Френк Херберт
Френк Петрик Херберт (Frank Patrick Herbert) е критички отфрлен, но комерцијално прифатен романописец, писател на научна фантастика. Тој е најпознат по романот „Дина“ и петте други книги кои следат во таа серија. Сагата на Дина се занимава со политика, економија, еволуција, екологија и се смета за едно од најголемите НФ дела напишани до сега, сместена во класиците на жанрот. Исак Асимов за „Дина“ има речено дека „само Господар на Прстените може да го достигне.“
Животопис
[уреди | уреди извор]Френк Херберт е роден во 8 октомври 1920 година во градот Такома, во Американската сојузна држава Вашингтон. Тој уште од мали нозе знаел дека сака да биде писател. Во 1939 година лажел за својата возраст за да добие работа како уредник на весникот Глендејл Стар (Glendale Star).
Има повремена пауза во неговата писателска кариера бидејќи служи во морнарицата на САД како фотограф додека траела Втората светска војна. Тој се оженил со Флора Паркинсон во 1941 година, но се развел во 1945 притоа оставајќи ќерка.
По војната се пријавил на Вашингтонскиот Универзитет, каде што ја сретнал Беверли Ен Стјуарт (Beverly Ann Stuart) на час по творечко пишување во 1946 година. Тие биле единствените ученици во тој клас кои продале нешто од своите книжевни дела. Тие се венчале во Сиетл на 20 јуни 1946 година. Нивниот прв син, Брајан Херберт е роден во 1947 година.
Френк Херберт никогаш не го завршил колеџот, според неговиот син Брајан, бидејќи тој сакал да учи само тоа што го интересирало. По колеџот Френк Херберт се вратил да работи во весниците Сиетл Стар (Seattle Star) и Орегон Стејтсмен (Oregon Statesman).
Херберт почнал да чита научна Фантастика во четириесеттите, а во педесеттите почнал и да пишува - најпрво само кратки стории кои се појавувале во најразлични весници. Во следната декада тој имал објавено приближно дваесет кратки стории.
Неговата кариера како романописец почнува со издавањето во печат на неговата НФ книга „Змејот во Морето“ во 1955 г, каде што го употребува опкружувањето на подморница од 21 век како начин за истражување на умоздравоста и умоболноста. Оваа книга ги предвидува светските конфликти за нафтата. Книгата доживува критички, но не и комерцијален успех.
Херберт почнал со истражување за романот „Дина“ во 1959 година и бил во можност повеќе да се посвети на оваа работа бидејќи неговата жена се вратила на целовремена работа како писател на реклами, станувајќи главен носач на лебот дома. Подоцна, во интервју со Вилис Е. Мекнејли, Херберт спомнува дека книгата потекнува од еден текст за песочни дини, кој тој требал да го напише за некој весник. Кога ги собирал материјалите за да го напише текстот, тој собрал многу повеќе од доволно текст за истиот. Тој текст никогаш не бил напишан, но ја поставил основата за „Дина“.
„Дина“ е развивана и пишувана во период од 6 години. Многу подолга од колку што било предвидено тогашната комерцијална НФ да биде, и е поделена на два дела во весникот Аналог, во 1963 година и 1965 година. Тогаш е одбиена од приближно дваесет издавачи на книги, пред конечно да биде прифатена. Еден уредувач напишал во одговорот „Може ја правам грешката на деценијата, но...“ пред да го одбие текстот на Херберт. Конечно, Килтон (Chillton), мала издавачка куќа во Филаделфија, му дава на Френк Херберт 7.500 долари во аванс, и „Дина“ наскоро достигнува успех кај книжевната критика. Ја добива наградата „Небула“ за Најдобар роман во 1965 година и ја дели таа награда во 1966 година. „Дина“ е првата еколошка научнофантастична книга, која содржи голем број на меѓу-поврзувачки теми и погледи од страната на повеќе ликови, метод кој се набљудува низ целата негова зрела писателска работа.
„Дина“ не го добила статусот бестселер веднаш. До 1968 г. од книгата Херберт заработил $20.000, но сепак не доволно за целосно да се посвети на писателството. Но, во секој случај, објавувањето на „Дина“ му ги отвора портите.
Веќе во 1972 година тој е во можност да стане професионален писател. За време на седумдесеттите и осумдесеттите Херберт ужива значаен комерцијален успех како автор. Тој живее на Хаваите и во Вашингтон. За ова време тој пишува бројни книги во кои ги пробива своите еколошки и филозофски идеи. Тој ја продолжува сагата на „Дина“, со „Динин Месија“, „Децата на Дина“, и „Бог-Император на Дина“. Други позначајни од овој период се „Експериментот Досади“, „Боготворниците“, „Белата Чума“, итн.
Промената на Хербертовата среќа се случува поради несреќен случај. Во 1974 година Беверли оди на операција за рак, која ѝ дава уште додатни 10 години од нејзиниот живот, но значајно влијае на нејзиното здравје. Таа умира на 7 февруари 1984 г. Во неговиот пролог на „Динина Собирна Куќа“ тој пишува емотивна еулогија за неговата жена.
1984 е година на огромни промени во животот на Френк. Во истата таа година кога неговата жена умира, неговата кариера добива замав со пуштањето во кината филмот „Дина“ од Дејвид Линч. И покрај големите очекувања, огромниот буџет и глумците од А-класа, овој филм доживува среден комерцијален успех во САД. Но, во Јапонија и Европа доживува, напротив, голем успех. Истата таа година Херберт ја публикува петтата книга од сагата на „Дина“ - „Кривоверци на Дина“. Кратко по смртта на Беверли, Херберт се жени за Тереза Шакелфорд.
Во 1986 г. Херберт ја пушта во печат „Динина Собирна Куќа“, која ги врзува многуте патишта во сторијата на „Дина“. Ова е Хербертовото последно дело. Френк Херберт умира од рак на панкреасот на 11 февруари 1986 година во Медисон, Висконсин, на возраст од 65 години.
|