Париз
- Оваа статија е за главниот град на Франција. За други значења видете Париз (појаснување).
Париз (француски: Paris) е главен град на Франција, а воедно претставува и административен, политички, стопански, културен и образовно-научен центар на таа земја. Градот лежи на бреговите на реката Сена во северниот дел на Франција, во регионот Ил-де-Франс т.е. парискиот регион.
Париз | |
---|---|
Земја | Франција |
Управа | |
• Градоначалник (2008-2014) | Бертранд Делано (СП) |
Население 1 | 2,167,994 |
Час. појас | CET (UTC+1) |
2 Единечно пребројување: жителите на повеќе општини (на пр. студенти и воени лица) се бројат само еднаш. |
Големината на градското подрачје е ограничено уште во 1860 година и поради тоа Париз е со константен број на население од околу 2.200.000 жители. Меѓутоа во поширокото градско урбано опкружување, живеат над 12 милиони жители и со тоа овој регион е еден од најнаселените региони во Европа, по регионите околу Москва и Лондон.
Париз веќе неколку столетија наназад има значење за економијата, културата, политиката, образованието, уметноста и науката во светот. Во најново време Париз е и седиште на високата мода, модните брендови, како и луксузот и естетиката на живеењето.
Според податоците од 2005 година,[2][3] Париз од градовите во Европа е со најразвинена економија и највисок БДП. Париз и парискиот регион со 534 милијарди € (2007) учествува со четвртина од вкупниот БДП на Франција. Во Париз се сместени и работат 37 од 500-те најголеми компании во светот според списокот Fortune Global 500.
Во Париз се сместени и многу меѓународни организации како УНЕСКО, Организацијата за економска соработка и развој (OECD), Меѓународната комора за трговија (ICC), како и неформалниот Париски клуб, додека пак во еден период тука било сместено и седиштето на НАТО.
Со годишна бројка од над 45 милиони туристи Париз е најпосетуваниот град во светот, како резултат на многубројните културни, историски и уметнички знаменитости, како и поради парковите и други атракции во градот. Поради тој факт Париз се нарекува и град на светлината или најромантичниот град во светот.
Етимологија
Денешното име на Париз потекнува од старите жители што живееле на тој простор - галското племе Паризи. Градот бил наречен Лутеција (или поточно Lutetia Parisiorum)во текот на првите шест века под окупација на Римската Империја. Името на градот го менува Јулијан Отпадникот (360-363) во сегашното име Париз. Некои научници сметаат дека името на племето Паризи потекнува од келтско-галскиот збор паризио - „parisio“, што во превод значи „работливи луѓе“ или “занаетчии“. До раниот 20-ти век, Париз бил познат и по името Панам (на француски: Paname) во францускиот жаргон (File:ltspkr.pngMoi j'suis d'Paname, т.е "Јас сум од Панам"), жаргон што повторно станува популарен кај младите луѓе последниве години.
На Париз му се даваат и многу прекари, како „град на светлината“ (француски: La Ville-Lumière) и „град на романтиката“, меѓутоа најмногу е прочуен како Град на светлината. Тој прекар му е даден на Париз бидејќи тој бил образовен центар, град на идеи и на култура, уште од Средниот век но сепак, поверојатно е да го стекнал поради неговото улично осветление [4]
Географија
Градот Париз е лоциран на реката Сена. На реката се наоѓаат и два острова во самиот центар на градот, еден помал островот Сен-Луј и другиот поголем островот Ил-де-ла-Сите, кој воедно претставува и атракција за туристите, бидејќи на него се наоѓа познатата Богородична црква, (Нотр-Дам) и мостот Понт-Неф (Новиот мост), кој денес впрочем е најстариот мост на реката Сена, изграден уште во 1607 година. Најниската точка на градот е на 35 метри надморска височина, додека највисоката е 130 метри надморска височина (ридот Монмартр).
Надвор од Париз постојат два големи парка и тоа, Булоњската шума и Винсенската шума. Тие зафаќаат површина од 86,92 km2. Во 1929 година двете шуми официјално биле споени со градот.
Клима
Париз има океанска клима и е под влијание на атланската струја и тоа доведува да нема некои големи температурни разлики во текот на годината.
