Прејди на содржината

Злосторство и казна

Од Википедија — слободната енциклопедија
Злосторство и казна
македонското издание на делото
АвторФјодор Достоевски
Изворен насловПреступление и наказание
ЗемјаРусија
ЈазикРуски
Жанрпсихолошки реализам
Издадена
1866
МедиумПечатена (меки корици)
Страници620

Злосторство и казна (руски: Преступление и наказание) — роман на рускиот писател Фјодор Достоевски, првобитно објавен во 1866 година. Тој е реалистичен, психолошки роман со елементи на социјален, криминалистички и филозофски роман. Тој е, исто така, полифоничен роман (каде се вклучени општествената и социјалната реалност, но и психичката реалност на поединецот). Темата и идејата на романот се содржани во насловот: темата е злосторството, двојното убиство што го извршува Раскољников и казната што следува (повеќе психичка, отколку физичка). Во психичката казна е содржана и идејата - дека човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што може да го казни општеството. Исто така, дека нема никакво оправдување за извршено убиство, зашто сечиј живот е вреден. Дејството во романот се одвива во текот на девет дена пред и по злосторството, како и една година по него.

Содржина

[уреди | уреди извор]
  • Глава I - II: На почетокот од романот е претставен главниот лик - Родион Романович Раскољников - убав, висок, млад човек, поранешен студент по право, кој пред неколку месеци ги напуштил студиите поради крајната беда во која западнал. Облечен во партали, тој се упатува кај старата лихварка Алјона Ивановна за да го заложи сребрениот часовник кој му е спомен од таткото. Патем, тој се бори со своите чувства, бидејќи неговото одење кај лихварката е испитувачки обид за намерата што се раѓа кај него - да ја убие бабата. Одејќи кон нејзиниот дом, тој ги разгледува своите можности за извршување на убиството. Ја планира патеката по која ќе оди, ја разгледува нејзината соба, загледува каде таа ги става заложените предмети итн. Откако од неа добива една рубља, тој влегува во една неугледна кафеана каде го среќава службеникот Мармеладов. Тој му ја раскажува својата животна приказна: бракот со вдовицата Катерина Ивановна; нејзините три деца од првиот брак; ќерката од првата жена, осумнаесетгодишната Соња која поради сиромаштијата почнува да се проституира; краткотрајната среќа по неговото вработување; пропаста предизвикана од неговиот алкохолизам. Мармеладов го замолува Раскољников да го однесе дома, а таму ја согледува крајната беда во која живее неговото семејство. Потоа, Раскољников тивко и незабележливо се повлекува, а на прозорецот ги остава малкуте пари што му останале.[1]
  • Глава III-V: Кога пристигнува дома, Раскољников добива писмо од мајка му, која му ја опишува целата историја на сестра му Дуња. Таа работела како гувернанта во едно семејство при што сопругот настојувал да ја започне љубовна врска со неа. Таа била обвинета дека го заведува домаќинот така што добила отказ. Сепак, подоцна се открило дека Дуња била невина и таа стекнала добар глас по што добила понуда за брак од Петар Петрович Лужин, обезбеден и надежен човек со свој капитал. На крајот од писмото, мајка му го известува дека таа и Дуња ќе се преселат во Петроград и дека наскоро ќе го посети Лужин. Раскољников, вознемирен од писмото, излегува надвор и бесцелно талка по улиците. Случајно, кога поминува кај Сенскиот пазар наслушнува разговор во кој дознава дека Лизавета Ивановна, сестрата на лихварката, во седум часот ќе биде излезена и тоа му овозможува да го оствари својот план.[2]
  • Глава VI-VII: Одејќи понатаму, на Раскољников му се случува уште една коинциденција: во една кафеана слуша разговор меѓу студент и млад офицер. Студентот раскажува за лошиот карактер на Алјона Ивановна и вели дека некој треба да ја убие заради доброто на другите, а нејзините пари да се искористат за помош на сиромашните. Овие два знака на Раскољников му се чинат како одобрување на неговата намера. Потоа, тој оди во својот стан и заспива. Откако се буди, набрзина го зема предметот за заложување кој го подготвил од порано, зема секира и стигнува до станот на бабата. Раскољников самоуверено влегува во нејзиниот стан и со секирата ја удира по главата. Таа паѓа на подот, а тој уште двапати ја удира по темето, по што ја ограбува старицата, земајќи пари и неколку златни предмети. Наеднаш, во собата ја здогледува сестрата на Алјона, Лизавета, и Раскољников ја убива со секирата, удирајќи ја по нејзината глава. Потоа, тој ги отстранува трагите од крвта и сака да си замине, но некој почнува упорно да тропа на вратата. Потоа пристигнува уште еден човек и тие забележуваат дека вратата е затворена однатре, така што се сомневаат дека нешто се случило. Тие слегуваат по скалите за да го најдат вратарот и тогаш Раскољников ка користи можноста, излегува и се сокрива во еден празен стан во кој работеле мајстори. Кога тројцата мажи се враќаат во станот на Алјона Иванова, Раскољников успева незабележан да ја напушти зградата, ја враќа секирата и легнува во креветот, паѓајќи во бесознание.[3]
  • Глава I-V: По извршеното убиство, Раскољников постојано се наоѓа во некоја состојба меѓу сонот и јавето. Кај него доаѓаат слугинката Настасја и вратарот, кои му носат покана да се јави во полициската канцеларија. Кога оди таму, дознава дека бил повикан да потпише изјава дека ќе го плати долгот кон газдарицата на станот во кој престојува. Во канцеларијата, полициските иследници Никодим Фомич и Иљја Петрович разговараат за синоќешното убиство поради што на Раскољников му се слошува и се онесвестува. Кога ќе се освести, Иљја Петрович кратко го испрашува каде бил минатата вечер. Раскољников доаѓа дома и се загрижува дека полицијата ќе ја претресат неговата соба, па затоа ги зема предметите, излегува надвор и ги крие под голем камен во еден напуштен двор. Потоа, тој оди кај пријателот Дмитриј Разумихин, каде се однесува многу неразумно и расеано. Откако заминува од кај него, Раскољников талка по улиците бесцелно, а потоа се прибира и легнува во својот кревет, во бесознание. Разумихин сфаќа дека Раскољников е во лоша состојба и доаѓа кај него со Зосимов, студент по медицина, кој се обидува да го лекува. По три дена, Раскољников се освестува и добива 35 рубљи што ги испратила неговата мајка. Разумихин му купува пристојна облека, а повторно го посетува Зосимов, кој во разговорот со Разумихин дознава дека за убиството на старицата е обвинет еден од мајсторите кои работеле во празниот стан во кој се скрил Раскољников. Утредента, во собата на Раскољников се појавува Петар Петрович Лужин, свршеникот на сестра му. Тој настојува да се претстави во убаво светло пред Разумихин и Зосимов, а Раскољников се однесува непријателски кон него. На крајот, кога Лужин почнува да зборува за мајката, Раскољников се разбеснува и го брка од собата, а откако сите заминуваат, тој излегува надвор, решен да стави крај на сè.[4]
  • Глава VI-VII: Раскољников влегува во една кафеана и го среќава Замјатов, кој работи во полициската канцеларија. Раскољников дрско му кажува дека се интересира за убиството на старицата и му соопштува како би ги скрил украдените предмети, кога тој би бил убиецот (всушност, му ја кажува вистината). Раскољников шета бесцелно по улиците и станува сведок на обидот за самоубиство на една жена која се фрла во каналот. Потоа, тој оди во станот на старицата Алјона Ивановна и дрско ги предизвикува присутните луѓе, барајќи да го одведат во полициската канцеларија. Потоа е сведок на прегазувањето на Мармеладов со кочија. Кога видел кој е прегазен, Раскољников веднаш дотрчува и се обидува да помогне. Го носи дома, повикува доктор и свештеник. Стариот Мармеладов единствено сака да ја види ќерка си Соња, која брзо ја наоѓаат на улица. Кога доаѓа, тој за првпат ја гледа во таква облека и со солзи на очите ја моли да му прости. Тој умира во нејзини раце, а Раскољников своите 20 рубљи ѝ ги дава на Катарина Ивановна. Од кај Мармеладови, тој сепак се упатува кај Разумихин, кој потоа го испраќа дома. Таму го дочекуваат мајка му и сестра му. Кога ги здогледува, изненадениот Раскољников се онесвестува.[5]
  • Глава I - IV: Во разговорот со мајката и сестрата, Раскољников отворено кажува дека не сака сестра му да се омажи за Лужин и ѝ поставува ултиматум: да бира меѓу него и Лужин. Ноќта, Разумихин ги попраќа мајката и сестрата во бедниот стан што им го обезбедил Лужин при што на прв поглед се вљубува во Дуња. Утредента, мајката и ќерката добиваат писмо од Лужин во кое тој бара Раскољников да не присуствува на нивната средба. По ова, придружувани од Разумихин, тие одат кај Раскољников, кој се чувствува многу подобро, т.е. речиси сосема е здрава. Сепак, тој го повторува ултиматумот: или тој - или Лужин. Затоа, Дуња носи одлука, наспроти барањето на Лужин, Раскољников да присуствува на закажаната средба на која го поканува и Разумихин. Тогаш, во собата влегува Соња Мармеладова да се заблагодари за парите при што го кани Раскољников на опелото и на парастосот. Сите заедно излегуваат од станот, а Разумихин и Раскољников одат кај полицискиот иследник Порфириј Петрович, кој одамна изразил желба да го запознае Раскољников. Истовремено, непознат човек ја следи Соња на патот до нејзиниот стан.[6]
  • Глава V - VI: Во станот на Порфириј, Раскољников и Разумихин го среќаваат Замјотов. Порфириј започнува разговор со Раскољников за статијата што ја напишал Раскољников во која тој ја изложил својата теорија за обичните и необичните луѓе при што вторите имаат право да вршат злосторства. Притоа, Порфириј, кој очигледно се сомнева во Раскољников, се обидува да го натера да се разоткрие. Потоа, Раскољников се враќа во својот стан, каде среќава непознат човек кој му кажува дека знае дека тој е убиецот на старицата. Тогаш, Раскољников го зафаќа голема треска и му се јавува привидение во кое ја гледа старицата како му се смее, а истовремено се сеќава дека ја убил и нејзината недолжна сестра. Тогаш, во неговата соба влегува непознат човек - Аркадиј Иванович Свидригајлов.[7]

