Арвати
Арвати | |
Поглед кон влезот на селото | |
Координати 40°56′37″N 21°06′47″E / 40.94361° СГШ; 21.11306° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Ресен |
Област | Долна Преспа |
Население | 119 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7318 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 23002 |
Надм. вис. | 900 м |
Слава | Голема Богородица |
Арвати на општинската карта Атарот на Арвати во рамките на општината | |
Арвати на Ризницата |
Арвати — село во Општина Ресен, во областа Долна Преспа, во околината на градот Ресен, сместено во близина на брегот на Големото Преспанско Езеро.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Во врска со името на селото, Влоѓимјеж Пјанка пишува дека е примарно, етничко (се мисли на Хрвати како нација) што во потполност се совпаѓа и со преданијата на арваштани. Тие пренесуваат сеќавање дека, некаде кон крајот на XVI век и во почетокот на XVII век, кога во Хрватска и во Словенија се случувале селски буни, предците на денешното семејство Лозановци, со целокупниот свој ситен и крупен добиток дошле на македонска земја и стигнале во селото Шара, кое имало два бега (на долниот и горниот крај на селото). Бегалците ги прибрал горниот бег при што им ја присвоил стоката, а тие станале раја како и другите христијани. Се смета дека по овие луѓе Харвати (Хрвати) подоцна селото го добило името Арвати.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото е сместено на околу 3 километри источно од Големото Преспанско Езеро, во длабока живописна пазува на планината Баба, во средишниот дел и од двете страни на реката Шара (позната и како Арватска или Кранска Река). Сместено е на надморска височина од околу 900 метри.[2] Од патот Ресен-Љубојно, селото е оддалечено три километри, а од општинското средиште, градот Ресен, е оддалечено 24,5 километри.[3]
Се пренесува предание дека селото е двапати преместувано. За негови претходно положби се споменуваат месностите Павлоец (на околу 3 километри источно од денешната местоположба на селото и од левата страна на реката) и Грмада (на околу 1 километар источно од денешната местоположба на селото и од десната страна на реката). За времето на преместувањето се вели дека било одамна, а како причина се наведува владеењето на некоја тешка заразна болест.[2]
Арвати се граничи со следниве села: со селото Сливница и подрачјето на Општина Битола (во тој склоп со селата Маловиште, Нижеполе и Злокуќани) на север, со селото Брајчино и со Штрбово на југ и со селото Крани на запад.[2]
Атарот на Арвати се простира на површина од 2907 хектари (околу 29,07 км2) и зафаќа исклучително ридско-планинско земјиште, обраснато со листопадна и иглолисна шума и тревнати планински пасишта. Од вкупната површина на атарот: 215,2 хектари се обработливо земјиште, 1.098 хектари пасишта и 1.562,9 хектари шума.[2][3]
Атарот на селото изобилува со извори и бистри водотеци, кои се леви и десни притоки на Шара.[2]
Арвати е село од собран тип. Сите куќи се обновени или новоизградени и подигнати на кат, преовладуваат белите фасади. Околу куќите постојат различно оградени дворни места во кои се наоѓаат потребните стопански и други објекти (плевни, зимници, штали, тремови, фурни, гаражи и сл.), а во некои од нив се засадени и овошни градини. Селото го вкрстува една асфалтирана и повеќе други неасфалтирани улици од кои некои минуваат преку шесте бетонски моста на Шара. Според поставеноста на куќите и групираноста на семејствата, селото се дели на Горно Маало (од левата), Чифлик Маало (од десната) и Решетовско Маало (од десната страна на реката кон месноста Присој). Денес, селото се развива на северната страна.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Арвати е старо етнички мешано село во кое отсекогаш сложно живееле православни Македонци и муслимански Албанци. Под различни облици на денешното име (Харвати, Харват, Хрвати и Арвати) неговото постоење е забележано во повеќе извори од различни периоди.[2]
Во XIX век, Арвати се наоѓало во Битолската каза, нахија Долна Преспа, во Отоманското Царство.