Париз има релативно топли лета со просечна највисока температура од 25 °C (77 °F) и просечна најниска температура од 15 °C (59 °F). Зимите се студени, меѓутоа без поголеми минусни температури, со просечни температури од 3 °C (37 °F) до - 8 °C (46 °F). Пролетните и есенските денови се претежно со блага температура и со умерени студени ноќи. Врнежите се чести во текот на целата година и често може да дојде до ненадејни врнежи во текот на денот. Годишниот просек на врнежи е 642 mm/m2. Снегот е релативно ретка појава во Париз.
Највисоката температура некогаш измерена во Париз е 40.4 °C (105 °F), измерена на 28 јули 1948, додека најниската била −23.9 °C (−11 °F), изнерена на на 10 декември 1879. Париз годишно просечно има околу 1789 сончеви часови, најмогу сонце има во јули, просечно по 240 часа месечно, а најмалку во декември 53 сончеви часа месечно.
Климатски податоци за Париз (1971-2000) | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Месец | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Извор: Météo France |
Историја
Почетоци
Најраните археолошки откритија кои содржат траги за постоење на населби во денешниот регион на Париз датираат уште од 4200 година п.н.е., додека податоците за племето Паризи, кои биле познати морепловци и трговци, се од 250 п.н.е..
Римјаните го зазеле Париз околу 52 п.н.е. и го прошириле градот на левата страна на реката Сена и на островот Ил де ла Сите. Гало-римскиот град бил наречен Лутеција. Во наредните векови Париз константно се ширел и прераснал во град со убави градби како палати, бањи, театри, форуми, амфитеатри и друго. Распадот на Западното Римското Царство и заземањето од страна на Германите довело до стагнација на градот. Градот го добива своето сегашно име Париз по падот на Западното Римско Царство. Франечкиот крал Клодвик I го прогласува Париз за главен град во 508 година.
Среден век и периодот до 19 век
Чумата се појавува во Париз во 1348 година, од којашто настрадале многу луѓе. Во 1466, пак од чума и од глад умреле 40.000. Во тој период Париз имал околу 400.000 жители.
Париз ја губи титулата на главен град за време на Стогодишната војна меѓу Франција и Англија. Приматот му го враќа кралот Карло VII Победникот во 1437 година. Подоцна центарот на државата се префрла во долината на Замоците на Лоара. Во 1528, кралот Франсоа I го пренесува центарот на моќ од Лоара повторно во Париз. За време на Француската религиозна војна (1562-1598) во градот се наоѓало седиштето на Католичката партија на Франција. За време на владеењето на Карло IX, додека се подготвувала венчалната церемонија на наследникот на тронот Анри IV, започнала Вартоломејската ноќ (ноќта меѓу 23 и 24 август 1572) и набргу масакарот врз протестантите се проширил низ целата земја. Во тој масакар биле убиени 50.000 протестантски верници. Во 1682, кралот Луј XIV го префрлил своето седиште од Париз во дворецот во Версај.
Околу сто година подоцна, во Париз се случила и познатата Француска револуција со напад на затворот Бастилја на 14 јули 1789 година, а во 1792 кралската монархија била гилотирана. На 31 март Париз паднал под владение на Русите, за првпат по 400 години градот бил освоен. Војските на Козаците и Калмиците влегуваат во градот.[5]
19 век
Парижаните револтирани од монархијата кренале Јулска револуција во 1830. Кралот Карло X бил принуден да абдицира од тронот. Со Февруарската револуција во 1848 година завршила монархијата на Луј-Филип I и се пристапило кон создавање на Втората Француска Република.
Индустриската револуција и Француската втора империја довеле до голем и брз развој на Париз. Преку железничките врски се овозможиле непречени миграции кон Париз и развој на индустријата во предградијата на градот.
Париз доживува масовна реконструкција за време на владеењето на Наполеон III Бонапарта. Со планот на архитектот барон Осман се изградиле нови улици, широки булевари и авении, се подобрила комуникациската врска со внатрешноста на земјата, се обновиле фасадите на зградите, се изградила водоводна и канализациона мрежа. Со тоа кралот се надевал дека ќе ги смири народните маси и ќе обезбеди нивна поддршка.