Четврти дел

[уреди | уреди извор]
  • Глава I-III: Свидригајлов му раскажува на Раскољников дека неговата сопруга, Марфа Петровна, постојано му се привидува и дека се подготвува за подалечно патување. Исто така, тој му ја искажува својата желба повторно да се сретне со сестра му Дуња за да ѝ поклони 10.000 рубљи. Најпосле, тој му соопштува на Раскољников дека покојната Марфа Петровна во својот тестамент ѝ оставила на Дуња 3.000. Вечерта, Раскољников и Разумихин одат на договорената средба со Лужин. Раскољников кажува за парите што ги добила Дуња, која тогаш отворено и храбро му вели на навредениот Лужин да го напушти станот. По заминувањето на Лужин, сите ги зафаќа еуфорично расположение, а особено Разумихин кој неочекувано се ослободува од соперникот. Тој им предлага на присутните да почнат заеднички бизнис - да основаат издавачка куќа. Меѓутоа, Раскољников наеднаш им соопштува на мајка си и на сестра си дека ги напушта и дека долго време нема да се видат, а го моли Разумихин да се грижи за нив.[8]
  • Глава IV-V: Оттаму, Раскољников се упатува кај Соња Мармеладова. Таму, тој се прашува, како таа успева, наспроти нејзиниот грев, да биде толку чиста и со чиста совест. Сфаќа дека тоа го постигнува со вербата во Бога, но тој нема сили да биде како неа. Во разговорот со Соња, Раскољников дознава дека таа се познавала со Лизавета за која вели дека знае кој ја убил и дека утредента ќе ѝ каже на Соња. Целиот разговор го слуша Свидригајлов, кој е скриен во соседната соба.[9]
  • Глава V-IVI: Оттаму, Родион Романович Раскољников се упатува кај полицискиот иследник Порфириј Петрович за да ја потврди изјавата за заложените работи кај старицата и, ако е потребно, да биде официјално сослушан. Порфириј Петрович се однесува самоуверено и сигурно, како веќе да знае сè, и му кажува дека знае за неговата подоцнежна посета во станот. Притоа, тој се однесува цинично и лукаво, со намера да го принуди Раскољников самиот да му се открие и да го признае убиството. Но, токму во мигот кога Порфириј сака да му го открие изненадувањето, кое треба му послужи како конечно оружје против Раскољников, во тој момент во собата влегува Николај, еден од работниците во соседниот стан, кој отворено признава дека е убиецот. Така, Раскољников може привремено да здивне, а откако се враќа дома, го посетува истиот човек кој го посочил како убиецот на старицата. Своевремено, тој бил сведок на посетата на Раскољников на станот на Алјона, што го навело да го обвини за убиството. Но, по признанието на Николај, тој му се извинува на Раскољников.[10]

