Прејди на содржината

Томас Хобс

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оваа статија е за филозофот Томас Хобс. За информации за стрипот на Бил Ватерсон со тигар по име Хобс, видете Калвин и Хобс.
Томас Хобс, детал од портрет од Џон Мајкл Рајт (Национална портретна галерија, Лондон)

Томас Хобс (англ. Thomas Hobbes, 5 април 15884 декември 1679) — англиски политички филозоф, продолжувач и систематизатор на класичниот англиски емпиризам.

Животопис

[уреди | уреди извор]

Во својот долг живот, Хобс бил сведок на бурни настани во Англија: борбата меѓу парламентот и феудалните сили собрани околу кралот, свикувањето на „Долгиот парламент“ во 1640 година, граѓанската војна од 1642 до 1648 година, погубувањето на кралот Чарлс I во 1649 година и прогласувањето на републиката, диктатурата на Кромвел од 1653 до 1658 година и реставрацијата на монархијата во 1660 година. Притоа, во борбата на парламентот против кралот, тој се определил на страната на кралот и поради тоа, во 1640 година, морал да побегне во Франција. Но, по победата на револуцијата, тој ја застапувал тезата за помирување со буржоазијата, така што се разделил со ројалистите и во 1651 година се вратил во Англија, каде што наишол на поволен прием. По враќањето на монархијата, дворските и црковните кругови му замерувале за неговото претходно однесување, но кралот Чарлс II Стјуарт (кој бил негов ученик) се однесувал кон него со големо почитување (иако, иронично, го забранил печатењето на неговите книги).[1]
Сепак, Хобс никогаш не се вклучил непосредно во политиката, туку цело време останал доследен на научната работа. По завршувањето на студиите во Оксфорд, тој стапил во служба кај баронот Кевендиш (Cavendish) од Хардвик (Hardwick), подоцна познат како Ерлот од Девоншир (Earl of Devonshire), каде работел како домашен учител и сопатник на неговиот син при патувањата. Притоа, тој имал можност во три наврати да патува низ Европа, и тоа: од 1610 до 1613 година, во 1629-1630 година и од 1634 до 1636 година. Овие патувања низ Франција и Италија извршиле големо влијание врз неговиот интелектуален развој, бидејќи таму Хобс запознал бројни истакнати филозофи, како: Гасенди, Галилеј, а можеби и Декарт. Исто така, Хобс му помагал на Бекон во преведувањето на неговите „Есеи“ на латински јазик, водел полемики со бискупот Брамал (Brahmall) за слободата на волјата и со математичарот Валис (Wallis), ја напишал историјата на „Долгиот парламент“, го превел целокупното творештво на Хомер на англиски јазик, напишал црквовна историја во стихови итн.[2]

Философскиот систем на Хобс

[уреди | уреди извор]

Централното место во филозофијата на Хобс го зазема проблемот на методот на научното истражување. Во тој поглед, критички оценувајќи ги емпиристичкиот метод на Бекон, рационалистичкиот метод на Декарт и методите на математичко-физичките науки, Хобс настојувал да изврши синтеза на емпиризмот и рационализмот. Сепак, тој не останал само на прашањето на методот, туку изградил свој заокружен материјалистички филозофски систем.[3]

Дефиниција и поделба на филозофијата

[уреди | уреди извор]

