Спејс шатл (англ. Space Shuttle) програмата на НАСА позната и како Вселенски транспортен систем е група од идентични вселенски летала кои се користат за мисиите со човечки екипаж на владата на САД. При лансирањето се состои од надворешен резервоар (кафен), две ракети за помош при лансирањето и самото вселенско летало.

Спејс шатл Дискавери на лансирањето во мисијата СТС-120.

Леталото носи астронаути и корисен товар како што се сателити или делови од вселенската станица во ниската орбита околу Земјата. Обично екипажот се состои од 5-7 члена. Товарниот капацитет е 22.700кг. Кога ќе ја заврши вселенската мисија, леталото со помош на своите мотори се упатува кон Земјата и навлегува во атмосферата. За време на спуштањето леталото лизга по слоевите од атмосферата додека се спушти, слично како авион, на некој од аеродромите направени за таа намена.

Типичен тек на мисија на Спејс шатл.

Спејс шатлот е првото вселенско летало кое се користи повеќекратно. По лансирањето, откога ќе достигне одредена висина, ги отфрла ракетите и резервоарот, но леталото во целост останува употребливо.

Поради таа практична особина, се употребува за сервисирање на сателити, размена на екипажите и испорака на делови за Меѓународната вселенска станица, и разнесување на други товари од и до Земјата. Секој шатл бил проектиран да трае барем за 100 мисии во тек на 10 години.

Од првобитно произведените 6 летала, 2 се загубени во мисии, заедно со екипажите, вкупно 14 луѓе, што учествувале во мисиите. Иако била замислена од НАСА како еден вид „вселенски автобус“ кој ќе овозможи евтин повеќекратен превоз на луѓе и товари во вселената, спејс шатл програмата се покажала како многу ранлива од аспект на сигурноста и надежноста, но и како многу скап проект.[1][2][3]

Наводи

уреди
  1. „Space Transportation Costs: Trends in Price Per Pound to Orbit 1990-2000“ (PDF) (англиски). Futron. 6 септември 2002. Архивирано од изворникот (PDF) на 2006-11-10. Посетено на 2008-04-12.
  2. USATODAY.com - Critics scrutinize cost of shuttle
  3. „Columbia accident investigation board, public hearing“. NASA. 23 април 2003. Архивирано од изворникот на 2006-08-12. Посетено на 2008-04-12.