Петти дел

[уреди | уреди извор]
  • Глава I-II: Сопругата на покојниот Мармеладов, Катарина Ивановна, ги троши сите пари, добиени од Раскољников, за закопот и задушницата. Нејзиниот ум е речиси сосема поматен од безизлезната состојба во која се наоѓа и од болеста што ја уништува. На денот на задушницата, Лужин, кој е сместен во соседниот стан, го прави својот последен, очајнички чекор да ја врати Дуња. Имено, во присуство на неговиот пријател Лебезјатников, тој ја повикува Соња кај него, се извинува поради тоа што не може да присуствува на задушницата и ѝ дава 10 рубљи како помош за Катарина Ивановна. На задушницата не е присутен никој од угледните соседи на Катарина Ивановна, туку присуствуваат само некои бедни луѓе. Поради тоа, Катарина е разочарана и упорно бара причина за кавга со сопственичката на станот, Амалија Ивановна. Токму во мигот кога таа станува да ја нападне Амалија, во собата влегува Лужин.[11]
  • Глава III-V: Лужин ја обвинува Соња за кражба на сто рубљи кои навистина испаѓаат од нејзиниот џеб. За среќа, в собата влегува Лебезјатников, кој ја кажува вистината раскажува дека видел кога Лужин скришно ѝ ги подметнал парите на Соња. Тогаш, Раскољников им објаснува на присутните дека Лужин сакал да докаже дека Соња е нечесна и на тој начин да го скара Раскољников со мајка му и сестра му, а потоа Дуња да му се врати. Откако се докажува дека Соња е невино обвинета, Раскољников оди во нејзиниот стан, цврсто решен да го признае убиството. Притоа, тој зборува збркано, почнувајќи од неговата филозофија за правото на големите луѓе да убиваат, па префрлајќи се на мотивот за спасот на мајката и сестрата, за да заврши со тоа дека, едноставно, убил за да провери дали тој е способен за такво нешто. Најпосле, тој вели: „Зар јас бабата ја убив? Јас себеси се убив, а не бабата!“ Одненадеж, во собата влегува Лебезјатников, соопштувајќи дека споулавената Катерина Ивановна оди по улиците со своите три деца, терајќи ги да пеат и да играат. Тројцата истрчуваат надвор и, навистина, ја наоѓаат Катарина Ивановна со децата. Околу нив се собира група минувачи, а набргу Катарина умира во станот на Соња. Тогаш, Свидригајлов му кажува на Раскољников дека ќе се погрижи за иднината на Соња и на децата на Катарина при што му наговестува дека ја слушнал неговата исповед за извршеното убиство.[12]

Шести дел

[уреди | уреди извор]
  • Глава I-IV: Раскољников станува загрижен поради однесувањето на Свидригајлов, кој пак несебично го плаќа погребот на Катарина Ивановна, а нејзините три деца ги сместува во пансион. Ненадејно, во домот на Раскољников пристига Порфириј Петрович кој отворено му соопштува дека е сигурен дека тој го извршил убиството и му најавува дека ќе биде уапсен за два-три дена. Потоа, Раскољников се среќава со Свидригајлов, и дознава сè за неговото минато и за карактерот: дека бил многу помлад од Марфа Петровна, која го спасила од затворот; дека двајцата склучиле неформален договор со кој му било дозволено да има љубовни врски, но да не ја остави заради друга жена; дека толку се вљубил во Дуња, што бил подготвен на сè, па дури и да ја убие својата жена итн. Раскољников сфаќа дека Свидригајлов ја отрул жена си и дека тоа го поттикнува да му се исповеда, како на човек кој му е на некој начин близок (двајцата извршиле убиство). Свидригајлов дошол во Петроград за да ја најде Дуња и да ја убеди да се омажи за него, но нашол млада свршеница.[13]
  • Глава V-VI: Свидригајлов се среќава со Дуња во неговата соба, каде ја заклучува. Тој ѝ кажува отворено дека Раскољников е убиец и ѝ нуди да го спаси нејзиниот брат, само таа да се омажи со него. Дуња со гадење ја одбива неговата понуда и му се заканува со неговиот револвер, а тој спокојно ја охрабрува, како едвај да го чека нејзиниот куршум. Дуња пука во него, но не го погодува. Кога се обидува повторно, револверот откажува. Тогаш, Свидригајлов конечно сфаќа дека Дуња не го сака и никогаш нема да го засака, па ѝ го дава клучот и таа успева да избега од неговата соба. По оваа случка, Свидригајлов оди кај Соња и ѝ остава доволно пари за да се откаже од проституцијата и да го придружува Раскољников. Потоа, тој оди кај својата свршеница на која ѝ дава 10.000 рубљи. Вечерта ја поминува во едно преноќиште, каде доживува кошмарни соништа и утрото излегува на улица каде извршува самоубиство пред очите на еден пожарникар.[14]
  • Глава VII-VI: Вечерта, Раскољников оди кај мајка си за да се прости со неа. Таа не ги разбира неговите зборови, но претчувствува дека се наоѓа во безизлезна тешкотија состојба. Тој се враќа дома, а таму го дочекува Дуња, која цел ден го поминала со Соња, и која веќе знае сè за неговото злосторство. И таа го поттикнува да се предаде и да се ослободи од товарот. Потоа, тој повторно ја посетува Соња, по што оди во полициската станица и пред изненадениот Иљја Петрович Порох го признава злосторството што го направил.[15]
  • Глава I-II: Судскиот процес течел лесно, зашто Раскољников целосно го признал злосторството. Притоа биле земени предвид сите негови добри страни, како и фактот дека самиот се пријавил и по пет месеци била донесена пресудата: прогонство во Сибир во траење од осум години. Неговата мајка уште на почетокот од процесот се разболува и набргу умира; Дуња и Разумихин се венчаваат; а Соња заминува со Раскољников во Сибир. На почетокот, тој се однесува многу грубо и презриво кон неа, заради ранетата гордост, па дури се разболува заради тоа. Затворениците не го сакаат и го избегнуваат, но затоа пак, сите ја сакаат Соња, зашто нејзината кроткост, добрина, едноставност и милост ги пленила срцата на затворениците. Додека лежи во болницата, Раскољников многу се загрижува зашто веќе неколку дена Соња не дошла да го посети, без да знае дека таа е болна. Најпосле, кога таа му доаѓа во посета, Раскољников конечно сфаќа дека ја сака и се фрла пред нејзините нозе. Среќни, тие се подготвени да ги истрпат седумте преостанати години и заедно да го чекаат заедничкиот живот во иднина.[16]

