Прејди на содржината

Јован Асен II

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Иван Асен II)
Јован Асен II
Цар на Бугарија
Монета на Јован Асен II
На престол1218 – 1241
ПретходникБорил
НаследникКалиман Асен I
Роден(а)1190ти
Починал(а)мај/јуни 1241

Јован Асен II (бугарски: Иван Асен II; 1190ти – мај/јуни 1241), бил цар на Бугарија од 1218 до 1241. Тој сè уште бил дете кога неговиот татко Иван Асен I – еден од основачите на Бугарското Царство – бил убиен во 1196. Неговите поддржувачи се обиделе да го осигураат престолот за него, откако неговиот чичко Калојан бил убиен во 1207, меѓутоа другиот внук на Калојан, Борил, станал цар. Иван Асен избегал од Бугарија во руските кнежевства.

Бугарија во времето на Јован Асен II

Борил никогаш не ја зајакнал својата власт, што му овозможило на Јован Асен да собере војска и да се врати во Бугарија. Тој го зазел Трново и го ослепил Борил во 1218. Првично, тој го поддржал заедништвото на бугарската црква со папството и склучил сојузи со соседните католички сили, Унгарија и Латинското Царство. Тој му нанел тежок пораз на Теодор Комнен, солунскиот цар, во Битката кај Клокотница во 1230. Царството на Теодор набрзо се распаднало, а Јован Асен освоил големи територии во Македонија, Тесалија и Тракија.