Гане Тодоровски
Гане Тодоровски | |
---|---|
Гане Тодоровски | |
Роден/а | Гане Тодоровски 11 мај 1929 Скопје, Македонија |
Починат/а | 22 мај 2010 Скопје, Македонија | (возр. 81)
Занимање | поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист. |
Националност | Македонец |
Образование | дипломиран филозоф и академик |
Апсолвент на | Филозофски факултет - Скопје |
Период | современа македонска книжевност, книжевноста на македонскиот јазик после Втората светска војна. |
Жанр | лингвистика, филологија, македонист, историја, етнографија и аналитика |
Предмет | македонска историја, книжевност, филологија, аналитика и политика |
Роднини | Трајко Тодоровски (татко) |
Гане Тодоровски (Скопје, 11 мај 1929 — Скопје, 22 мај 2010) — македонски поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист.[1]
Животопис
[уреди | уреди извор]Гане Тодоровски завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал на темата „Веда Словена и нејзините мистификатори“. Работел како новинар во Танјуг, „Млад борец“ и „Студентски збор“. Бил долгогодишен професор по хрватска и македонска книжевност — XIX век на Филолошкиот факултет во Скопје.
Со книжевна активност започнува непосредно по ослободувањето, и тоа во „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и др. Претежно се занимава со поезија и препеви. Има издадено повеќе збирки поезија. Се занимава и со критика и есеистика. Бил уредник на книжевните списанија: „Иднина“, „Современост“, „Културен живот“, „Млада литература“, „Разгледи“ и други. Пишува и филмски сценарија, а дебитира со документарниот филм „Проштевање“ (1963), како ко-сценарист.
Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971) и одговорен уредник на списанието „Млада литература“. Член е на МАНУ од 1997 година.
Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК. Подоцна е назначен за прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.
Починал на 22 мај 2010 година.[2] Закопан е во црквата „Свети Спас“ во скопското село Кожле на 26 мај 2010 г. Со литургијата чиноначалствуваше Архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Негова последна желба било токму во ова село да биде погребан и неговата песна „Завет“ да биде прочитана на закопот. И желбата му била исполнета.[3]
Творештво
[уреди | уреди извор]- Во утрините (поезија, 1951)
- Тревожни звуци (поезија, 1953)
- Спокоен чекор (поезија, 1956)
- Божилак (поезија, 1960)
- Апотеоза на делникот (поезија, 1964)
- Претходниците на Мисирков (студии и огледи, 1968)
- Горчливи голтки непремолк (поезија, 1970)
- Снеубавен ден (поезија, 1974)
- Трактати за сонцељубивите (есеи и записи, 1974)
- Веда Словена (1979)
- Маѓепсан мегдан (литературни записи, 1979)
- Скопјани (поезија, 1981)
- Подалеку од занесот, поблизу до болот (студии, 1983)
- Со збор кон зборот (студии и критики, 1985)
- Поход кон Хеликон (студии, 1987)
- Неволици, неверици, несоници (поезија, 1987)
- Неодложни љубопитства (студии, записи и критики, 1987)
- Недостижна (поезија, 1995)
- Осамен патник (поезија на англиски, 1996).
Составувач е на антологиите:
- Песната - храброст (1975)
- Австриската поезија на XX век (1982) и други.
Како соавтор ги приредил антологиите:
- Словенечки поети (1956)
- Езерска земја (1967)
- Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968)
- Нова хрватска поезија (1973)
- Современа хрватска поезија (1981).
Награди
[уреди | уреди извор]- Кочо Рацин
- 11 Октомври
- 13 Ноември
- Браќа Миладиновци
- Климент Охридски
- Гоце Делчев
- Димитар Митрев
- Награда за книжевен опус на Мисла
- Ацо Шопов (награда), за Орач или воин, 2003
Преведувачките награди
- Григор Прличев
- Кирил Пејчиновиќ
- Златно перо
Рекоа за Гане Тодоровски...
[уреди | уреди извор]„ | Нашиот Гане се вреднува меѓу доминантните личности во балканските, но и дел од европските книжевности и култури, со испрекинат континуитет и задоцнети ренесанси, кои со нивната исклучителна творечка мисија, речиси сами го носат митот на континуитетот, драмата на обновата. Сведоштво за оваа исклучителна мисија, се и овие десет томови, извлечени од големата Ганева библиотека-живот која останува отворена во сите годишни времиња на постоењето. Гане е верниот и достоен потомок на претскажаното Прличево племе, кое требаше еден ден да стаса и на вистинскиот јазик, на мајчиниот јазик, да ја искаже поетиката на идентитетот и вистината за својот народ. Гане, како никој друг ќе го разбере кодот на јазичниот егзил на Прличев, ќе го преточи генијот на својата уметност. —Луан Старова[4] | “ |
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ Македонски писатели, Друштво на писатели на Македонија, Скопје, 2004, стр. 259 -260.
- ↑ Почина академик Гане Тодоровски Архивирано на 5 март 2012 г., МИА, 23 мај 2010.
- ↑ „Гане Тодоровски беше единствен во македонската поетска фаланга“. Архивирано од изворникот на 2010-06-02. Посетено на 2010-05-26.
- ↑ „Гане Тодоровски е доминантна личност во балканската култура“
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]- Гане Тодоровски „За и против ’Веда Словена’“ Архивирано на 23 октомври 2016 г., Годишен зборник на Универзитетот во Скопје, 19, 1967, стр. 393-444.
- Избрани песни, Гане Тодоровски
- Гане Тодоровски „Дојди в Охрид“
- Колумна посветена на Гане Тодоровски Архивирано на 6 јуни 2010 г.
|
- Луѓе од Скопје
- Починати во Скопје
- Починати во Македонија
- Родени во 1929 година
- Починати во 2010 година
- Македонски писатели
- Македонски амбасадори
- Членови на ДПМ
- Кожле
- Претседатели на ДПМ
- Добитници на наградата „23 Октомври“
- Добитници на наградата „13 Ноември“
- Добитници на наградата „Браќа Миладиновци“
- Добитници на наградата „Ацо Шопов“
- Апсолвенти на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“