Прејди на содржината

Хамлет

Од Википедија — слободната енциклопедија
Глумецот Дејан Лилиќ во улогата на Хамлет.

Трагичната повест на Хамлет, Принцот Дански (англиски: The tragedy of Hamlet, Prince of Denmark), или скратено Хамлет (англиски: Hamlet), е трагедија од Вилијам Шекспир, за која се верува дека ја напишал во периодот помеѓу 1599 и 1601 година. Драмата, која се случува во Kралството Данска, раскажува за начинот на кој принцот Хамлет му се одмаздува на чичко му Клавдиј, поради убиството на стариот крал Хамлет (братот на Клавдиј и татко на принцот Хамлет) и наследување на круната, како и поради венчавката со Гертруда (вдовицата на кралот Хамлет и мајка на принцот Хамлет). Драмата живописно ги отсликува вистинското и одглуменото лудило, од неизмерна тага до зовриен гнев, и ги истражува темите на предавство, одмазда, инцест и морално пропаѓање.

Постанокот на „Хамлет“

[уреди | уреди извор]

Постојат три различни и рани верзии на драмата, познати се како:

  • првото кварто (Q1)
  • второто кварто (Q2) и
  • првото фолио (F1).

Во секоја од нив има стихови, па дури и сцени, кои ги нема во другите верзии.

Шекспир ретко самостојно ги измислувал приказните за своите драми, туку нив ги позајмувал од историјата или од познатите приказни од неговото време. Така ја напишал и драмата „Хамлет“ врз основа на скандинавската легенда за Амлет од 10 век, која била запишана од данскиот летописец во 12 век, Саксо Граматикус, во неговата неговото дело „Делата на Данците“ (Gesta Danorum), кое било отпечатено во 1514 година во Париз. Од него приказната ја презел Франциск де Белефоре и ја ставил во својата книга „Трагични истории“, објавена во Париз, во 1576 година. Веројатно, Шекспир ја прочитал приказната од француската верзија, зашто англискиот превод на делото на Белфоре било објавено дури во 1608 година. Меѓутоа, со сигурност се знае дека пред 1589 година постоела една англиска драма за Хамлет, којашто денес е изгубена, а за која се верува дека ја напишал првиот популарен англиски трагичар, Т. Кид.[1]

Првото печатено издание на „Хамлет“ се појавило во 1603 година и тоа значително се разликува и е за половина помало од второто издание од 1604 година. Врз основа на тоа се смета дека првото издание е само груба верзија на првобитната драма за Хамлет (испечатена пиратски), направена многу порано за потребите на театарот. Дури подоцна, Шекспир ја напишал својата драма за Хамлет, а онаа рана драма, според зборовите на Едмунд Чемберс, „ја зел за своја почетна точка и веројатно ја задржал рамката на приказната, но дијалозите, ликовите и психолошките мотиви се само негови“.[2]

Структурата на драмата и нејзиното длабоко навлегување во карактерите инспирирале многу критички набљудувања, од кои едно е повеќевековна дебата околу двоумењето на Хамлет да го убие вујко си. Некои сметаат дека тоа е дел од заплетот за да се продолжи дејствието, а други сметаат дека е резултат на притисокот извршен од страна на сложените филозофски и етички прашања, кои се поврзани со ладнокрвното убиство, испланираната одмазда и оневозможените желби. Од неодамна, психоаналитичките критичари ги анализирале несвесните стремежи на Хамлет, а феминистичките критичари ги преиспитале и рехабилитирале често оцрнетите ликови на Офелија и Гертруда.

Хамлет е најдолгата драма на Шекспир, како и меѓу најмоќните и највлијателни трагедии во англиската литература. Поседува приказна што може „бескрајно да се прераскажува и приспособува од други.“ Во времето на Шекспир, таа била една од неговите најпопуларни дела, а и денес сè уште стои високо на листата негови најиграни драми; на пример, на првото место е на списокот на „Кралската дружина на Шекспир“ уште од 1879 година. Инспирирала писатели како Гете и Дикенс, па сè до Џојс и Мурдок, и е опишана како „најфилмуваната приказна во светот по Пепелашка“.