Според Хобс, филозофијата претставува „рационално спознание на последиците или појавите од нивните познати причини или извори и обратно, спознание на можните причини или извори од познатите последици“. Притоа, Хобс го прецизирал поимот „рационално спознавање“, истакнувајќи дека тоа не ги вклучува знаењето што почива на осетите и паметењето, ниту пак практичниот разум. Наспроти тоа, „рационалното спознавање“ претставува сметање, т.е. собирање и одземање. На пример, преку собирање на својствата „четириаголник“, „правоаголен“ и „со исти страни“ заклучуваме дека се работи за квадрат. Во продолжение, според Хобс, предмет на филозофијата е „секое тело чие произведување поимно го сфаќаме и кое во тој поглед можеме да го споредиме со другите тела; или исто така, кај кое се врши сложување или разложување, т.е. секое тело за чие произведување и за чии својства имаме спознание“. Во согласност со оваа дефиниција, Хобс смета дека предмет на филозофијата не претставува учењето за бога, за ангелите и другите измислени суштества кои не се тела, зашто тие можат да бидат само предмет на верувањето, а не на науката.[4]
Од својата дефиниција на филозофијата, Хобс ја изведува нејзината поделба: имајќи предвид дека филозофијата ги проучува телата, а постојат два вида тела (природни и вештачки), таа се дели на две гранки - филозофија на природата и филозофија на државата. Меѓутоа, човекот е елемент на вештачкото тело (државата), но истовремено, тој е најсовршеното природно тело и, оттука, Хобс разликува и трета гранка - филозофија на човекот. Овие три дела на филозофијата, тој ги обработил посебно во трите тома на „Елементи на филозофијата“.[5]

Методот на филозофијата

[уреди | уреди извор]

Хобс е значаен и по тоа што го направил првиот обид за синтеза на индукцијата и дедукцијата (емпиризмот и рационализмот) во новата филозофија, иако во тој поглед, неговите обиди не се целосно јасни и доследни. Врз основа на дефиницијата на филозофијата, Хобс го дефинира методот на филозофијата како „најкусиот пат да се пронајдат последиците од нивните познати причини и причините од нивните познати последици“. Оттука, Хобс заклучува дека постојат два основни метода во филозофијата: композитивен или синтетички и резолутивен или аналитички. Со првиот метод ги изведуваме последиците од нивните причини, а со вториот метод ги откриваме причините на последиците, кои ни се дадени преку искуството. Притоа, синтетичкиот метод е идеал на научното спознание, но тој почива врз некои почетни, основни принципи, кои ги дава аналитичкиот метод. Така, во шестата глава на делото „De corpore“, Хобс на различни места го опишува односот меѓу двата метода, велејќи дека методот на филозофијата е „делумно синтетички, а делумно аналитички“, дека „аналитичко е поставувањето на принципите поаѓајќи од сетилното набљудување, а напротив, останатото е синтетичко“ итн. Првите принципи кои се поставуваат со аналитичкиот метод се основните дефиниции - универзалиите, кои се „познати од природата“ и на кои „им треба објаснување, но не и доказ“, т.е. „ним не им е потребен никаков метод“.[6]

Логички, онтолошки и природно-филозофски погледи

[уреди | уреди извор]

Своите логички, онтолошки и природно-филозофски погледи Хобс ги изнесол во делото „De corpore“.[7] Неговата логика е номиналистичка. Според него, основен елемент на мислењето е „името“, кое извршува двојна функција - тоа е „белег (nota)“ што нè потсетува на некои наши поранешни мисли, но исто така, тоа е и „знак (signum)“, односно средство за соопштување на нашите мисли на другите луѓе. Притоа, имињата немаат никаква сличност со нештата кои ги означуваат, туку тие се даваат произволно. Со собирање, т.е. поврзување на две имиња настанува „реченицата (propositio)“ со која се изразува дека двете имиња се однесуваат на ист предмет, т.е. „првото име е содржано во второто“. Преку собирање на две реченици кои имаат заедничко име се доаѓа до силогизмот, со кого настанува трет суд којшто поврзува две неповрзани имиња.

Според Хобс, поединечните нешта на кои им даваме имиња може да се поделат на четири категории: тела, акциденции, фантазми и самите имиња. Од нив, независно од субјектот и потполно самостојно постојат само телата. Притоа, тој го дефинира „телото“ како „она што независно од нашето мислење се поклопува со кој и да било дел од просторот или се протега заедно со него“. Според, тоа Хобс дава механистичко-материјалистичка дефиниција на телата според која единствената нивна одлика е просторноста, простирањето. Но, простирањето не е исто што и телото, туку тоа е само акциденција на телото. За акциденцијата, Хобс дава две дефиниции: според едната, акциденцијата е „способност на телото со која тоа предизвикува кај нас претстава за себе“, додека според другата, таа е „начин на нашето забележување на телото“.