До 1912 година, Арвати било под турска власт, а во тој склоп и беговски чифлик. Во тоа време, арваштани земале поединечно учество во борбата на македонскиот народ за негово национално обединување.[2]
Во Првата балканска војна (ноември 1912), селото се нашло под српска власт, а во текот на Првата светска војна под бугарска окупација, со што се најде и во зафатот на Македонскиот фронт. Подоцна, со поместувањето на фронтот, низ селото поминале и војските на Антантата. Во текот на војната, арваштани биле мобилизирани во војските на спротивставените страни.[2]
По завршувањето на Првата светска војна, Арвати повторно се нашло под српска власт. Во ова време, селото било во состав на општината Љубојно.[2]
Во Втората светска војна селото паднало под окупација на фашистичка Италија (мај 1941 година), со што се нашло во составот на т.н. Голема Албанија. Во тоа време контролата над селото ја држеле балистите на Муса Крања. По капитулацијата на Италија (8 септември 1943 година) било слободна територија на НОАВМ. На 8 ноември 1943 година паднало под окупација на фашистичка Бугарија, под која останало до ослободувањето на 5 септември 1944 година.[2]
До шеесеттите години од XX век на Шара работеле 9 воденици, 1 валалница и неколку казани за печење ракија. Со електрична енергија, селото се здобило во 1950 година, кога на Шара била изградена мала хидроцентрала, со телевизиски прием во 1965 година, со водовод во 1974 година, со асфалтен пат во 1977 година и со телефонски приклучоци во 1988 година.[2]
Жителите од Арвати пренесуваат сеќавање дека во јуни 1956 година во планината фатило големо невреме проследено со студен ветар и изобилен крупен град и во таа прилика настрадал голем број ситен и крупен добиток.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Својата издршка арваштани ја обезбедувале преку поледелството, сточарството и печалбарството. Во рамките на поледелството некогаш преовладувале житариците (’рж, пченица, јачмен, пченка) и градинарските производи (пиперки, домати, лук, кромид, грав, тикви, краставици и др.), а денес преовладуваат јаболковото овоштарство. Во рамките на сточарството најмногу се одгледувале говеда, коњи, овци и кози. Арваштани повремено се занимавале со дрводелство и пчеларство. Се одело и на печалба.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во текот на своето постоење, Арвати го бележело следниот демографски развој: во 1568/69 година селото имало 25 семејства (опширен пописен дефтер за казите Горица, Биглишта и Хрупишта); во 1889 година имало 45 куќи, од кои 18 македонски и 27 муслимански и 151 Македонец и 116 муслимани од машки род (С. Верковиќ).[2]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Арвати имало 160 Македонци христијани, 100 Албанци муслимани и 65 Роми.[4] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Арвати имало 386 жители.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 250 Албанци и 150 Македонци.[6]
Селото Арвати во 1961 година броело 490 жители, од кои 310 биле Албанци, а 179 жители Македонци, додека во 1994 година бројот се намалил на 183 жители, од кои 129 биле Албанци, а 54 Македонци.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Арвати имало 137 жители, од кои 51 Македонец, 85 Албанци и 1 Бошњак.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 119 жители, од кои 37 Македонци и 82 Албанци.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Арвати:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Срби | Бошњаци | Ост. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | 489 |
1953 | 190 | 315 | 6 | 0 | 0 | 0 | 511 |
1961 | 179 | 310 | 0 | 0 | — | 1 | 490 |
1971 | 150 | 383 | 1 | 1 | — | 1 | 536 |
1981 | 160 | 344 | 0 | 0 | — | 3 | 507 |
1991 | 149 | 366 | 0 | 0 | 0 | 0 | 515 |
1994 | 54 | 129 | 0 | 0 | 0 | 0 | 183 |
2002 | 51 | 85 | 0 | 0 | 1 | 0 | 137 |
2021 | 37 | 82 | 0 | 0 | 0 | 0 | 119 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Денешниве арваштани се потомци на следниве постари арватски семејства:[2]
- македонски: Бузаковци, Волчевци (Стерјовци), Ѓорѓовци, Крунтовци, Кочовци, Лозановци (Рендевци), Марковци (Палашовци), Пампулевци, Паљуковци, Ташовци, Шашковци (Секуловци) и Шајновци (Трпчевци).