Главната улога речиси сигурно била создадена за Ричард Барбиџ, најпознатиот глумец-трагичар во времето на Шекспир. Во наредните 400 години, таа улога ја глумеле светски признати глумци и глумици од секоја последователна доба.

Ликови во драмата

[уреди | уреди извор]

Во драмата се појавуваат следниве ликови:[3][4]

Содржина

[уреди | уреди извор]

Дејството на драмата се одвива во Елсинор, во дворот на данскиот крал Клавдиј, кој по смртта на претходниот крал Хамлет (татко на принцот Хамлет) се оженил со неговата жена, кралицата Гертруда.

Во кралството владее немир, зашто се очекува напад од синот на покојниот норвешки крал. Веќе три ноќи по ред, стражарите го забележуваат духот на мртвиот крал (таткото на Хамлет) како шета по тврдината облечен во воен оклоп. Тие му ја соопштуваат веста на Хамлет, кој е многу тажен поради смртта на татко му и потиштен поради бракот на неговиот стрико и мајка му. Истовремено, Хамлет покажува наклонетост кон Офелија, ќерката на дворскиот советник Полониј. Братот на Офелија заминува во Франција, а нејзиниот татко ја советува да се држи подалеку од Хамлет. Следната ноќ, духот се покажува повторно и му ја кажува на Хамлет вистината за смртта на татко му: додека спиел во градината бил отруен од својот брат. Притоа, духот го повикува Хамлет на одмазда, но со молба да ја поштеди мајката. Хамлет ги повикува другарите да се заколнат дека нема да го предадат, кажувајќи им дека може да се случи тој да започне да се однесува чудно во идниот период.[5]

Полониј го испраќа својот слуга во Франција за да дознае како се однесува син му. Офелија му кажува на својот татко дека ја посетил Хамлет со многу необично однесување и Полониј помислува дека Хамлет полудел поради невозвратената љубов. И кралот и кралицата мислат дека Хамлет полудел, но тие ја бараат причината во неговата тага поради смртта на татко му. Полониј им го кажува своето објаснување, а во разговорот со него Хамлет се прави луд. Во дворецот доаѓаат и верните пријатели на Хамлет, Розенкранц и Гилденстерн, кои се повикани од кралот за да му помогнат на Хамлет да ги оттргне лошите мисли. Најпосле, во дворецот пристигаат глумци кои треба да го орасположат Хамлет. Тој ги замолува да одиграат претстава во врска со убиство во која ќе изрецитираат еден говор што ќе го напише тој самиот.[6]

Полониј му мести средба на Хамлет со Офелија со цел да ја открие причината на неговото лудило. Вообичаено, Хамлет зборува збркано и ја советува Офелија да оди во манастир. Започнува претставата во која се игра сцена иста како убиството на татко му на Хамлет. Вознемирен, кралот ја напушта претставата и додека го прогонуваат тешки мисли, Хамлет има прилика да го убие, но во последен миг се воздржува. Кралот одлучува да го испрати Хамлет во Англија. Неговата мајка го повикува на разговор, а скриениот Полониј го слуша разговорот. Хамлет ја обвинува мајка си за гревовите, а потоа го убива Полониј.[7]

Четврти чин

[уреди | уреди извор]

Кралицата му кажува на кралот за убиството на Полониј, кого набрзина го погребуваат. Кралот го испраќа Хамлет во Англија, а на Розенкранц и Гилденстерн им дава налог Хамлет да биде убиен штом стапнат на англиската почва. Разочарана од смртта на својот татко и од невозвратената љубов од Хамлет, Офелија полудува. Во дворецот пристигнува Лаерт кој дознал за убиството на татко му и бара одмазда, а кралот го обвинува Хамлет за убиството на Полониј. Хорацио добива писмо во кое Хамлет го известува дека бродот со кој патувал за Англија бил нападнат од пирати и дека Розенкранц и Гилденстерн се мртви. Кралот го наговара Лаерт со лукавство да го убијат Хамлет. Растроената Офелија извршува самоубиство.[8]