Притоа, постојат различни видови акциденции: некои, како просторноста и обликот, се заеднички за сите тела, кои не можат да постојат без нив; другите акциденции, како мирувањето, движењето, бојата не се заеднички за сите тела, така што може да исчезнат, а телото да продолжи да постои. Акциденцијата поради која на некое тело му даваме одредено име се нарекува суштина или „есенција“. Доколку есенцијата е произведена, таа се нарекува „форма“. Во однос на која и да било акциденција, телото се нарекува „субјект“, а во однос на формата - „материја“. Според Хобс, материјата којашто им е заедничка на сите тела и која, според Аристотел, се нарекува materia prima, не е некое посебно тело, туку претставува само корисно име кое „ја означува претставата за телото без оглед на формата и акциденцијата, исклучувајќи ја само големината или пространоста и способноста да прима форми и акциденции“.

Според Хобс, просторот и времето не се ниту акциденции на телата, туку тие се само фантазми, т.е. само наши претстави за акциденциите на телата. Така, просторот само означува дека нештата постојат независно од нас, додека времето е „фантазма на порано или подоцна во движењето“. Значи, во основата на просторот лежат две акциденции (просторноста и движењето), но просторот и времето се само наши субјективни претстави за овие две објективни акциденции на телата. И не само просторот и времето, туку и сите фантазми и човечката свест, воопшто, имаат објективна основа, односно телата и нивните акциденции постојат независно од нашата свест, но свеста не може да постои независно од материјалните тела.

Оттука, во основата на сите психички процеси лежат осетите, кои се извор на нашето целокупно знаење за материјалниот свет. Но, осетите не се нешто нематеријално, туку тие претставуваат промена на телото кое осеќа. Причина на осетите се материјалните тела, кои непосредно (вкус, допир) или посредно (мирис, вид) вршат притисок врз некој сетилен орган. Тој притисок се пренесува врз мозокот и срцето, каде што предизвикува отпор и противпритисок, кој, бидејќи е насочен кон надвор, изгледа дека е надвор од човекот. Според тоа, различните сетилни квалитети се само различни видови движење на материјата, а осетите се само фантазми на внатрешните движења кои настануваат во нас како последица на делувањето на надворешните предмети врз сетилните органи.

Како што може да се забележи, целото логичко, онтолошко и психолошко учење на Хобс почива врз тезата дека единствено постојат поединечните тела со нивните акциденции. Таквата теза е номиналистичка, бидејќи општите поими ги третира само како произволно избрани имиња. Истовремено, неговата теорија е механицистичко-материјалистичка, зашто постоењето на материјалните тела ги сведува само на нивната просторност, а сите промени на телата на механичко движење. На тој начин, учењето на Хобс претставува продолжение на средновековниот англиски номинализам, како и на механицизмот на Френсис Бекон.[7]

Учењето за државата

[уреди | уреди извор]

Хобс целосно раскрстил со средновековното учење за државата како најсовршена природна заедница, која е дел од светскиот божествен поредок. Хобс го сметал за заблуда мислењето дека човекот по својата природа е општествено суштество. Напротив, по својата природа, човекот е егоист и се стреми кон самоодржување, и тоа по секоја цена, т.е. тој настојува да го одржи својот живот дури и за сметка на туѓата штета. Неговиот траен стремеж за владеење со другите луѓе исчезнува единствено кога човекот ќе умре.[8]