Родион Романович Раскољников

[уреди | уреди извор]

Родион Романович Раскољников е централниот лик во романот. Тој е извонредно убаво 23-годишно момче - со прекрасни очи, со кафеава коса, доста висок, тенок и со убава става.[17] Раскољников е комплексна личност со многу позитивни и негативни особини. Неговиот другар Разумихин го опишува Раскољников како мрачен, горд и суетен, претерано чувствителен и хипохондрик; понекогаш не сака да разговара со никого; тој великодушен и добар, но не сака да ги покажува чувствата и попрво ќе постапи сурово отколку да го открие срцето; понекогаш е студен и бесчувствителен до бесчовечност, како во него да се менуваат два спротивставени карактера; постојано нема време, постојано некој му пречи, иако цело време лежи и ништо не работи; не ги слуша соговорниците до крајот и никогаш не се интересира за она што во тој миг ги интересира сите; премногу се цени себеси; во секое време крај него мора да се наоѓа некоја жена, но тој никого не сака и можеби е неспособен да сака;[18] и воопшто, неговите главни одлики се: гордост, суета, самољубие и атеизам.[19] Уште за време на студиите, Раскољников речиси немал другари, не одел кај никого на гости, а самиот тој со тешко срце примал посети. Не учествувал ниту на состаноците, ни на забавите или разговорите, па набргу сите му го свртиле грбот. Тој бил вреден студент и поради тоа бил почитуван, но никој не го сакал. Иако бил сиромашен, тој бил горд и не сакал да разговара, како нешто да крие во себе. Неговите другари имале впечаток дека тој гледа на нив како на деца, како да ги претекнал во знаењето и убедувањата, а нивните ставови како да ги смета за нешто пониско.[20]

Поради сиромаштијата, тој ги напушта студиите по право и запаѓа во раздразлива и напната состојба слична на хипохондрија, поради што се повлекува во себе, се оддалечува од луѓето и речиси не излегува од својот стан. Притоа, веќе цел месец, тој не работи ништо, туку само фантазира и „гради кули во воздухот“. Тој е толку бедно облечен, што некој друг во таква состојба би се срамел дење да излезе на улица. Меѓутоа, во него се насобрал толкав презир кон луѓето, што воопшто не чувствува никаков срам, иако се одликува со речиси детска чувствителност.[21] Тој е толку одвикнат од светот, што дури и лицето на слугинката, која одвреме-навреме му носи храна, му предизвикува јад и конвулзии.[22] Сепак, тој покажува голема симпатија кон бедните и понижените. Така, во една прилика, тој забележува една млада, пијана девојка која сака да ја искористи некој господин и тогаш го повикува полицаецот со намера да ја спаси девојката;[23] по смртта на Мармеладов, тој ѝ ги дава сите пари на сопругата на покојниот, гледајќи во каква беда живее таа со нејзините три деца;[24] а на судењето се дознава дека за време на студиите, тој ги издржувал еден сиромашен студент и неговиот татко, а во една прилика спасил две деца од пожарот што ја зафатил зградата.[25] Кога дознава дека неговата сестра ќе се омажи за да може да ги финансира неговите студии, неговата гордост е сосема срушена и никако не сака да ја прифати нејзината жртва, па дури остро ја осудува нејзината постапка, обвинувајќи ја дека се продала себеси.[26]

Тој самиот се колеба во врска со мотивот на неговото убиство: дали е заради мајка му и сестра му или заради бедата во која се наоѓа неговото семејство или заради филозофијата на обичните и необичните луѓе. Тој оди да го изврши убиството многу свесно и плански, како потврда на неговата идеја, како експеримент. Според него, извршувањето на злосторството е оправдано, ако се изврши за повисоки цели. Извршувајќи го убиството, тој сака да провери дали им припаѓа на исклучителните луѓе. Својата теорија ја поткрепува со историски примери, особено со Наполеон, кој ги кршел пропишаните норми за да ја достигне целта и да ја промени историјата. Но, откако го извршува злосторството, неговата теорија полека се распаѓа. Најпрвин, тој пронаоѓа рационални објаснувања за неуспехот - грешките во извршувањето на убиството, убивањето и на Лисавета итн. Потоа се враќа на својата филозофија - дека не убил човек, туку принцип - обидувајќи се да се утеши на тој начин.[27]