- албански: Амети (доселени од Козјак околу 1850 година), Велиу (доселени од Босна пред многу години), Алити (дојдени од Куртес, Албанија, преку Роби околу 1850 година), Ганиу (дојдени од Љуграси, Албанија, околу 1820 година), Усеини (дојдени од с. Ќинам, Колоња, Албанија околу 1840 година), Узеири, Карамфили (дојдени од Љуграси, Албанија, околу 1815 година), Мустафи (дојдени одамна), Метуши (дојдени од Албанија околу 1840 година), Салиу (дојдени од с. Ракицка, Албанија), Сулејмани (дојдени од Куртес, Албанија, преку Љубојно во 1923 година) и Исмаили (дојдени од Љуграси, Албанија, пред многу години).
Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1949 година, родови во селото се:
Албански
- Староседелци: Зенеловци (5 к.)
- Доселеници: Решитовци и Велиовци (9 к.) доселени се одамна од некое место во Босна; Мустафовци (3 к.) доселени се однекаде; Саликовци (3 к.) доселени се од селото Ракицко во Мала Преспа; Лазовци и Рамановци (2 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња во јужна Албанија; Дулевци и Усеиновци (3 к.) доселени се од селото Кенали кај Колоња; Смаиловци (10 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња; Аметовци (1 к.) доселени се од селото Козјак; Метушовци (1 к.) доселени се од некое место во Албанија; Карафиловци (1 к.) и Мустафовци (2 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња; Амитовци и Велиовци (2 к.) доселени се од селото Р’мби во егејскиот дел од Преспа. А таму се доселиле од Куртес кај Колоња; Ганиовци (3 к.) доселени се од селото Љораси кај Колоња; Сулејмановци (1 к.) доселени се од селото Љубојно. А таму од селото Куртес кај Колоња.
Македонски
- Староседелци: Шашковци (2 к.), Бузаковци (3 к.), Волчевци (3 к.), Лозановци и Рендевци (5 к.), Крунтовци (3 к.), Пампуловци (4 к.), Палуковци (4 к.), Шаиновци (1 к.) и Ѓорговци (1 к.)
- Доселеници: Марковци и Палашовци (2 к.) доселени се од селото Крани каде припаѓале на родот Ќирицовци; Петковци (1 к.) доселени се од селото Глобочани во Мала Преспа; Костовци и Кочовци (1 к.) доселени се од селото Сливница, каде припаѓале на родот Костовци; Ташовци (1 к.) доселени се од селото Долно Дупени.[8]
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Ресен, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Ресен.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Ресен. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Ресен.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Љубојно, во која покрај селото Арвати, се наоѓале и селата Брајчино, Долно Дупени, Крани, Љубојно, Наколец, Сливница и Штрбово. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од некогашната Општина Крани, во која влегувале селата Арвати, Крани, Сливница и Штрбово.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1652 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште на селото Крани.[9]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 798 гласачи.[10]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[11]
- Црква „Св. Богородица“ — над селото, се смета дека потекнува од времето на Цар Самоил;
- Црква „Св. Никола“ — источно од селото, изградена пред XVII век;
- Црква „Св. Архангел Михаил“ — главна селска црква, се претпоставува дека порано бил манастир со монаси;
- Црква „Св. Недела“ — мала црквичка, северно од селото.
- Реки
- Кранска Река — позната и како Арватска или Шара, поминува низ селото
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Голема Богородица (28 август) — селска слава
Личности
[уреди | уреди извор]- Алексо Лозановски (р. 13 мај 1934) — македонски поет и раскажувач
- Ристо Гулев Котевски — македонски револуционер од ВМОРО.[12]
- Лазар Димев Секуловски — македонски револуционер од ВМОРО.[13]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]До 1949 година од селото имало иселеници во САД (две семејства).[8]
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Реката Шара низ селото
-
Црквата „Св. Архангел Михаил“
-
Влезот на селото со знакот за добре дојде
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 2,15 2,16 Јовановски, Владо (2005). Населбите во Преспа (PDF). Скопје: Ѓурѓа. стр. 35–42. ISBN 9789989920554. Посетено на 17 декември 2016.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 11. Посетено на 17 декември 2016.
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 241.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 170-171.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 декември 2016.
- ↑ 8,0 8,1 Русиќ, Бранислав. Преспанска област. Архивски Фонд на МАНУ, к-2, АЕ 87.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2016). Илинденски сведоштва. том II, дел II. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link) - ↑ . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно
|title=
(help)CS1-одржување: друго (link)