Нилс Хенрик Абел
Нилс Хенрик Абел | |
---|---|
Роден(а) | 5 август 1802 Недстранд, Норвешка |
Починал(а) | 6 април 1829 Фроланд, Норвешка | (возр. 26)
Живеалиште | Норвешка |
Националност | Норвежанец |
Полиња | Математика |
Образование | Ослоски универзитет |
Познат по | Абелова биномна теорема Абелова категорија Абелова равенка Абелова равенка од првиот вид Абелово продолжување Абелова функција Абелова група Абелов идентитет Абелова нееднаквост Абел-Планова формула Абел-Руфиниева теорема Абелов тест Абелова теорема Абелова трансформација |
Влијание од | Бернт Мајкл Холомбе |
Потпис |
Нилс Хенрик Абел (норвешки: Niels Henrik Abel 5 август 1802 — 6 април 1829) бил норвешки математичар. Дал значаен придонес во теориите за реалните и комплексните функции, посебно во теориите за интегралите на алгебарските функции и теории, ја развил теоријата за елиптичните функции и теоријата за решавање на алгебарскиот единечен висок степен. Абел ги поставил основните теории за интегралните равенки. Изморен и сиромашен, Абел умрел од туберкулоза. Абеловиот ред е дивергентен ред Σ(1/n 1n n). Абеловата група е комутативна група. Неговите собрани дела првпат биле издадени во 1839 година. Најголемиот дел од неговата работа бил завршен во шестата или седмата година од неговата работна кариера.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Образование
[уреди | уреди извор]Абел се родил во 1802 во селото Недстранд во бројно семејство на скромен свештеник. За основното образование се грижел неговиот татко, а во 1815 го испратил на школување во Кристијанија. Нилс имал среќа неговиот талент брзо да биде воочен од професорот Бернт Мајкл Холомбе. Овој исклучителен човек, добро упатен во математиката, ќе стане пријател со Нилс, ќе му помага, упатува на правите математички дела и подоцна, по раната смрт на Нилс Абел, ги издава неговите дела.
Холомбе отстранил сè од наставата што е небитно и го упатил Абел на делата на Исак Њутн, Леонард Ојлер и Жозеф-Луј Лагранж. За само две години Абел успеал да се втурне во тајните на математиката на неговото време и се зафатил со решавање на најпривлечниот алгебарски проблем во тоа време, решавањето на алгебарска равенка од петти степен. Се обидел да го реши проблемот, помислил дека успеал да го стори тоа, но кога ја согледал својата грешка, се запрашал дали една таква равенка воопшто има решение. Во расправата „За неможноста на наоѓање општо решение на алгебарска равенка од петти степен“, издадена 1824, дава едноставен и елегантен доказ за тоа.
Во меѓувреме умрел неговиот татко, Сорен Георг Абел, па Абел бил приморан да си ја обезбеди егзистенцијата давајќи часови на приватни ученици. Во 1822 на Ослоскиот универзитет се здобил со диплома по филозофија, но и понатаму продолжил да работи на своите размисли од многу области на математиката. Меѓутоа, за математичкиот развој на младиот Абел од исклучителна важност е еден период да живее, работи, и разменува мислења со други врвни математичари од европските научни центри.
Со помош на стипендијата што ја добил од норвешката влада патувал две години низ Европа, за да ја освои, да ги наметне своите идеи, да ја потврди својата генијалност, но и да се запознае со новите трудови на математичарите во подем.
Кариера
[уреди | уреди извор]Патувал и во Гетинген, со намера да се сретне со големиот математичар Карл Фридрих Гаус за да му ги изложи свиоте идеи. Абел не успеал да дојде до него, великанот немал време за туѓите трудови, но затоа во Берлин Абел се запознал со исклучителниот Август Леополд Крел, иницијатор за излегување на прочуеното „Списание за чиста и применета математика“. Тој несебично го прифатил младиот Абел, му помагал и ги објавувал големите Абелови расправии. Крел бил најзаслужниот човек за Абеловата слава, а Абел за славата на ценетото списание, кое многу придонело за развојот на математиката.
Потоа Абел патувал во Прага, Виена, Италија и на крајот, десет месеци се задржал во Париз. Овде, во 1826 во Академијата на науките била презентирана неговата голема расправа за интегралите. За неговото ремек дело, расправата за неалгебарските функции ја добива големата награда на Париската академија на науките, но дури по смртта.