Последните неколку дена пред да се предаде, Раскољников се чувствува како да го зафатила некоја магла, затворајќи го во безизлезна и тешка осаменост. Притоа, понекогаш му се гасне свеста, ги меша настаните и времето, причините и последиците; понекогаш го обзема болно-мачен немир кој преоѓа во паничен страв; а потоа запаѓа во апатија, која трае со часови и со денови. Воопшто, во текот на тие неколку дена, тој настојува да побегне од јасното разбирање на својата положба[28] и не се грижи за сегашната и за идната судбина, зашто е западнат во бескраен морален замор.[29] Најпосле, тој постојано скита низ градот, често одејќи до брегот на Нева со намера да изврши самоубиство, но се откажал од намерата, сметајќи дека не смее да се плаши од срамот што го заслужил.[30] Сепак, до последниот час, Раскољников се колеба дали да се предаде или да се обиде ја избегне казната, велејќи дека е убеден дека не направил никакво злосторство; дека нема потреба да се става себеси пред бесмислени искушенија; и дека не му треба животот по робијата, зашто тогаш луѓето ќе го прогонуваат, а тој ги мрази сите нив, сметајќи ги за подлеци, разбојници и идиоти. Истовремено, тој ветува дека, по издржувањето на казната, ќе биде добар, храбар и чесен во текот на целиот живот, дека ќе го докаже тоа и дека нема да го посрамоти семејството.[31] Меѓутоа, на крајот, Раскољников не може повеќе да го издржи притисокот - тој не може да се задржи на едно место, ниту мислите да ги фокусира врз еден предмет и постојано зборува бесмислици и се тресе.[19] Одејќи да се пријави во полицијата, тој се прашува за последен пат: „Има ли смисла, треба ли да се направи ова?... Зар е навистина невозможно да се запре и повторно сè да се поправи... и да не се оди на суд?“ Потоа, тој заклучува дека не смеел да има толку високо мислење за себе, зашто е „бедник низаеден, ништожник, подлец, подлец!“[32] Притиснат од совеста, тој одлучува да го прифати советот на Соња и врз себе да го преземе крстот на страдањето.

И по неговото затворање, духот на Раскољников не се смирува - тој е постојано мрачен, рамнодушен е кон храната, не разговара со никого и не покажува никаков интерес ни за Соња ниту за вестите што ги добива, студено ја прима веста за смртта на мајка му, затворениците не го сакаат, а најпосле се разболува. Тој се срами зашто е ранета неговата гордост, при што не наоѓа никаква вина кај себе, туку му е срам поради тоа што доживеал неуспех; не гледа никаква смисла во идниот живот и воопшто не се кае за злосторството што го извршил, а единственото злосторство го гледа во тоа што не издржал до крајот и што ја признал вината.[33] Меѓутоа, еден ден, кај него наеднаш се случува пресврт, кога конечно си признава дека ја сака Соња; така, љубовта го направила да воскресне и да го обнови животот.[34]

Соња Мармеладова

[уреди | уреди извор]

Софија Семјоновна Мармеладова (Соња) е млада девојка на околу 18 години - слаба, ниска, русокоса убавица, со бледо, слабо и неправилно лице (малку шилесто) , со истакнати јаболчни коски, шилесто носе и со кротки, сини очи што наеднаш можат да светнат со сурово и енергично чувство.[35] Додека растела, таа страдала многу од нејзината маќеа, Катарина Ивановна. Таа нема формално образование; само, нејзиниот татко се обидел да ја подучува по географија и општа историја; а подоцна, кога пораснала, прочитала неколку книги.[36] Целиот живот, Соња била несигурна и исплашена, а особено се плаши од нови лица и од нови познанства.[37] Притоа, во текот на целиот живот, таа се жртвува за доброто на другите: кога нејзиното семејство нема пари за да преживее, таа послушно прифаќа да стане проститутка;[38] на својот татко му ги дава последните 30 копејки за да купи ракија;[39] а во Сибир е омилена кај сите затвореници на кои несебично им помага.[40] Соња е бедна, отфрлена и изгубена проститутка, која би требало да биде сродната душа на убиецот Раскољников. Но, напротив: иако делат слична судбина, таа е сосема спротивна на Раскољников. Кога ќе ја слушне неговата исповед за убиството, таа ќе се стаписа и ќе занеми од изненаденост и сочувство. Таа покажува големо сочувство кон разорената душа на Раскољников, која се обидува да ја оздрави. Со нејзината смиреност, добрина, саможртва и покорност, таа е биде единствената можност за спасот на бунтовниот и горделив Раскољников.

Авдотја Романовна (Дуња)

[уреди | уреди извор]

Дуња е сестрата на Раскољников. Таа е необично убава - висока, со прекрасна става, силна, полна со самодоверба, а нејзините движења се полни со грациозност. По многу карактерни црти, па дури и по ликот, таа многу личи на својот брат,[41] а најмногу по душата: двајцата се меланхолици, невесели, горди и великодушни.[42] Таа има светлокафена коса, речиси црни очи, кои истовремено се горди и добри. Иако е бледа, лицето ѝ е свежо и здраво; устата ѝ е мала, а долната усна, свежа и румена, едвај забележително е истурена напред, исто како и брадата, и тоа е единствената неправилност на нејзиното лице, која му дава посебен карактер и некаква гордост. Нејзиното лице најчесто е сериозно и замислено отколку весело, но насмевката ѝ е весела, младешка и од срце.[43] Таа е паметна, со цврст карактер и може да поднесе многу нешта, па дури и во најтешките околности наоѓа во себе толкава великодушност која ѝ помага да не ја загуби одлучноста. Така, по нејзиното отпуштање од работата во домот на Марфа Петровна, кога целиот град ја озборувале и кога сите познати ја избегнувале, таа покажала голема сила и цврстина, па дури ја тешела мајка си.[44] Дуња е чесна и горда, способна да јаде сув леб ама својата душа нема да ја продаде и моралната слобода нема да ја замени за комфор.[26] Меѓутоа, таа многу го сака својот брат и, за да му помогне во студирањето и во кариерата, прифаќа да се жртвува така што ќе се омажи за Лужин.[45] Според зборовите на Свидригајлов, ако се родела во 2. или 3. век, Дуња сигурно би била маченичка; а ако се родела во 4. или 5., таа би заминала во пустина и таму би живеела хранејќи се со корења, восхитувања и привиденија; таа единствено бара да страда за некого зашто е страшно и невидено чиста и невина.[46]