Во периодот од 1870 и 1871 година, градот се наоѓа под опсада, со која завршила и Франко-пруската војна. Со падот на кралот Наполеон III Бонапарта се формирала Париската комуна, при што народот ја презел власта, протерувајќи ја владата надвор од градот. Во борбите меѓу комуните и царската гарда загинале повеќе од 22.000 парижани.
Париз бил домаќин на Универзалната изложба одржана по повод на стогодишнината од Француската револуција. За таа изложба била изградена и прочуената Ајфелова кула, главен архитект на кулата бил Густав Ајфел по кого градбата го добила името. За време на изложбата во 1900 година било отворено и париското метро.
20 век
За време на Првата светска војна, Париз бил во близина на фронтот меѓу Франција и Англија од една страна, и Германија од друга. Со победата во Првата битка на Марна било спречено навлегувањето на германската војска кон Париз. Во повоениот период Париз станува главен центар на уметниците. Тука твореле: Стравински, Пикасо, Хемингвеј и многу други познати уметници од целиот свет.
На 14 јуни 1940 година, Париз паѓа во рацете на германските окупациски сили и останува сè до август 1944 кога бил ослободен, два месеца по инвазијата во Нормандија.
По војната, Париз започнува да се развива со забрзано темпо. Париските предградија започнале да се шират и се изградил најголемиот деловен кварт во Европа, Ла Дефенс (La Défense) со високи облакодери и модерни зданија.
Сè до 1970-тите повеќе предградија не биле индустријализирани, посебно северните и источните, и со доселувањето на емигрантите се зголемил бројот на невработени лица. Но со развојот на индустријата и високата технологија, во париската област се создал и напредок на оваа поле, па така денес Париз има најголем БДП, поголем од сите други градови во Европа.
21 век
Со цел да се намалат социјалните тензии во приградските зони и да се ревитализира економијата на Париз, се планираат неколку мерки од владата на Франција. Планот на претседателот на Франција, Никола Саркози е формирање на интегрирана метропола наречена Grand Paris со развој на предградијата каде живеат многу луѓе и отворање на работни места, како и инвестирање во софистицирана висока индустрија, и развој на научната дејност.
Во план за изградба се и неколку висококатници (над 300 m), кои биле одобрени во 2006 да се градат во деловниот кварт La Défense.
Култура
Опера и театар
Во Париз има големи оперски куќи, тука пред сè треба да се спомене Опера Гарние изградена во 19 век, исто така и модерната Опера Бастилја. Во 19 век постоеле и други оперски куќи како Опера на комиката, и театарот Лирик, којшто денес е познат како Градски Театар.
Театрите традиционално заземаат значајно место во културата на Париз, а тоа и денес е случај. Некои од главните театри во градот се Бобино, театрите Магадор и Гете-Монпарнез. Многумина од француските музички легенди својата слава ја стекнале во париските концертни сали, како Едит Пјаф, Морис Шевалије, Шарл Азнавур и многу други.
Храна
Париското кулинарство има глема традиција. Во градот има безброј ресторани и кафулиња, каде што туристите можат да уживаат во Француската кујна и нејзините специјалитети. Во градот се застапени и многу други кујни од светот.
Хотели
Хотелите се уште една причина за ширењето на туризмот во Париз. Во градот има многу луксузни хотели, но може да се најдат и просечни апартмани. Најлуксузен и најпознат е хотелот Риц (Hôtel Ritz), кој се наоѓа на плоштадот Вендом (Place Vendôme), а е отворен во 1898 година. Познат хотел е и хотелот Де Крилон (Hôtel de Crillon) сместен на плоштадот Конкордија (Place de la Concorde), отворен во 1909 година.
Туристички атракции
Централно подрачје
- Ајфелова Кула (Eiffel Tower) е железна кула изградена на Марсовото поле, покрај реката Сена. Тоа е највисоката градба во Париз и меѓу најпрепознатливите симболи не само на Париз туку и во светот. Кулата е именувана според нејзиниот архитект Густав Ајфел. Кулата е висока 300 метри, што одговара на околу 75 ката. Заедно со 24 метарската антена (72 стапки), структурата е висока 324 метри што одговара на околу 81 кат. Во времето кога завршила нејзината изградба во 1889 година, кулата била највисоката градба во светот, а останала највисока сè до 1930 година. Денес преставува една од најпосетените туристички атракции.
