Детска радост. ISBN 9989-30-423-8.
- ↑ Колоди, Карло (2001). Пинокио. Преведено од Ќорвезироски, Здравко. Скопје: Три - Скопје.
- ↑ Колоди, Карло (2003). Пинокио. Скопје: Силсонс - Скопје. ISBN 9989-933-49-9.
- ↑ Колоди, Карло (2010). Пинокио. Скопје: Ѓурѓа. ISBN 978-608-201-113-4.
- ↑ Колоди, Карло (2019). Пинокио. Скопје: Тримакс. ISBN 978-608-204-280-0.
- ↑ „Карло Колоди - Легенда што трае“, во: Карло Колоди, Пинокио, Просветно дело, Редакција „Детска Радост“, Скопје, 2005, стр. 244-245.
- ↑ „Кејт Бланшет и Еван Мекгрегор во „Пинокио"“.