Дмитриј Прокофјич Разумихин

[уреди | уреди извор]

Разумихин е необично весел, зборлест млад човек, добар до простодушност, а зад неговата едноставност се крие длабочина и достоинство. Поради тоа, сите негови другари искрено го сакаат. Тој е доста паметен, иако понекогаш е наивен. Неуспесите никогаш не го колебаат, а лошите околности не можат да го доведат во безизлезна положба. Тој е способен да живее и на покривот, да трпи пеколен глад и голем студ. Тој е многу сиромашен и самиот заработува за живот, работејќи различни ситни работи. Една зима бил принуден да ги напушти студиите, но набргу повторно ги продолжил, а во меѓувреме работел напорно за да ја поправи финансиската состојба. Во однос на надворешниот лик, тој е висок, слаб, со црна коса, секогаш лошо избричен. Физички е многу силен и понекогаш започнува кавги, а понекогаш прави големи скандали. Може да пие прекумерно, но кога сака, воопшто не пие.[47] Разумихин нема голема самодоверба.[41]

Пулхерија Александровна

[уреди | уреди извор]

Мајка му на Раскољников е жена на 43 години, но нејзиното лице ги чува трагите од некогашната убавина. Иако нејзината коса веќе почнува да побелува и да опаѓа, околу очите веќе се појавиле брчки, а образите ѝ се исушиле и пропаднале од грижи и од тага, таа изгледа помлада од нејзината возраст. Таа е слика на Дуња, само 20 години подоцна, само што нејзината долна усна не е истурена напред. Исто така, таа успеала да ја задржи јасниот дух, свежината на впечатокот и чесниот и чист жар на срцето. Пулхерија е чувствителна, но не прекумерно и плашлива и попустлива, но само до некоја граница. За многу нешта може да попушти, со многу нешта може да се сложи, дури и со некои работи кои се спротивни на нејзините убедувања, но кај неа секогаш постои една линија на чесност, норми и конечни убедувања која нема да ја пречекори во никакви околности.[48] Таа се грижи за синот со голема посветеност. Иако и самата е сиромашна, одделува пари од својата скромна пензија и се задолжува за да му ги финансира студиите.[49] По пристигнувањето во Петроград, Пулхерија е збунета од однесувањето на синот, но потоа сфаќа дека не може да ги разбере неговите сфаќања и мисли и дека не треба да бара од него да ѝ поднесува сметка за постапките. Таа знае дека нејзиниот син ја сака и тоа е доволно за неа. Притоа, за време на последната средба со него, таа претчувствува дека ќе му се случи катастрофа, но не бара од него никакво објаснение.[50] По затворањето на Раскољников, мајка му наеднаш се разболува од некоја чудна болест, проследена со еден вид лудило. Таа запаѓа во екстаза и насекаде со восхит зборува за својот син и за блескавата кариера која му претстои. Сепак, иако не зборува за судбината на синот, таа како да претчувствува што се случило со него така што, по долгиот период на непрекинато фантазирање, нејзината состојба се влошува и таа умира.[51]

Порфириј Петрович

[уреди | уреди извор]

Порфириј Петрович има околу 35 години, не е оженет и ретко се дружи со луѓето.[52] Тој е со мал раст, полн и дури со стомаче, избричен, без мустаќи, со кратко потстрижена коса на тркалезната глава, која му е некако особено испапчена на тилот. Неговото полно лице со напрчено носе има болежлива боја, темножолта, но сепак е доста живо, а би било и добродушно да не се неговите очи со воден сјај и со бели клепки кои трепкаат како да намигнуваат. Во целата негова појава има нешто женско.[53]

Петар Петрович Лужин

[уреди | уреди извор]

Лужин е советник, т.е. службеник од осма група, вреден и работлив човек кому „секој момент му е скап“. Тој е материјално обезбеден, работи на две места и има сопствен капитал. Тој има 45 години, но има пријатен надворешен изглед и „сè уште може да им се допадне на жените“, иако е малку вообразен и мрачен.[54] Неговото лице е свежо, па дури и убаво, така што тој изгледа помлад. Дури и косата (малку побелена), иако му е грижливо исчешлана и негувана, сепак не му дава смешен или глупав изглед. Ако има нешто непријатно и антипатично на неговата убава физиономија, тоа не е поврзано со физичкиот изглед, туку се должи на некои други причини.[55] Иако е недоволно образован, сепак, тој е паметен и, поред неговите сопствени зборови, тој е непријател на сите предрасуди и ги споделува „убедувањата на нашето младо поколение“. Тој е суетен, многу зборува и сака другите да го слушаат.[54] При посетата на Раскољников, Лужин ги образложува своите погледи на светот според кои човекот треба да се сака себеси, зашто сè на светот се заснова врз личниот интерес.[56]

Тој е горд човек чија самоувереност се граничи со нарцизам. Тоа произлегува оттаму што „од ништо станал нешто“, така што се навикнал да ужива во себе, да ги цени својата памет и способностите, а понекогаш со задоволство го набљудува својот лик во огледалото. Сепак, најмногу од сите нешта, тој ги цени парите, зашто тие му овозможуваат да биде еднаков со сето она што е повисоко од него.[57] Тој спаѓа во луѓето кои привидно се многу љубезни во друштвото, но кои веднаш ги забораваат сите убави манири штом нешто не им е по волја,[58] Веќе неколку години, со наслада сонува да се ожени, постојано собира пари за таа цел и стрпливо чека да најде чесна, млада, убава и сиромашна девојка. Притоа, тој очекува од неа да му биде целосно покорна и да го смета за свој добротвор и спасител.[59][60]

Аркадиј Иванович Свидригајлов

[уреди | уреди извор]

Свидригајлов е човек на околу 50 години, кој изгледа многу помлад. Тој е доста висок, крупен, со широки рамена, што му дава малку подгрбавен изглед. Тој е убаво облечен и изгледа импозантно - вистински господин. Тој има пријатно, широко лице кое делува како маска: бело, румено, со крупни јаболчници и со свежа боја и со румени усни. Неговата коса е густа, сосема руса, а широката, густа брада е уште посветла од косата и му паѓа како топка. Тој има премногу сини очи и гледа студено, внимателно и замислено,[61] погледот му е тежок и неподвижен, а во неговото убаво лице има нешто страшно непријатно.[62]