Петти чин

[уреди | уреди извор]

Двајца гробари копаат гроб за Офелија, а тука доаѓа и Хамлет. Кога Офелија ја погребуваат, Лаерт влегува во гробот, а по него и Хамлет и двајцата почнуваат да се борат. Хамлет му кажува на Хорацио како успеал да се спаси: тој го открил писмото на кралот во кое наредува Хамлет да биде убиен, а потоа го заменил со фалсификувано писмо во кое се бара да бидат убиени Гилденстерн и Розенкранц. Кралот се обложува дека Лаерт не може да го победи Хамлет во мечување и започнува натпреварот меѓу нив. Хамлет му се извинува на Лаерт за убиството на татко му, но не знае дека кралот и Лаерт се договориле да го отрујат во текот на натпреварот. Кралицата по грешка пие од пехарот и умира отруена, а во текот на борбата Хамлет и Лаерт си ги заменуваат мечевите и двајцата паѓаат ранети со отровниот меч. Пред да умре, Хамлет го убива кралот. Во дворецот доаѓа норвешкиот принц Фортинбрас кој станува крал на Данска, а Хорацио ја кажува вистината за сите настани.[9]

Многу легенди, слични на Хамлет, се најдени на толку многу места (на пример во Италија, Шпанија, Скандинавија, Византија и Арабија), што основната тема се смета дека има индоевропско потекло. Препознаени се повеќе древни пишани претходници на Хамлет. Првиот е анонимното, скандинавско дело Сагата на Хролф Краки. Во ова дело убиениот крал има два сина, Хродгар и Халга, кои најголем дел од времето го поминуваат под маски и со лажни имиња, наместо да глумат лудило, во низа настани кои се разликуваат од оние кај Шекспир. Вториот претходник е римската легенда за Брут, зачувана во две посебни латински дела. Херојот во неа, Лусиј („блескав, светол“), го менува името и ликот во Брут („тап, глупав“), и глуми будала со цел да ја избегне судбината на својот татко и браќа, и на крајот го убива убиецот на неговото семејство, кралот Таркиниј. Еден нордиски научник од 17 век ги споредил исландскиот херој Амлоди и шпанскиот херој, принцот Амбалес (од Сагата Амбалес), со шекспировиот Хамлет. Дел од сличностите се глумењето лудило на принцот, неговото случајно убивање на советникот на кралот во спалната на неговата мајка, и на крајот, убивањето на неговиот вујко.

Влијание

[уреди | уреди извор]

„Хамлет“ е предмет на голем број расправи, толкувања, истражувања и интерпретации. Во 1920 година, Т.С. Елиот го објавил есејот „Хамлет и неговите проблеми“ (Hamlet and His Problems) во кој ја образложил идејата на „објективен корелатив“, која ја постулира врската помеѓу зборовите на текстот и настаните, состојбите на умот и искуствата.[10] Во својата новела од 1903 година, „Тонио Крегер“, германскиот писател Томас Ман го опишува Хамлет како тип на човек кој е повикан за сознание, но не е роден за него,[11] додека Фридрих Ниче го поставува прашањето, дали луѓето го разбираат Хамлет?[12]

Хамлет претставува инспирација и во книжевноста. Така, еден расказ во збирката „Записите на ловецот“ на рускиот писател Иван Тургенев се вика „Хамлет од Шчигровскиот срез“.[13] Во 1957 година, рускиот поет Борис Пастернак ја напишал песната „Хамлет“.[14] Една песна на полскиот поет Збигњев Херберт се вика „Фортинбрасовата елегија“,[15] а Офелија е тема во песната „Остаток“ на полската поетеса Вислава Шимборска.[16]