Абел имал голема способност кристално јасно да ги формулира своите тврдења, а и доказите на истите ги презентирал со класична едноставност. За доказот на т.н. Абелова теорема:
- „Ако имаме неколку функции чии диференцијабилни коефициенти можат да бидат корени на една иста алгебарска равенка, на која коефициентите ѝ се рационални функции од една променлива, тогаш можеме сумата од колкав било број на такви функции да ја изразиме со алгебарска или логаритамска функција, под услов да ги утврдиме алгебарските релации меѓу променливите на функцијата.“
Е. Т. Бел, рекол дека е достапен за секој седумнаесетгодишник кој темелно навлегол во интегралното сметање, дека е едноставен и убав како Фидиевата статуа, за разлика од доказите на проширувањата и геометриската интерпретација на истата теорема дадени од други математичари, кои потсетуваат на „готска катедрала која се гуши во своите чипки“.
Во 1827, Абел се вратил од патувањето низ Европа, во Осло и станал предавач во Универзитетот. Иако бил тешко болен од туберкулоза, сè до крајот на животот во 1829, не прекинал со научната работа.
Наследство
[уреди | уреди извор]Во неговиот краток живот, неговиот богат дух го усполнил полето на можностите. Абел останал во вечноста, оставајќи зад себе вредни трудови. Најзначајни се оние од алгебрата и теоријата на функции. Покрај расправата за неможност на решавање на општа равенка од петти степен со радикали, испитувајќи ги особините на равенките подесни за такво решавање, ги открива т.н. Абелови равенки чија група е комутатувна.
Абел ги проучувал конвергентните редови и дошол до биномната формула со ирационални показатели. Инспириран од трудовите на Лежандр за елиптичните интеграли, дошол до нови откритија од областа на инверзните функции на интегралите, денес наречени Абелови, името што го носат и самите функции.
Колкаво е значењето на делото на Нилс Абел говори фактот дека неговите следбеници, на многу математички поими им го придржуваат неговото име, во знак на почит и заслуга на овој рано починат врвен математичар. Неговите современици ќе воочат дека новините што ги содржат неговите дела со години ќе го задржуваат вниманието на идните математичари и биле во право.
Во врска со Абел, францускиот математичар Шарл Ермит рекол: „Абел им остави на математичарите материјал со кој ќе се занимаваат следните петстотини години“.[1][2] Друг математичар, Е. Т. Бел, рекол: „Во најзначајното столетие за математиката, XIX век, во плејадата на врвни математичари најсјајна е ѕвездата на талентираниот Абел“.[3]
Поврзано
[уреди | уреди извор]- Абелова награда
- Оконор, Џон Џ. и Едмунд Ф. Робертсон. „Нилс Хенрик Абел“ - Архив „Историја на математиката“ на MacTutor (англиски)
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 http://todayinsci.com/H/Hermite_Charles/HermiteCharles-Quotations.htm
- ↑ http://www.goodquotes.com/quote/charles-hermite/abel-has-left-mathematicians-enough-to
- ↑ Грибовска, Лилјана Поповиќ. „Славни математичари“: 26-27. Наводот journal бара
|journal=
(help)
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]Енциклопедијата Британика 1911 на Викиизворот има текст поврзан со „Abel, Niels Henrik“. |
„Нилс Хенрик Абел“ на Ризницата ? |
- Biographies and handwritten manuscripts Архивирано на 25 март 2012 г. from the Abel Prize website
- Оконор, Џон Џ. и Едмунд Ф. Робертсон. „Нилс Хенрик Абел“ - Архив „Историја на математиката“ на MacTutor (англиски)
- Biography of Niels Henrik Abel
- Нилс Хенрик Абел — Проект „Математичко родословие“ (англиски)
- Translation of Niels Henrik Abel's "Research on Elliptic Functions" at Convergence Архивирано на 12 февруари 2006 г.
- Famous Quotes by Niels Henrik Abel Архивирано на 25 јуни 2007 г. at Convergence Архивирано на 12 февруари 2006 г.
- The Niels Henrik Abel mathematical contest, The Norwegian Mathematical Olympiad
- Family genealogy
- Нилс Хенрик Абел на Find a Grave (англиски)
|