Според Хобс, сите луѓе, горе-долу, се еднакви по своите телесни и духовни способности и затоа имаат подеднакво право на сите нешта. Поради стремежот да завладеат со истите нешта, луѓето меѓусебно војуваат, настојувајќи да се уништат. Со други зборови, по својата природа, човекот му е на човека волк (Homo homini lupus). Бидејќи секој човек е потенцијален непријател на другите луѓе, кај секого се јавува страв да не биде нападнат и уништен, а стравот и недовербата водат кон војна. Имено, најдобриот начин за човекот да се одбрани од другите луѓе е да ги осуети нивните намери така што ќе ги покори. Оттука, природната состојба на луѓето се одликува со војна на сите против сите (bellum omnium contra omnes). Во таа состојба, не постои праведност ниту мир, туку секој има право да прави сè што е потребно да се заштити и да ги покори другите луѓе, така што човековиот живот е „осамен, беден, валкан, суров и краток“.[9]

Стравот од смртта и стремежот за мирен живот ги поттикнува луѓето да побараат излез од состојбата на постојана војна, а разумот зборува дека излезот е во мирот. Притоа, разумот ги открива природните закони, а под „природен закон“ Хобс подразбира општо правило на разумот кое пропишува што човекот мора, а што не смее да прави за успешно да се одржи во живот. Сите природни закони произлегуваат од првиот, основниот закон кој вели дека секој треба да се стреми кон мир, додека има надеж да го постигне, а кога мирот не може да биде остварен, тогаш може да започне војна. Од овој основен закон произлегува вториот закон, според кој, човекот, ако другите се подготвени да го сторат истото, и тој самиот мора да се одрекне од своето природно право на сè и да се задоволи со толкава слобода кон другите, колку што ним би им дозволил во односот кон себеси. Така, овој закон бара човекот да се одрекне од оние права кои, ако ги задржи, спречуваат да се постигне мир меѓу луѓето. Оттука произлегува третиот закон, кој бара да бидеме праведни и да ги почитуваме договорите со кои нашите права сме ги пренесле на другите. Исто така, постојат и други закони, како: да бидеме благодарни за добродетелството, да им ги простиме навредите на луѓето кои искрено се каат итн.[10]

Како што може да се забележи, природниот закон се разликува од природната состојба: таа е состојба во кое владее природното право, т.е. правото на секој човек на сè или апсолутна слобода; од друга страна, природниот закон бара да се ограничи тоа право. Според тоа, државата е вештачка творба, односно таа не произлегува од природата на човекот. Државата настанува врз основа на договор со кој луѓето населени на определена територија пренесуваат дел од своите природни права на еден човек (монархија) или на група луѓе (демократија) при што владетелот треба да им обезбеди мирен живот. Хобс ја дефинира државата како апсолутна власт во која суверенот (владетелот) ја има целата власт, а сите поданици треба да му се покорат. Притоа, суверенот има неограничени права: тој одлучува за мир или за војна, пропишува награди и казни, им суди на луѓето, определува кои доктрини и религии се исправни итн. Исто така, народот нема право насилно да го смени владетелот, т.е. не смее да крева бунтови и револуции, бидејќи тоа би значело дека народот се буни против самиот себе, зашто суверенот владее во името на самиот народ. Според Хобс, апсолутната власт значи дека не постои посебна и независна законодавна или судска власт, ниту пак дека црковната власт може да биде над власта на владетелот.[11]

Инаку, Хобс немал единствено мислење околу тоа, која државна форма е најдобра - монархијата, аристократијата или демократијата. Така, во делото „Elements of law“, тој се произнесол дека монархијата е најдобра форма на владеење, но во делото „De cive“ тој вели дека во сите три форми народот треба да биде целосно послушен во односот кон власта. Слично на тоа, во делото „Leviathan“, тој истакнува дека воопшто не треба да се расправа околу тоа која форма е најдобра, туку секој од нив треба да се прифати таква каква што постои на определена територија, т.е. постоечката државна форма не треба да се менува.[12]