Со својата сопруга склучил договор во кој се обврзал дека никогаш нема да ја остави и дека нема да има постојана љубовница, задржувајќи ја слободата да влегува во повремени краткотрајни љубовни авантури. Во текот на бракот, тој ѝ предизвикал на сопругата безбројни навреди и маки, а за време на честите расправии тој молчел и на тој начин секогаш успевал да ја смири.[63]

Според неговото сопствено признание, тој е развратен човек и мрзливец,[64] а на развратот гледа како на нешто што е постојано и втемелено на природата, нешто што не е подложно на фантазијата, нешто што гори во крвта, признавајќи дека единственото нешто што му се допаѓа се жените.[65] Тој е човек кој „речиси за ништо не се интересира посебно“ и ничие мислење не го интересира, а не му е тешко ниту да биде „по малку простак“.[66] исто така, според неговите зборови, тој никогаш кон никого не чувствувал голема омраза, никогаш не сакал да се одмаздува, не сакал да се расправа, ниту паѓал во оган.[67]

И Дуња го опишува Свидригајлов како развратен и порочен човек, и тоа од најлошиот вид на тие луѓе, кој се оженил со Марфа Петровна само затоа што таа го спасила од сигурна затворска казна поради неговата вмешаност во ѕверското убиство на едно глувонемо девојче. Неколку години подоцна, тој бил виновен за самоубиството на слугата Филип, кој се обесил како последица на неговото систематско казнување и прогонување.[68] Кога Дуња дошла да работи како гувернанта во неговата куќа, Свидригајлов најпрвин се однесувал грубо кон неа, постапувал неучтиво и ѝ се потсмевал пред другите, но подоцна го обзела страст кон неа така што ѝ упатил непристоен предлог, па дури ја наговарал заедно да избегаат во странство.[69] Подоцна, тој специјално оди во Петроград, со цел да ја спречи свадбата на Дуња со Лужин, барајќи извинување од неа, и ѝ нуди 10.000 рубљи.[70] За време на последната средба со Дуња, иако може да ја обесчести, откако конечно ќе се убеди дека таа не може да го засака, тој дури ѝ помага во нејзината намера да го убие.[71] Сепак, пред крајот на неговиот живот, тој покажува и некои позитивни особини: ги плаќа трошоците за закопот на Катарина Ивановна, ги сместува нејзините сирачиња во пансион ѝ дава пари на Соња за да се оттргне од проституцијата и од сиромаштијата; ѝ поклонува голем износ пари на својата млада свршеница, а потоа, немајќи никаква надеж за подобар живот, тој извршува самоубиство.[72]

Семјон Захарич Мармеладов

[уреди | уреди извор]

Мармеладов е човек на околу 50 годишна возраст, со среден раст и со силна градба на телото; речиси ќелав, а остатокот од косата веќе му е побелена; лицето му е жолто, па дури речиси и зелено и подуено од постојаното пиење, очните капаци му се подуени, а очите му се ситни, крвави, но живи. Тој носи стара и валкана, парталава облека; лицето му е избричено на службенички начин, но целото покриено со остри, сиви влакна. И во неговото однесува се оцртува нешто достоинствено - службеничко.[73] Тој е непоправлив алкохоличар кој во пиењето бара сожалување, утеха и тага, т.е. пие зашто посакува двојно да страда.[74] По смртта на првата жена, со која имал 14-годишна ќерка, Мармеладов се оженил со вдовицата Катарина Ивановна, а тоа го направил од сожалување кон нејзината бедна положба. Потоа, цела година ја извршувал брачната должност побожно и свето, но потоа почнал да пие, особено откако бил отпуштен од службата. Подоцна, повторно нашол работа и тогаш се поправило неговото однесување, но по губењето на работата, повторно западнал во алкохолизам.[75] Неспособен да се оттргне од пиењето, во една прилика, Мармеладов ѝ го украл клучот на Катарина, ги украл парите и отишол да пие; во друга прилика, кога останал без пари, без никаков срам отишол кај ќерка си Соња и побарал пари за пиење.[76] Иако Катарина постојано го малтретирала, тој покажувал голема почит кон неа, сметајќи ја за великодушна дама.[77]

Катарина Ивановна

[уреди | уреди извор]

Катарина Ивановна е сопругата на Мармеладов. Таа е образована, убава жена, висока и витка, со прекрасна костенлива коса,[78] ќерка на висок офицер која била воспитана во пансион за благородници при што добила златен медал и пофалница од гувернерот на областа.[77] Потоа, таа се омажила за пешадиски офицер и поради љубовта кон него побегнала од родителската куќа. Таа неизмерно го сакала својот прв маж, иако тој бил алкохоличар и коцкар и постојано ја тепал. По неговата смрт, таа останала со трите деца, а сите нејзини роднини се откажале од неа, така што западнала во крајна сиромаштија. Тогаш, од сожалување кон неа, Мармеладов ја побарал за жена, а таа прифатила зашто немала друг излез.[79] Катарина е горда жена која, и покрај сиромаштијата, никому не му дозволува да ја понижува, а по осиромашувањето, таа живее само во спомените на среќното минато. Таа е понекогаш лута и неправична и тогаш го малтретира својот сопруг, иако нејзините постапки се делумно оправдани и разбирливи, имајќи го предвид тоа дека Мармеладов се однесува неодговорно кон семејството.[80] Исто така, таа се однесувала многу лошо и кон Соња, па дури ја наговорила да се проституира за да обезбеди пари за егзистенција на семејството, а веднаш потоа паднала пред нозете на Соња и плачела, сочувствувајќи со неа.[81] Таа е мајка на три деца од нејзиниот прв брак и кон нив постапува грижливо, работејќи во домот од утро до мрак.[74] Како последица на лошите животни услови, Катарина е многу слаба, а на нејзините образи се видливи големи румени пеги. Притисната од болеста, устата ѝ е запечена, очите ѝ горат како во треска, дише нерамномерно и често се закашлува.[78] Таа има навика секого да го прикаже во најсветли бои измислувајќи разни пофалби кои воопшто не се вистинити, но таа искрено верува во нивната вистинитост, а потоа наеднаш се разочарува од тој човек, го презира и ги прекинува врските со него.[82] По смртта на Мармеладов, умот на Катарина е сериозно заматен и таа прави бесмислена постапка така што сите пари добиени од Раскољников ги троши на закопот и задушницата за сопругот, со цел да се покаже пред станарите.[83] На крајот, таа сосема полудува и умира.

