Нут
Во египетската митологија, Нут била божица на небото[1]. Нејзиното име значи ноќ. Некои од титулите на Нут биле Покривачка на небото, Таа што заштитува, Сопственичка на сè, и Таа што држи илјада души. На почеток била божица на дневното небо, но подоцна позната е едноставно како божица на небото. За Нут се велело дека е прекриена со ѕвезди кои ги допираат главните точки на нејзиното тело. Нејзиниот шешир е хиероглифски дел од нејзиното име, налик на котел, кој исто така може да е симбол за матката. Египќаните велеле дека секоја жена е нутрит, мала божица. Нут била божица на небото и на сите небесни тела, симбол на воскреснувањето и реинкарнацијата.
Нут била Себова жена и мајка на Озирис, Сет, Изида и Нефтида. Првобитно била персонификација на небото и го претставувала женскиот принцип кој бил активен во создавањето на вселената. Според едно старо мислење, Себ и Нут постоеле во првобитната водена бездна, заедно со Шу и Тефнут; подоцна Себ станал земја, а Нут небо.
Се претпоставувало дека овие две божества (Себ и Нут) се спојувале секоја вечер и дека останале гушнати до утрото, кога Шу ги раздвојувал и ја поставувал Нут како божица на небото, а Себ како бог на земјата. Нут природно е сметана за мајка на боговите и сите живи созданија, и таа и нејзиниот маж Себ биле почитувани како давачи на храна не само на живите, туку и на мртвите. Божицата Нут била претставена како жена преку чие тело патувало сонцето, а понекогаш и како крава; на неа ѝ било посветено дрвото сикомора.
Белешки
[уреди | уреди извор]- ↑ Mитологија, илустрирана енциклопедија на главните митови и религии во светот, од Ричард Кевендиш, 1998
Наводи
[уреди | уреди извор]- Collier, Mark and Manley, Bill. How to Read Egyptian Hieroglyphs: Revised Edition. Berkeley: University of California Press, 1998.
- Египетска религија - египетската идеја за задгробниот живот - Е.А. Волис Баџ
|