Хобс смета дека коренот на религијата се наоѓа во самиот човек, бидејќи неговата грижа за иднината го наведува да ги бара причините и да ги предвидува последиците. Но, бидејќи човекот не може да ги открие сите причини, тој има страв од смртта, од сиромаштијата итн. Овој страв, кој е последица на незнаењето, создава вера во божества кои се сметаат за причина на необјаснивите појави. Притоа, измислените верувања кои се јавно дозволени претставуваат религија, додека ако не се дозволени, станува збор за празноверие. Од друга страна, ако замислената невидлива сила навистина е таква каква што ја замислуваме, тогаш тоа е „вистинска религија“. Значи, Хобс ги изедначува поимите „религија“ и „празноверие“, зашто единствената разлика меѓу нив се состои во тоа дали верувањето е дозволено или забрането, додека „вистинската религија“ е само теоретски поим, без никаква примена во практичниот живот. Сепак, владетелот е тој што одредува кое верување е дозволено и исправно и тој одредува дали црковната власт ќе им ја препушти на црковните лица (папа, бискуп итн.).[13]

Општествено-политичката концепција на Хобс се одликува со многу слабости, иако за своето време таа претставувала значајно научно достигнување. Во прв ред, неговото учење за природната состојба како војна на сите против сите било засновано врз неисториската и метафизичката претпоставка дека постои една, вечна и непроменлива, човечка природа. Третирајќи ја државата како вештачка, рационално конструирана творба, Хобс останал во рамките на идеалистичкото сфаќање на државата и општеството. Всушност, тој не правел разлика меѓу поимите „држава“ и „општество“, а освен тоа, погрешно ги претставувал општествените односи како односи меѓу поединецот и општеството, односно не го познавал постоењето на општествените групи. Сепак, неговото учење претставувало голем чекор напред во споредба со средновековното теолошко учење за државата како составен дел на божјиот светски поредок, т.е. тој се трудел да го објасни настанокот на државата без помош на натприродните сили. Во продолжение, многумина критичари го оценуваат учењето на Хобс за апсолутната власт на суверенот како премногу реакционерно. Сепак, дури и во тој поглед, Хобс направил чекор напред, бидејќи не ја оправдувал апсолутната власт како дадена од Бога, туку ја темелел врз општествениот договор меѓу луѓето.[14]

Избрани дела

[уреди | уреди извор]

Хобс започнал да се занимава со филоофија релативно доцна, така што сите негови познати дела се напишани во неговите зрели години: Така, своето прво позначајно дело „Елементите на законот“ го напишал по бегството во Франција во 1640 година, т.е. кога имал над 50 години, а делото било објавено кога Хобс имал 62 години.

  • (1628) Превод на Историја на Пелопонеската војна од Тукидид
  • (1650) Елементите на законот, природен и политички (The Elements of Law, Natural and Politic), составено од
    • Човечка природа, или фундаментални елементи на политиката (Human Nature)
    • За политичкото тело (De corpore politico)
  • (1651-8) Философски елементи (Elementa philosophica)
    • (1651) За граѓанинот (De cive)
    • (1655) За телото (De corpore)
    • (1658) За човекот (De homine)
  • (1651) Левијатан, или материјата, формата, и моќта на заедницата, духовна и цивилна (Leviathan or the Matter, Form and Power of a Commonwealth, ecclesiastical and civil)
  • (1656) Прашања за слободата, потребата и случајноста
  • (1668) Левијатан (латински)
  • (1681) Посмртно: Бехемот, или долгиот парламент (Behemoth or the Long Parliament)
  1. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 34.
  2. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 34-35.
  3. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 33.
  4. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 36.
  5. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 37.
  6. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 38-39.
  7. 7,0 7,1 „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 40-43.
  8. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 45.
  9. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 45-46.
  10. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 46.
  11. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 46-47.
  12. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 47-48.
  13. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 48-49.
  14. „Thomas Hobbes“ во: Gajo Petrović, Engleska empiristicka filozofija: Odabrani tekstovi filozofa. Zagreb: Matica Hrvatska, 1955, стр. 49-51.