- Лувр (Louvre) е најголемиот музеј во светот. Сместен е во дворецот Лувр. Изграден е како утврдена палата за Филип Августус во центарот на Париз во оската на Елисејските Полиња. Делови од Лувр за првпат биле отворени за јавноста како музеј на 8 ноември 1793 година, за време на Француската револуција. Централниот двор, во кој се наоѓа пирамидата Лувр изградена во 1989, служи како влез во музејот. Музејот чува некои од најпознатите уметнички дела, како Мона Лиза, Девицата и Детето со Св. Ана на Леонардо да Винчи и Венера од Милос на Александрос од Антиок.
- Плоштад Конкорд (Place de la Concorde) е најголемиот плоштад во Париз. Се наоѓа во центарот на градот и од него започнува авенијата Елисејски Полиња. После плоштадот во Бордо, Плоштадот Конкорд е најголем во Франција. На плоштадот бил убиен на гилотина францускиот кралот Луј XVI. На ова место се наоѓа и египетскиот обелиск.
- Елисејските Полиња (Champs-Élysées) е широка авенија со многу луксузни продавници, кина, кафулиња, ресторани. Тоа е една од најпознатите улици во светот. Авенијата е долга 2 километри и тргнува од Плоштадот Конкорд на исток, па сè до Плоштадот Шарл де Гол на запад, каде се наоѓа и Триумфалната Порта.
- Плоштад Бастилја (Place de la Bastille)- каде се наоѓал познатиот затвор Бастилја, уништен за време на Француската револуција.
- Богородичната црква (Notre Dame de Paris) е готска катедрала на источната половина на островот Ил де ла Сите на реката Сена, со главен влез од западната страна. Ова е катедрала на Париз и седиште на архиепископот на градот. Богородичната црква се смета за најубавиот пример за француската готска архитектура. Името „Нотр Дам“ на француски значи „Нашата Госпоѓa“ (Богородица или Дева Марија).
- Ил де ла Сите (Île de la Cité) е еден од двата природни острови во Париз. Ил де ла Сите бил местото каде е основан градот Париз уште во праисторијата и од каде што започнал да се шири градот. Денес островот е позната туристичка дестинација, бидејќи на него се наоѓаат неколку симболи на градот.
- Триумфалната Порта (Arc de Triomphe) е споменик на плоштадот Шарл де Гол, познат и како плоштад Етоал. Се наоѓа на источната страна на Елисејските Полиња. Оваа порта ја изградил Наполеон Бонапарта, како израз на благодарност кон неговата војска, по неговите походи низ Европа. Тука е сместен и гробот на незнајниот јунак. Триумфалната Порта е висока 51 метар, а широка 45 метри.
- Монмартр (Montmartre) е рид на надморска височина од 130 метри, кој се наоѓа во северниот дел од градот, во осумнаесетиот округ (arrondissement), од десната страна на реката Сена. Монмартр е познат најмногу по базиликата Сакр-Кер (Свето срце) која се наоѓа на неговиот врв, но и како место за ноќен живот, познато по славните париски кабареа. Другата, постара позната црква на ридот е Сент Пјер де Монмартр, за која се тврди дека била место каде бил основан редот на Езуитите. Многу уметници имале атељеа и живееле на Монмартр, како на пример Салвадор Дали, Клод Моне, Пабло Пикасо, Винсент ван Гог и многу други.
- Монпарнас (Montparnasse) е кварт во Париз на левиот брег на Сена. Во овој кварт се наоѓа Пастеровиот институт. Под земја се наоѓаат познатите париски катакомби. Во почетокот на 20 век, Монпаранс бил центар на интелектуалниот и уметничкиот живот во Париз, кои главно ги сочинувале сиромашните емигранти.
- Латински кварт (Quartier Latin) е схоластички центар уште од 12 век. Сместен е на левата страна на Сена, во близина на Универзитетот Сорбона. Во овој кварт има многу ресторани, училишта и универзитети.
