Прејди на содржината

Атена (митологија)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Атина, 1. век п.н.е. (Лувр)

Во старогрчката митологија, Атена (грчки: Ἀθηνᾶ, Athēnâ, или Ἀθήνη, Athénē; дорски: Ἀσάνα, Asána; латински: Минерва) била божица на цивилизацијата, т.е. на мудроста, женските вештини, ткаењето, занаетот и дисциплинарните страни на војната (насилството и крволочноста биле Аресов домен). Нејзиниот пандан во римската митологија била божицата Минерва. Според некои толкувања, името Атена претставува инверзија од Анате, што на сумерски значи „Кралица на небото“. Најчесто се претставува со шлем, копје и штит со главата на Медуза.[1]

Според Хесиод, Атена била ќерка на Зевс и „советничката“ титанкатаМетида. Притоа, Атена се родила потполно возрасна и вооружана, од главата на татка си, кој ја проголтал бремената Метида.[2] Според Палазгите, Атена е родена во Либија, покрај езерото Тритон, каде што ја нашле и одгледале три либиски нимфи, облечена во јарешка кожа. Таа уште како девојче, случајно ја убила својата врсничка Палада додека си играле со лакови и стрели, па од тага за неа, на своето име го додала името Палада.[3] Според други, таа е родена од таткото Палант кој подоцна се обидел да ја силува, па таа го убила, му ја одрала кожата и го зела и неговото име, од неговата кожа направила штит, а неговите крилја ги ставила на својот грб. Според некои толкувачи, таа е ќерка на Итон, кралот на Фтиотида. исто така, постои и тврдење дека Атена е ќерка на Посејдон.[3]

Карактеристики

[уреди | уреди извор]

Атинината мудрост се поврзува со техничкото знаење потребно во ткаењето, металургијата, но исто така и со лукавоста (метис). Нејзини симболи се утот и маслиновото дрво. Првите приказни за Атини зборуваат за неа како божица на птиците. Првобитно е замислена како божица со крилја, а дури и во некои митови и самата била птица - ут. Затоа е чудно што подоцна во митовите, нејзините пораки доаѓаат преку орли, соколи и сл. Нејзината најдобра пријателка е Ника, божицата на победеата. Атина се појавува како заштитничка на многу грчки јунаци, вклучувајќи ги Херакле, Одисеј и Јасон.

  1. „Registar imena i reči s objašnjenjima“ во: Krista Volf, Kasandra. Sarajevo: Svjetlost, 1987, стр. 164.
  2. Artur Koterel, Rečnik svetske mitologije, Nolit, Beograd, 1998, стр. 205 - 206.
  3. 3,0 3,1 Robert Grevs, Grčki mitovi, Nolit, Beograd, 1992, str. 43.