Кери (филм од 1976)
Кери (англиски: Carrie) — американски филм од 1976 година, во режија на Брајан де Палма, по сценариото на Лоренс Д. Коен, засновано врз истоимениот роман на Стивен Кинг. Главните улоги ги играат: Сиси Спејсек, Пајпер Лори, Ејми Ирвинг, Вилијам Кат, Бети Бакли, Ненси Ален и Џон Траволта. Во 1977 година, филмот имал две номинации за наградата „Оскар“, но не успеал да победи во ниту една од нив.[1]
Содржина
[уреди | уреди извор]Кери Вајт (ја игра Спејсек) е средношколка која е многу наивна, неискусна и срамежлива така што ученичките постојано ѝ се потсмеваат. По завршувањето на часот по физичко воспитување, таа ја добива својата прва менструација и ја фаќа паника зашто не знае што ѝ се случува. Кога бара помош од ученичките, тие безобѕирно ја исмејуваат за најпосле да ја смири наставничката Колинс (ја игра Бакли).[2] За време на нејзината хистерија, Кери успева со силата на својата волја да ја скрши светилката, а потоа, во канцеларијата на директорот го крши пепелникот. Кери се враќа дома и ѝ се жали на мајка си (ја игра Лори), која е верски фанатик, но таа, наместо да ѝ помогне, ја обвинува за грев и ја затвора во тесна просторија, принудувајќи ја да се моли. Дома, Кери конечно сфаќа дека има необична моќ, а потоа од една книга дознава дека се работи за телекинеза. За да ги казни ученичките поради лошото однесување, наставничката Колинс ги принудува на напорни вежби, а кога ученичката Крис (ја игра Ален) одбива да вежба, таа е казнета така што не смее да присуствува на матурската забава. Навредена, Крис смислува злобен план како да ја понижи Кери и со помош на своето момче Били (го игра Траволта) собира свинска крв со намера да ја испрска Кери за време на матурската забава. Во меѓувреме, ученичката Сју (ја игра Ирвинг) се кае за лошото однесување и сака да ѝ помоген на Кери. За таа цел, таа се откажува од присуството на матурската забава и го убедува своето згодно момче Томи Рос (го игра Кат) да ѝ ја покани Кери на забавата. Кери најпрвин го одбива, но Томи е упорен, па најпосле таа се согласува. Кога нејзината мајка сака да ја спречи, Кери ја применува својата моќ, а мајка ѝ одлучува да ѝ се одмазди, убедена дека Кери е под влијание на ѓаволот. На матурската забава, Кери е среќна, особено кога таа и Томи се избрани за кралица и крал. Тие излегуваат на бината за да бидат крунисани, но тогаш Крис и Били ја истураат кофата со крв врз Кери и Томи. Кери е шокирана, а кофата паѓа и го удира Том по главата така што тој умира. Тогаш, на Кери ѝ се причинува дека сите присутни ѝ се потсмеваат и ја применува својата моќ. Во салата настанува хаос при што Кери убива голем дел од присутните, вклучувајќи ги и наставничката Колинс и директорот за кои мисли дека биле дел од заверата. Додека салата гори во пожарот, Кери се упатува дома, а патем го превртува автомобилот на Били при што тој и Крис погинуваат. Кога пристигнува дома, разочараната Кери бара утеха од мајка си, но таа ѝ забива нож во грбот со намера да ја убие. Смртно ранета, Кери се обидува да побегне, а патем ја убива мајка си. Во тој миг се урива нивната куќа, зафатена од пожар. На крајот од филмот, Сју сонува како оди до поранешната куќа на Кери, а таму стои крст на кој пишува дека местото се продава, додека некој напишал: „Кери гори во пеколот“. Сју се наведнува и од земјата се појавува раката на Кери, која ја зграпчува Сју. Таа почнува да вреска и тогаш се буди и сфаќа дека тоа било само сон.