Париската област
- Ла Дефенс (La Défense) е предградие на Париз и претставува најголем бизнис центар во Европа и е меѓу најголемите во светот. Во Ла Дефенс има многу современи градби, висококатници, кои се едни од највисоките во Европа. Многу светски познати фирми тука имаат свои претставништва.
- Вал де Сен (Val de Seine) е една од најважните бизнис одредници во Париз. Тука се сместени и многу телевизиски куќи како Француската телевизија, ТФ1, Канал +, Еуроспорт и многу други.
- Сен-Дени (Saint-Denis) е предградие на Париз, во кое се сместени многу филмски студија. Предградието е познато и по тоа што е дом на најголемиот француски стадион Стад де Франс (Stade de France).
Паркови и градини
Во Париз има многу јавни паркови и градини. Меѓу познатите е Луксембуршка Градина, која се наоѓа во близина на Луксембуршката Палата. Во градот има и шума-паркови, како што се Булоњската Шума, Винсенската Шума и др.
Демографија
Според пописот од 1999, во Париз живеат 2.125.000, што е помалку од историски најголемиот број од 2,9 милиони во 1921 година. Париската урбана зона зафаќа површина од 2.723 km² и е 26 пати поголема од самиот град. Париз и регионот околу градот се една од најголемите мултикултурни области во Европа. Според пописот од 1999 година, 19,4% од целокупното население во Париз е родено надвор од Франција. Најголем број од нефранцуското население го сочинуваат доселеници од Кина и Африка.
Администрација
Париз е главен град на Франција и седиште на владата на Франција. Претседателот на Франција е сместен во Елисејската палата која се наоѓа во осмиот округ, додека седиштето на премиерот се наоѓа во Хотел Матињон (Hôtel Matignon) во седмиот округ. Министерствата се лоцирани на неколку локации од градот. Сенатот е сместен во Луксембуршката Палата, во шестиот округ, а долниот дом на парламентот во Палатата Бурбон. Најголемите француски судови се наоѓаат во Париз. Касацискиот суд кој е највисок суд во земјата се наоѓа во Палатата на Правдата на Ил де ла Сите.
Економија
Со БДП од 2007 во износ од 533,6 милијарди евра, регионот на Париз е со најголем БДП во Европа. Кога регионот би бил држава, би била 17-та најголема економија во светот, приближно голема колку холандската економија. Парискиот регион е главен француски економски центар. Париз нема специјализирана индустрија како некои други големи градови, туку повеќе индустриски гранки (финансии, ИТ сервис, технологија, висока мода и друго).
Според податоците од пописот, извршен во 1999 година, околу 5.100.000 луѓе се вработени во парискиот регион. Од нив, 16,5% работат во бизнис секторот, 13,0% во комерцијалниот сектор, 12,3% во производство, 10% во јавна администрација и одбрана, 8,7% во здравство, 8,2% во транспорт и комуникации, 6,6% во образование и 24,7% во други економски сектори. Од производствените сектори најголем е електронскиот со 17,9% од вкупната работна сила. Туризмот е значајна гранка и во неа се вработени околу 3,6% од работниците од парискиот регион.
Образование
На почеток на 9 век, императорот Карло Велики наредил во црквите да се даваат часови по читање, пишување и други образовни и научни вештини. Париз уште тогаш бил значаен црковен центар во Франција и постепено прераснувал во схоластички центар. Во раниот 13 век, во црковното училиште во Нотр Дам настава одржувале многу познати учители, но многу од нив под влијание на црквата предавале контроверзни учења.
Во Париз има многу основни и средни училишта, престижни образовни центри како Lycée Louis-le-Grand, Lycée Henri-IV и други. Во академската 2004-2005 година во градот со својата околина имало 17 јавни универзитети со 359.749 студенти. Тоа е најголема концентрација на студенти во Европа.
Катедралата Нотр Дам била првиот високо-образовен центар пред формирањето на Парискиот Универзитет. Сорбона е најпознатиот универзитет во Париз, кој е основан од страна на Роберт де Сорбон, кој бил теолог и схоластичар, а живеел и творел во средниот век.