Андреј Семјонович Лебезјатников

[уреди | уреди извор]

Лебезјатников е слаб човек, со мал раст, речиси неприродно русокос кого постојано го болат очите. По професија, тој е ситен службеник кој никогаш нема пари. Неговото срце е меко, но зборува самоуверено, понекогаш и гордо, а тоа секогаш испаѓа смешно поради неговата ситна појава. Тој уреден станар, кој уредно ја плаќа станарината и не е алкохоличар, но и покрај сето тоа, тој е навистина глупав и вулгарен човек, а можеби и лажго.[84] Главната негова идеја-водилка е дека благородно е сто она што е корисно.[85] Лебезјатников е поранешен штитеник на Лужин, кој потоа краткотрајно живее заедно со него, за време на неговиот престој во Петроград. Лебезјатников е банално и просто човече, кое со страст е вклучено во напредното движење, па дури настојува да го придобие Лужин да се приклучи кон идната комуна. Сепак, тој го мрази Лужин, сфаќајќи дека тој го презира.[86] Во една прилика, Лебезјатников ја истепал Катарина Ивановна[87] и токму тој се залагал Соња Мармеладова да биде истерана од станот. Сепак, тој изјавува дека тоа е само клевета и дека тој длабоко ја почитува Соња која некое време ја подучувал и ѝ позајмувал книги. Иако нема преземено никакви непристојни чекори кон неа, тој признава дека веднаш би прифатил, ако таа му се понуди, зашто Соња многу му се допаѓа.[88]

д-р Зосимов

[уреди | уреди извор]

Зосимов е млад човек на 27-годишна возраст. Тој е висок и дебел, со подуено и безбојно бледо, мазно избричено, лице, со руса права коса; носи очила, голем златен прстен и голем часовник закачен на широк златен синџир. Тој се облекува модерно, движењата му се лесни, бавни и смислено безгрижни, но во секој миг од него извира некаква скриена суета. Сите негови познаници го сметаат за тежок човек кој си ја знае работата.[89]

Марфа Петровна

[уреди | уреди извор]

Марфа Петровна е сопругата на Свидригајлов. Таа е чесна, необразована, но паметна жена. Марфа била неколку години постара од Свидригајлов, но многу вљубена во него, и затоа му помогнала да излезе од затворот така што го исплатила неговиот голем долг. Притоа, таа прифатила да се понижи и со него склучила неформален договор според кој тој се обврзал дека никогаш нема да ја напушти, а таа му дозволила да одржува повремени љубовни авантури. Сепак, знаејќи дека тој е развратник, таа била многу љубоморна на сопругот. На почетокот, Марфа многу ја сакала Дуња, но гледајќи ја страста на својот сопруг кон Дуња, таа ја избркала од својот дом, а потоа низ градот ширела вести дека е развратна девојка. Потоа, согледувајќи ја грешката, Марфа ѝ се извинила на Дуња и со тестаментот ѝ оставила 3.000 рубљи.[63]

За романот

[уреди | уреди извор]

Според Борис Пастернак, „присуството на уметноста на страниците на „Злосторство и казна“ е многу попотресно од самото злосторство на Раскољников.“[90]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
  1. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 7-33.
  2. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 34-72.
  3. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 73-99.
  4. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 101-171.
  5. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 172-214.
  6. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 215-270.
  7. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 271-303.
  8. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 305-342.
  9. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 343-360.
  10. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 344-390.
  11. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 391-423.
  12. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 424-472.
  13. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 473-523.
  14. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 524-554.
  15. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 555-576.
  16. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 577-594.
  17. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 8.
  18. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 235-236.
  19. 19,0 19,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 566.
  20. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 59.
  21. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 7-9, 16.
  22. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 34.
  23. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 55.
  24. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 248.
  25. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 579.
  26. 26,0 26,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 51.
  27. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 449-454.
  28. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 473.
  29. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 500.
  30. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 560-561.
  31. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 562-564.
  32. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 568.
  33. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 584-588.
  34. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 593.
  35. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 204, 260, 353.
  36. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 22-23.
  37. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 403.
  38. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 23.
  39. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 28.
  40. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 589-590.
  41. 41,0 41,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 236.
  42. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 262-263.
  43. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 224.
  44. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 39-40.
  45. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 48, 51.
  46. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 514.
  47. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 59-60.
  48. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 224-225.
  49. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 37.
  50. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 556-557.
  51. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 580-583.
  52. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 366.
  53. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 273.
  54. 54,0 54,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 42.
  55. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 162-163.
  56. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 165.
  57. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 334.
  58. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 323.
  59. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 335.
  60. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 43.
  61. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 266-267.
  62. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 506.
  63. 63,0 63,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 511-512.
  64. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 316.
  65. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 508.
  66. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 308-309.
  67. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 548.
  68. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 324-325.
  69. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 38.
  70. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 317.
  71. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 535-539.
  72. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 541-544.
  73. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 17.
  74. 74,0 74,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 21.
  75. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 22.
  76. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 27-28.
  77. 77,0 77,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 20.
  78. 78,0 78,1 Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 31.
  79. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 21-22.
  80. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 20-21.
  81. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 23-24.
  82. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 411.
  83. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 410.
  84. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 395.
  85. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 402.
  86. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 394-395.
  87. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 397.
  88. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 400-401.
  89. Fjodor Dostojevski, Zločin i kazna. Beograd: Rad, 1975, стр. 147.
  90. Борис Пастернак, Доктор Живаго II (друго издање). Београд: Просвета, 1963, стр. 40.