Прејди на содржината

Татко (драма на Стриндберг)

Од Википедија — слободната енциклопедија

Татко (шведски: Fadren) - драма на шведскиот писател Аугуст Стриндберг од 1887 година.

Содржина

[уреди | уреди извор]

Капетанот Адолф го повикува на рапорт војникот Нејд за да го укори поради тоа што тој забременил некоја девојка, но војникот се брани дека детето не е негово. Капетанот е незадоволен од влијанието што го вршат жените во куќата врз неговата черка Берта и посакува неа да ја запише на училиште во градот. Од друга страна, неговата сопруга Лаура и дадилката Маргарет сакаат Берта да остане дома. Поради тоа, односите меѓу капетанот и Лаура се многу затегнати и тие постојано се караат. Ковајќи завера против него, Лаура ангажира нов семеен доктор кого сака да го убеди дека капетанот полудел. Во еден разговор, таа го потхранува сомнението кај капетанот дека Берта не е негова биолошка ќерка и тој бесен ја напушта куќата.[1]

Докторот не е убеден во лудоста на капетанот, а Лаура упорно измислува разни „докази“. Кога капетанот се враќа дома, таму го наоѓа докторот, кој треба да се убеди во лудилото на капетанот, кој сè повеќе е опседнат од мислата дека Берта не е негова ќерка. Во острата расправа со Лаура, тој ја фрла ламбата кон неа, а докторот е сведок на тоа.[2]

Капетанот го држат заклучен во една соба, а потоа дадилката му става лудачка кошула. Така се остварува лукавиот план на Лаура која сака да го затвори капетанот во лудница, а таа да ја зема неговата пензија и самостојно да ја воспитува Берта. Капетанот е психички скршен од помислата дека ја загубил борбата со својата жена и наеднаш умира.[3]

За драмата

[уреди | уреди извор]

Во драмата „Татко“, Стриндберг го обработува прашањето на односот меѓу мажите и жените, искажувајќи ги своите претерани погледи за непомирливиот судир меѓу половите и за негативното влијание на жените врз животот на мажите. Притоа, во голем мера, ваквите гледишта на Стриндберг биле поврзани со неговото лично искуство - неговите три неуспешни брака, исполнети со обвинувања кон сопругите, кои кај него создале омраза кон жените, воопшто.[4]

  1. August Strindberg, Gospođica Julija - Otac. Beograd: Rad, 1960.
  2. August Strindberg, Gospođica Julija - Otac. Beograd: Rad, 1960.
  3. August Strindberg, Gospođica Julija - Otac. Beograd: Rad, 1960.
  4. Stanislav Bajić, „August Strindberg (1849-1912)“, во: August Strindberg, Gospođica Julija - Otac. Beograd: rad, 1960, стр. 173-178.