Уделот на психосоцијалниот стрес во настанокот и прогресијата на хроничната пародонтопатија е потврден во многу студии досега. Паралелно на тоа, интензивно се докажуваат позитивните ефекти од практикувањето на јога врз различни психички,...
moreУделот на психосоцијалниот стрес во настанокот и прогресијата на хроничната пародонтопатија е потврден во многу студии досега. Паралелно на тоа, интензивно се докажуваат позитивните ефекти од практикувањето на јога врз различни психички, социјални и физички аспекти на човекот но и при важни стрес индуцирани заболувања. Она што до сега не е воопшто истражено е поврзаноста на стрес редукциони методи т.е. јога со состојбата на пародонтот.
За таа цел на Клиниката за болести на устата и пародонт, при УСКЦ “Св.Пантејлемон“ Скопје, беше изведена студија на пресек врз вкупно 40 испитаници, на возраст од 25-60 години. Со помош на прелиминарен прашалник, од 4 здравствени установи беа селектирани 20 испитаника кои не практикуваат релаксациони методи на неделно ниво и 20 испитаника од Центар за јога и личен развој, Скопје, кои практикуваат јога, редовно во изминатата 1,5 година. Сите испитаници покажуваа знаци за пародонтална афекција и немаа здравствени состојби кои интерферираат со хроничната пародонтопатија. Првата група, како контролна ја сочинуваа испитаниците кои не практикуваат јога, а втората група, испитувана ја сочинуваа испитаниците со јога искуство. Во тек на работен ден, во периодот помеѓу 8-10 часот наутро, им беше земен примерок од плунка за детекција на нивото на саливарен кортизол и извршено психолошко тестирање на субјективното доживување на стресот со PSQ прашалникот и BAI тестот на анксиозност. Беше направен пародонтолошки преглед од страна на еден истражувач и определени пародонталните параметри: Лу Силнес индексот на гингивална инфламација, Рамфјорд пародонтолошкиот индекс, напреднатост на пародонтопатијата врз основа на големината на губитокот на припој и формата на пародонтопатија врз основа на процентуалната застапеност на зафатените заби со болеста. Резултатите добиени од прашалниците беа анализирани од страна на психијатар на Институт за физиологија со антропологија, кабинет за психофизиологија, Медицински Факултет,Скопје. На Институтот за резидуи и контаминенти при Ветеринарниот факултет во Скопје беа утврдени вредностите на саливарен кортизол со помош на Кит за детекција Salimetrics - High Sensitivity SALIVARY CORTISOL ENZYME IMMUNOASSAY KIT For Research Use Only,Item No. 1-3002, (Single) 96-Well Kit;1-3002-5, (5-Pack) 480 Wells, Penn State Collage,USA. Добиентите резултати беа статистички обработени со методите на дескриптивна и аналитичка статистика, и користење на Pearson-овиот коефициент на корелација.
Постигнувањата на скалата PSQ ни укажа дека постои умерено високо ниво на психосоцијален стрес во последните две години, кај сите испитаници. Student-овиот t- тест покажа дека нема статистички значајна разлика во средните вредности на PSQ тестот, помеѓу испитаниците кои практикуваат и кои не практикуваат јога, за p= 0.5192. Анализата на BAI тестот за анксиозност, ни укажа дека двете групи на испитаници се во рамките на слаба( ниска ) анксиозност, но и дека групата без јога искуство има сигнификантно повисока анксиозност за разлика од групата кој практикува јога, за p= 0.04652. Просечните вредности на саливарниот кортизол кај сите испитаници беа во рамките на референтните вредности зададени за утринскиот период во кој се одвиваше земањето на примерокот, и помеѓу двете групи нема статистички значајна разлика, за p= 0.9895. Во прилог на ова ни говори јаката корелација помеѓу саливарниот кортизол и PSQ скоровите кај двете групи, што значи дека умерено високиот психосоцијален стрес придонел за умерено покачување на утринското ниво на саливарен кортизол. Средно јаката корелација помеѓу постигнувањата на BAI тестот и кортизолот кај јогиската групата ни говори за придонесот на емоциите врз хормоналните промени во организмот, за разлика од непостоењето на таква поврзаност кај групата без јога искуство при што вредностите на кортизолот не се во корелација со нивото на анксиозност кое што го изјавиле во нашето истражување. Нотиравме статистички значајно поголема инфламација на гингивата кај контролната група во споредба со испитуваната група, за p=0.0001339. Присуството на позитивни корелации помеѓу PSQ скоровите и Лу Силнес индексот кај двете групи (r=0.9936 кај контролната, r=0.5625 кај испитуваната) , и BAI скоровите со Лу Силнес индексот кај двете групи (r=0.5444 кај контролната, 0.5792 кај испитуваната) ни ја потврдуваат хипотезата дека субјективно доживеаниот стрес резултира со гингивалните промени што понатаму можат да се прошират и на преостанатиот пародонт. Просечните вредности за пародонталниот индекс по Рамфјорд значително не се разликуваат помеѓу двете групи, p= 0.8849. Корелациите помеѓу Рамфјорд вредностите и вредностите на PSQ (r= 0.3378 кај контролната и r= 0.2653 кај испитуваната) како и Рамфјорд со BAI тестовите покажуваат позитивни (r= 0.4842 кај контролната, r= 0.414 кај испитуваната), средно јаки корелации, што значи дека психосоцијалниот стрес има влијание врз состојбата на пародонтот. Не утврдивме статистичка значајност во разликата помеѓу напреднатоста и формата на пародонтопатијата кај двете групи меѓусебно. Средно јаката корелација помеѓу PSQ вредностите и напреднатоста на пародонтопатијата ни го потврдуваат влијанието што го има психосоцијалниот стрес врз напредокот на пародонталната болест (r= 0.7922 кај контролната, r= 0.529 кај испитуваната група). BAI вредностите на анксиозност позитивно корелираат со големината на губитокот на атечментот кај испитуваната група појако (r= 0.4474), но кај контролната група слабо до незначително (r= 0.1773). Корелацијата помеѓу саливарниот кортизол со пародонталните параметри кај јогиската група е умерена до многу јака. Кај групата која не практикува релаксациони методи добивме јака корелација меѓу саливарниот кортизол и напреднатоста на пародонтопатијата(r= 0.8329) и слаба корелација помеѓу него и гингивалната инфламација(r=0.2552 ). При испитување на корелација помеѓу саливарниот кортизол и Рамфјорд индексот кај контролната група не добивме поврзаност (r= 0.0311).
Од сето претходно изнесено, можеме да заклучиме дека хроничниот емотивен стрес влијае врз состојбата на пародонтот преку неуроендокрини механизми. Јога, како широко распространета и применувана стрес-редукциона метода влијае на намалувањето на анксиозноста како поинтензивна емоција кај човекот и намалување на инфламација на гингивата како важен дел од пародонтот.
Клучни зборови: пародонтопатија, психосоцијален стрес, јога, саливарен кортизол