Спорт
Најпопуларен спортски клуб во Париз е фудбалскиот клуб Пари Сен Жермен, кој е еден од најпознатите во Франција и игра на стадионот Парк на Принцовите. Познат кошаркарски клуб е Париз Баскет Рејсинг. Градот има и рагби тим Стад Франс Пари (Stade Français), кој е меѓу најпознатите во Европа.
Во предградието Сен-Дени се наоѓа најголемиот стадион во Франција Стад де Франс со капацитет од 80.000 гледачи и 5 ѕвезди на УЕФА. Тука се одигра финалето на светското првенство во фудбал во 1998. На овој стадион значајни натпревари играат француската фудбалска и француската рагби репрезентација.
Градот Париз бил домаќин на две Олимпијади, во 1900 и 1924, а во него се одиграле натпревари и од две светски првенства во фудбал, во 1938 и 1998 година. Париз е познат и по велосипедската трка Тур де Франс, која се вози низ цела Франција, а последната етапа од трката завршува на Елисејските Полиња.
Транспорт
Улогата на Париз како светски центар, наметнува потреба од квалитетен транспорт до и надвор од градот. Градот има повеќе видови на јавен превоз со цел брзо и квалитетно превезување на патиници од едно до друго место во градот. RATP e државна компанија за масовен превоз во Париз. Таа вклучува 654 автобуски линии, метро, трамвајски линии, RER железничка мрежа во густо населените области и OPTIL, приватна мрежа од автобуски линии.
Париското метро е назначајниот транспортен систем, со 300 станици, поврзани со 214 km мрежа и со 16 линии низ целиот град. Во Париз има 4 трамвајски линии, а во план е отворање на уште шест. Во Париз популарен е и велосипедскиот превоз со изнајмување на велосипед, познат како Велиб (Vélib'), со над 20.000 велосипеди дистрибуирани на 1450 јавни паркинг места. Во 2008 година е воведен и фери систем Вогу (Voguéo) на реките Сена и Марна.
Париз е поврзан со другите Француски и Европски градови со железница, со супер брзите TGV возови, како и со обични возови.
Париз има два големи аеродрома: Орли и Шарл де Гол (еден од најголемите аеродроми во светот, по број на слетувања и по број на примени патници). Во близина на градот се наоѓаат и два помали аеродрома.
Париз има и развиена мрежа од автопатишта, кои го поврзуваат градот со големите градови во Франција и Европа, како Лион, Лил, Стразбур, Нант и европските како Брисел, Франкфурт и др.
Збратимени градови
Париз има еден сестрински град и многу партнерски градови.[6][7]
Сестрински град
- Рим, Италија, од 1956 (Seule Paris est digne de Rome; seule Rome est digne de Paris / Solo Parigi è degna di Roma; Solo Roma è degna di Parigi / "Само Париз е вреден за Рим; Само Рим е вреден за Париз").
Партнерски градови
Наводи
- ↑ Excluding Bois de Boulogne and Bois de Vincennes
- ↑ Предлошка:Цитирана веб страница
- ↑ Предлошка:Цитирана веб страница
- ↑ . Кога во втората половина на 19-от век, кога баронот Осман, назначен од страна на императорот Наполеон III требал да изврши целосна трансформација на Париз во модерен град, да ги сруши старите квартови, да отвори широки авении целосно осветлени со нови улични светилки, претворајќи го градот од средновековен во модерен.
- ↑ Предлошка:Цитирана веб страница
- ↑ Предлошка:Цитирана веб страница
- ↑ Предлошка:Цитирана веб страница
Надворешни врски
Повеќе за Париз на збратимените проекти на Википедија | |
Дефиниции и преводи на Викиречник ? | |
Податотеки на Ризницата ? | |
Образовни ресурси на Викиуниверзитет ? | |
Новинарски известувања на Викивести ? | |
Мисли на Викицитат ? | |
Изворни текстови на Викиизвор ? | |
Прирачници на Викикниги ? | |
? | Информации за патување во Википатување ? ? |
- Официјална интернет страница на Париз (англиски)
- Туристичка интернет страница на Париз (англиски)
- Ил-де-Франс - туристичка интернет страница (англиски)
- Ил де Франс/Париз Париз на Curlie (англиски)
Статијата „Париз“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |
Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA Предлошка:Link FA