Во 1935 година, во Индија бил снимен филм за Хамлет, насловен како „Кун Ка Кун“ (Khoon Ka Khoon), на јазикот Урду.[17] Во 1948 година бил снимен британскиот филм „Хамлет“ режиран од Сер Лоренс Оливие.[18] Во 2000 година бил снимен филмот „Хамлет“ во режија на Мајкл Алмерејд.[19] Една песна од албумот Junkyard на австралиската рок-група The Birthday Party од 1982 година се вика „Хамлет (пау, пау, пау)“ (Hamlet (Pow, Pow, Pow)).[20]

Изведби на „Хамлет“ во Македонија

[уреди | уреди извор]

За првпат, претставата „Хамлет“ е поставена во Македонија во 1966 година, на сцената на Народниот театар во Битола, а во режија на Љубиша Георгиевски. Истиот театар, со истиот режисер, во 1988 година по вторпат ја поставиле претставата. Во 1977 година, „Хамлет“ бил поставен во Драмскиот театар во Скопје, во режија на Слободан Унковски, а подоцна, уште двапати, овој театар ја поставувал оваа претстава, и тоа: во 1998 година, во режија на Владо Цветановски и во 2010 година, во режија на Дејан Пројковски.[21]

Првиот македонски глумец кој го играл Хамлет бил Ацо Стефановски, кој се одликувал со спокојна, медитативна игра. Потоа, во Народниот театар во Битола, улогата на Хамлет ја играл Владимир Талевски, кој доживеал, во московскиот театар „Мала сцена“ една постара жена да се искачи на сцената, да му се поклони и да му подари цвеќе. Во Драмскиот театар во Скопје, првиот Хамлет бил Мето Јовановски, кој доминирал со својата вдаховеност и творечки агенс. По него, оваа улога ја играл Ѓорѓи Јолевски чија игра се одликувала со емоционална задлабоченост, консеквентност и широчина. Третиот Хамлет во Драмскиот театар бил Дејан Лилиќ кој во март 2015 година ја одиграл јубилејната 50. улога во оваа претстава.[21]

  1. Borivoje Nedić, „Beleška o piscu“ во: Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 158-159.
  2. Borivoje Nedić, „Beleška o piscu“ во: Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 159.
  3. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959.
  4. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1964.
  5. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 5-37.
  6. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 38-64.
  7. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 65-98.
  8. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 99-125.
  9. Viljem Šekspir, Hamlet. Beograd: Rad, 1959, стр. 126-154.
  10. „Hamlet and His Problems. Eliot, T. S. 1920. ''The Sacred Wood''“. Bartleby.com. Посетено на 2009-08-03.
  11. Tomas Man, Tonio Kreger – Smrt u Veneciji. Beograd: Rad, 1963, стр. 30.
  12. Фридрих Ниче, Ecce Homo (Ево човека) – Како постајеш, шта си. Сарајево: Издање И. Ђ. Ђурђевића, 1918, стр. 54.
  13. И. С. Тургењев, Ловчеви записи. Нови Сад: Матица српска, 1973, стр. 367-402.
  14. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига II: Прва четвртина – средина XX века (авангарда и социјалистички реализам). Београд: Paidea, 2007, стр. 90.
  15. Zbignjev Herbert, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg – Čigoja štampa, стр. 57-58.
  16. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 48.
  17. http://www.imdb.com/title/tt0026566/
  18. Патрик Робертсон. The Guinness Book of Almost Everything You Didn't Need to Know About the Movies. Велика Британија: Guinness Superlatives Ltd., Enfield, Middlesex, 1986. ISBN 0-85112-481-X, стр. 40.
  19. Хамлет (пристапено на 10.12.2022)
  20. DISCOGS, The Birthday Party ‎– Junkyard (пристапено на 5.8.2020)
  21. 21,0 21,1 „Монументално драмско дело за сите времиња“, Утрински весник, година XVI, број 4725, четврток, 5 март 2015, стр. 15.